X
 10.01.2017 Образование

Интервју со проф. Гордана Сиљановска Давкова: Студентите и јас сме како Петко и Робинзон Крусо и обратно

Професорката Гордана Сиљановска Давкова од Правниот факултет „Јустинијан први“ е инспирација за студентите заради нејзините предавања, професионалност и објективност. Таа знае и пријателски да биде расположена. Заедно со професорот Димитар Гелев се омилени меѓу студентите од овој факултет



„Најфасцинантно кај неа е тоа што на предавањата, покрај програмата што е задолжителна од учебниците, внесува и многу други теми, како историски, така и актуелни. Навистина е чест да се слушнат ставовите и елаборирањата на експерт од нејзиниот ранг и задоволство ми е што можам да речам дека ми предавала“, ни напиша нејзина студентка.

Дека почитта е взаемна, ни потврди и Сиљановска- Давкова во ова интервју.
- Ретка привилегија е да бидете катаден опкружени со млади, љубопитни, потенцијално храбри и бунтовни луѓе - вели таа.

Факултети.мк: Студентите од Вашиот факултет Ве избраа за еден од најинспиративните професори. Ви значи ли ова?
- Нема позначајно признание за мене годинава. Повеќе ми значи и од трудот објавен од Routlеdge, на крајот од годинава. Дојде како круна, по неколкугодишните студентските евалуации, меѓу кои и неколкуте петки, како и по прекрасните студентски пораки до Дедо Мраз на факултетската елка годиниве. Ми дојде како волшебен лек, среде тешката настинка. Ми го стопли срцето и разбистри умот. Ме потсети дека вреди да се сака професијата, да се ужива сократовски во студентско-професорските дијалози, да се стимулира критичкото мислење, да се трага и почитува различниот став, да се биде подготвен и посветен учител, но и љубопитен ученик, кој прашува, слуша, споделува дилеми, не секогаш има единствени и сигурни одговори, се сомнева во конечни вистини, цел живот учи. За мене, часовите не се врзани за катедрата и учебниците, туку и за белетристиката во која има подлабоки правни и политиколошки анализи одошто во многу научни трудови, за предизвиците од реалноста, кои бараат креативен, а не догматски пристап. Студентите и јас сме како Петко и Робинзон Крусо и обратно.

Факултети.мк: Што Ве инспирира Вас кај студентите, за да им бидете и секако да останете посветени?
- Во ова време/невреме, за особена почит е студентската желба за знаење и студирање. Јас сум на факултет заради студентите и со своето однесување се обидувам да ги убедам дека направиле добар избор што решиле да студираат на „ мојот“ факултет и дека тој е и „ нивен“. Студентите се хетерогена популација, а учењето/ студирањето е индивидуален чин, но ретка привилегија е да бидете катаден опкру жени со млади, љубопитни, потенцијално храбри и бунтовни луѓе. Интелектуален и педагошки предизвик е да креирате и негувате отворен, пријатен, полемичен и критички амбиент, арена во која има место за секој кој сака да праша, да одговори, да аргументира, да се согласи или не, но и да молчи и слуша , ако сака. Се разбира, во секоја генерација има и погласни и поактивни, но и потивки и помолчеливи студенти. Важно е да се познаваат студентите и да се гради индивидуален пристап кон секој од нив. Важно е да се учат на култура на дијалог, на дискусија “ ad rem”, a не “ad hominem”, да се охрабрат, потикнат, разберат. Да не ги заборавам студентските бисери: слободоумни, вредни, луцидни, млади луѓе, ставови ве радуваат и збунуваат, ве тераат на промисла, на преиспитување, длабоко ве замислуваат и вознемируваат, ве инспирираат да читате, да проверите, да учите, да им се посветите уште повеќе.

Факултети.мк: Има ли некоја посебна причина што ве натера да ја изберете оваа професија и како е денеска да се биде учител?
- Се разбира. Од дете ми оставаа силен впечаток ликовите на исклучителните учители, во книгите , но и во текот на моето образование. Тие допринесоа да сакам да учам и да го ценам знаењето, да бидам одлична ученичка и студентка. И денес ги носам во мислите, заради темелноста, строгоста и правичноста. Тие ја родија кај мене желбата да бидам учителка, но ја зацврстија студентите со ваквите признанија! Се надевам дека ќе ги оправдам!
Подготвил: М.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование