X
 12.01.2017 Живот

Еднособен стан во Кичево чини 10.000 евра, истиот во Охрид е 40.000 евра

Станбениот квадрат во земјава е најскап во Охрид, Центар и Карпош, додека становите се најевтини во Кичево, Прилеп и Велес, покажуваат податоците од Регистарот на цени и закупнини на Агенцијата за катастар на недвижности.



Ако имате 10.000 евра, дали да ги потрошите за нов автомобил од средна класа или пак со нив да си купите нов стан? Дилемата звучи неверојатно, но таа е реалност доколку се решите да купите стан во Кичево од 40 квадрати, кој може да го најдете за точно 10.240 евра.

Всушност, судејќи според последните податоци од Регистарот на цени и закупнини на Агенцијата за катастар на недвижности, во Кичево е најевтиниот станбен квадрат во земјава – 256 евра. Најскапиот квадрат во Македонија, пак, не е ниту на Водно, ниту во елитните приватни населби во скопско Злокуќани или Орман, туку во Охрид. Таму просечната цена на становите е 942 евра за метар квадратен. Веднаш зад Охрид се скопската општина Центар каде што метар квадратен станбен простор просечно чини 910 евра и општината Карпош каде што становите се 887 евра по квадрат. Во оваа статистика се вклучени становите во новоградби, но и старите станови.  

Освен во Кичево, најевтини се становите и во Прилеп и Велес. Во Прилеп станбениот квадрат просечно чини 269 евра, додека во Велес е 291 евро. Тоа практично значи дека становите во Охрид се речиси 4 пати поскапи од тие во Кичево.
Според официјалната статистика, во првата половина на 2016 година најмногу станови се продале во скопската општина Аеродром, додека продажбата најлошо одела во Виница и во Карбинци – таму не се продала ниту една недвижност. Судејќи според огласите за продажба на станови, најмногу се продаваат во Скопје бидејќи таму најмногу и се гради. После Скопје, најмногу станови се продаваат во Охрид и Битола, но атрактивни за продажба се и Куманово, Штип, Тетово, Гевгелија, Струмица и Гостивар.

Интересот за купување станови во помалите градови во источна Македонија е многу мал, речиси никаков. Токму поради тоа, на македонскиот исток речиси и да нема приватни инвеститори кои во моментов градат згради. Делчево, Берово, Пехчево, Виница, Македонска Каменица, се само дел од местата каде што малкумина бараат да купат стан.



- Не паметам некој во скоро време да продал или да купил стан во Делчево. Знам само дека многу луѓе се отселија, а нови не се доселуваат. Многу голем дел од луѓето од мојата генерација живеат во Скопје и другите поголеми градови во Македонија, а прилично голем дел се и во странство. Затоа и никој не гради нови згради, нема никаква побарувачка за нив – вели 34-годишната Анита од Делчево. 

Последните  податоци од Регистарот на цени и закупнини покажуваат дека во првата половина од 2016 година, 41% од продадените недвижнини биле станови, 7% куќи, а 11% градежно земјиште.


Просечни цени на станбен квадрат во Македонија

Охрид – 942 евра
Центар – 910 евра
Карпош – 887 евра
Аеродром - 815 евра
Кисела Вода - 764 евра
Ѓорче Петров – 625 евра
Струмица – 521 евро
Куманово – 494 евра
Битола - 486 евра
Гази Баба - 463 евра
Штип - 460 евра
Чаир – 443 евра
Тетово - 412 евра
Струга - 366 евра
Кавадарци - 319 евра
Велес - 291 евра
Прилеп - 269 евра
Кичево - 256 евра

Извор: Регистар на цени и закупнини
Подготвил: Д.Ф

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот