X
 19.01.2017 Живот

Кои се најважните луѓе на првото американско семејство

Кои се членовите на семејството Трамп чие влијание ќе биде големо по 20 јануари, кога новоизбраниот претседател на САД ќе ја преземе должноста.


Идното американско прво семејство е многу поврзано со цел еден клан на познати личности, кои се навикнати на медиумско внимание, со сметки во банка, какви што просечниот Американец тешко може да замисли. Ова се кратки биографии на  членовите на семејството Трамп.

Меланија

Родена е во Словенија и е трета жена на Доналд. Станала американски државјанин во 2006 година. Поранешна манекенка која зборува пет јазици, ретко се појавува во јавност. Спротивно на традицијата, таа нема веднаш да се пресели во Белата куќа, туку ќе остане во Њу Јорк додека нивниот десетгодишен син Барон не ја заврши учебната година.

Не е познато каква улога ќе преземе, иако вети дека ќе биде „традиционална прва дама, како Џеки Кенеди“ и ќе се грижи за злоупотребите на Интернет, како и за сиромашните жени.

Медиумите ја исмејуваа откако беше откриено дека на републиканската конвенција копирала дел од говорот на Мишел Обама. Таа се соочува со уште еден необичен проблем – ниеден дизајнер не сака да ја облекува.

Иванка

Претприемач, мајка на три деца, ќерката на Трамп се сели во Вашингтон, па сугерира дека Америка може да очекува активна прва ќерка, наместо прва дама.

Не е најавено дека ќе има некоја формална улога, но нејзиниот сопруг Џеред е именуван за специјален советник на претседателот. Се претпоставува дека Иванка ќе го преземе делот за борба за благородни цели со какви вообичаено се бават првите дами.

Во текот на кампањата се залагала за грижа за децата на вработените мајки и изедначување на платите кај жените и мажите, што се агенди за кои традиционално се залага Демократската партија.

Џеред Кушнер

Сопругот на Иванка, богат трговец со недвижнини е внук на Евреин кој го преживеал холокаустот и син на њујоршки мултимилијардер. Експертите велат дека тој е задолжен за смирување на темпераментниот Трамп и дека има големо влијание на него. Иако доаѓа од демократско семејство, тврдат дека тој бил „мозокот“ на претседателската камања на Трамп.
 
Дон помладиот и Ерика

Двата сина на Трамп официјално остануваат во Њу Јорк и го преземаат водењето на семејниот бизнис.
Дон помладиот го опишува татко му како свој најдобар пријател. Ерик е шест години помлад и изгледа дека секогаш е во друг план во однос на брат му. И двајцата се во сенка на сестрата Иванка.
Браќата предизвикале контроверзии со фалењето за своите ловечки способности и фотографиите со убиени животни за време на посетата на Зимбабве.
 
Тифани и Барон

Ќерката на Трамп од вториот брак, наводно го добила името според истоимената продавница за накит која се наоѓа пред кулата на Трамп. Дипломирала на универзитетот во Пенсилванија и објавила свој сингл во 2011 година. За разлика од своите браќа и сестри, таа нема политичко влијание на својот татко.
Најмладиот син Барон, има 10 години и оди во основно училиште. Најмалку се појавува во јавност и постојано е надгледуван од мајка си, која во повеќе наврати нагласила дека нејзина задача е да го заштити.

Клубот на поранешни жени

Трамп е првиот претседател кој е два пати разведен. Првата сопруга Ивана е поранешна чешка манекенка, која денес е претприемач и половина време живее во Њу Јорк, половина во Европа. Мајка е на неговите три најстари деца. Причината за нивниот развод била неговата афера со втората сопруга Марла Мејплс, со која се развел шест години подоцна. Таа застана до Трамп за време на неговата кампања.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот