X
 11.01.2017 Наука

Дали Хокинг е новиот Ајнштајн?


Стивен Хокинг

Тој е најпознатиот физичар од времето на Алберт Анштајн: Стивен Хокинг, за многумина е најголемиот гениј на нашето време.

Пред два дена Хокинг го прослави својот 75. роденден, побивајќи ја песимистичката медицинска прогноза што ја добил на почетокот на болеста, на 20-годишна возраст, токму кога почнал да го изработува својот докторски труд му била дијагностицирана амиотрофична латерална склероза или скратено - АТС.

Болеста многу брзо го заковала во количка и го изгубил гласот. Но и покрај инвалидитетот, овој физичар успеал самостојно да го води својот живот, како приватно – за што сведочат и двајцата браќа и трите деца, така и професионално. Како студент бил многу талентиран, но мрзелив, како што тврди и самиот. Откако се појавила болеста, се посветил на науката. Во 1979 година станал професор на универзитетот во Кембриџ, токму на онаа катедра која некогаш ја водел Исак Њутн.

Дали Хокинг е новиот Ајнштајн?

Во Кембриџ Хокинг дошол до најважните сознанија на полето на физиката. Поаѓајќи од Ајнштајновата теорија на релативноста, тој докажал дека Големата експлозија најверојатно е покрената од таканаречената „сингуларност“ - како непоимливо малечка точка што не може да се пресмета со постоечките формули или закони.

Омилената тема на Хокинг без двоуење се црните дупки, галактички монструми кои со силата на својата тежа голтаат сè што им стои на патот. Неговото најважно сознание на оваа тема е дека црните дупки не егзистираат вечно, туку полека испаруваат затоа што емитираат зрачење, таканаречена Хокингова радијација. Но, таа сè уште не е докажана и токму затоа Хокинг сè уште не добил Нобелова награда за физика. „Радијацијата на црните дупки и тоа како може да се измери, но за несреќа изгледа дека во нашето опкружување нема ниту една од нив“, наведува тој. И покрај недостатокот на докази, многу научници на тоа поле цврсто веруваат во постоењето на Хокинговата радијација. „Тоа е резултат што ќе потрае уште стотина години“, уверен е Брус Ален, директор на институтот за гравитациска физика „Макс Планк“ во Хановер , и самиот поранешен студент на Хокинг.

Но, дали навистина Хокинг е вториот Алберт Ајншатјн? Не, според многумина научници. „Сознанијата на Хокинг со сигурност не се толку важни како тие на Алберт Ајнштајн“, вели професорот по физика, Клаус Фреденхаген, од универзитетот во Хамбург. „Со теоријата на релативноста Ајнштајн пронајде нешто сосема ново, што дотогаш не постоеше, додека Хокинг главно делуваше во рамките на веќе постоечките теории и на тоа поле стигна до важни натамошни сознанија“, вели тој.

Меѓутоа, една работа е јасна: Хокинг, како никој друг пред него, успеа да ја направи космологијата атрактивна за пошироката јавност, кога во 1988 ја издаде книгата „Кратка историја на времето“ што стана најуспешното дело на научнопопуларната литература. Иако содржината на тоа дело е сè освен лесно разбирлива, сепак е продадено во милионски примероци, а Хокинг стана култна личност во светската јавност.

Овој Британец, и покрај сè, знае како најдобро да се претстави себеси пред јавноста. Така свој актерски настап имаше во една епизода од серијалот „Ѕвездени патеки“ каде играше покер против Алберт Ајнштајн и Исак Њутн – и победи! Себеси се глумеше и во популарната хумористична серија „Теорија на Големата експлозија“ . Во април 2007 му се исполни големата желба: да патува на параболичното летање со НАСА  за да ја искуси бестежинската состојба. Сликите од генијот кој лебди го обиколија светот.

Средба со папата Францис во Ватикан

Во ноември 2016 како член на Папската академија на науки и уметности се сретна со папата Францис во Ватикан, иако за себе вели дека е атеист. Бог го смета за „непотребен“ затоа што за создавањето на универзумот, не е потребен Бог  како објаснување. Но, истовремено, Хокинг предупредува на опасноста од контакти со вонземјани, го критикува Брегзитот и му става замерка на светот за односот кон војната во Сирија.

Пркос кон болеста

Вистинско медицинско чудо е што Хокинг со своите 75 години е во состојба да ги извршува сите овие активности.

„Го познавам уште од 1980 и никогаш не мислев дека Стивен ќе може да живее толку долго“, вели Брус Ален. Неговите колеги го опишуваат како „интензивен“ научник. Уште во својата младост Хокинг не бил во состојба да ги запишува формулите на табла или на хартија, што е вообичаена слика за еден физичар. Наместо тоа, тие комплексни пресметки тој морал да ги врши во својата глава!

„Тој е вонредно пријатен и отворен човек, и покрај тоа што е многу познат“, вели поранешната докторантка на Хокинг, Феј Даукер, денес физичарка на Империјал колеџот во Лондон. „Освен тоа, тој обожува да се шегува!“ Таа раскажува за случката кога дошла во институтот со својата нова фризура – избричена глава. „Хокинг само се насмеа и ме праша: Феј, зошто си се тепала со косилката?“

Но и покрај сите научни успеси и големи сознанија до кои стигнал, една работа и за генијалниот Стивен Хокинг останува вечна и неразјаснета мистерија на универзумот – жените. „Тие за мене се комплетна мистерија.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука