X
 20.01.2017 Технологија

Разговор со актерот Гораст Цветковски, страствен гејмер: Го уриваме митот дека играњето игри е деструктивно!

Тврдам дека државното образование, особено ФИНКИ е најдобриот извор и вистинската насока за сите оние кои сакаат да се занимаваат со програмерството. На страна од сите курсеви, работилници и туторијали земени од торенти кои само би го надополниле образованието. Факултет си е факултет! – вели Цветковски, кој признава дека ФИНКИ му е неостварена желба



Сѐ е подготвено за петтото издание на Global Game Jam, што од утре, па во наредните два дена ќе се одржи во Скопје и во Битола. Еден од организаторите на настанот од МАГДА, Македонската асоцијација за развивање игри и страствен гејмер е актерот Гораст Цветковски. Со него поразговаравме за заедничката љубов на многу деца и млади, страст која расте од година в година.

Факултети.мк: Како гејмингот стана ваша страст?
-Мислам дека игрите се пасија на секое дете. Не постои дете, машко или женско кое не сака да оди на флипери или да игра игри. Работата е понатаму кој ќе продолжи да ја гаи таа пасија или пак на кој ќе му дозволат. Јас ја имав таа среќа моите родители да не ми прават никакви опструкции во тој поглед, па така, гејмингот ми беше и ми остана пасија до оваа секунда.

Факултети.мк: Расте ли интересот во Македонија за гејмингот, со оглед на тоа дека и game jam-от станува сѐ популарен?
-Во Македонија или барем во Скопје, во 90-ите и почетокот на 2000 година имаше суперразвиена гејминг-култура. Тоа беше бумот на персоналните компјутери и зачетокот на новата генерација на конзоли. Скоро сите маала имаат своја главна мрежна играчница каде што се собираа сите. И тие на кои игрите им беа пасија, но и тие што наоѓаа во нив само вентил и забава. Откако интернетот поевтини и стана достапен за секого, а игрите почнаа да ги прават онлајн онли, играчниците се испразнија, хардверот стана прескап за одржување и полека гејминг-компјунитито се оттуѓи. Но, од 2013 година кога почна првиот Global Game Jam Macedonia, потоа во 2014 се појави GG – емисијата за игри која оди секој понеделник на http://gg.mk , потоа се појавија и други случувања врзани за гејминг, целото компјунити заживеа. Луѓето сега знаат каде можат да се состанат и да разговараат за најубавата тема на светот.

Факултети.мк: Спомнавте дека некои од игрите што веќе биле направени на претходните маратони, станале и комерцијални производи. Можеме ли да издвоиме некои примери и дали може да се каже дека и една од целите на овие натпревари е токму тоа?
-Не е целта да се комерцијализираат продуктите - целта е да се демистифицира процесот на изработка на игра за да се охрабрат повеќе луѓе да се зафатат со тоа, особено во нашето општество. Без разлика, на светско ниво има многу игри кои се излезени од GGJ, а во моментот се самостојни игри кои носат сериозен профит. Такви се Surgeon Simulator и Portal. Наша игра која моментално е на Steem Greenlight програмата за предиздавање на игри е играта BOB RG 42 (https://goo.gl/g90whR) која беше победник на ланскиот настан во Битола. Ако ништо друго, омекнувањето на мислењето на родителите дека страста на нивните деца за играње игри е само деструктивна, што го „избоксувавме“ во минатите пет години, е голема сатисфакција, но и скок на општеството.



Факултети.мк: Годинава соработувате со ФИНКИ, таму ќе биде реализацијата на game jam-от за Скопје. Ви значи ли што е една високообразовна институција со одлично реноме ги отвори вратите за соработка?

-Јас сум сентиментално врзан за ФИНКИ. Тоа ми е неостварена желба. За жал, кога јас се запишав на тогашен Електрофакултет, програмата се сведуваше на најтешките три - четири предмети. Програмирањето беше незначително застапено во масата други предмети. Сега, секогаш кога имам каков било контакт со ФИНКИ ми се јавува желба да го студирам тоа. ФИНКИ особено се има издигнато технички - од програма, па сѐ до кадар и опрема со која располага. Јас сѐ уште тврдам дека државното образование, особено ФИНКИ е најдобриот извор и вистинската насока за сите оние кои сакаат да се занимаваат со оваа професија. На страна од сите курсеви, работилници и туторијали земени од торенти кои само би го надополниле образованието. Факултет си е факултет!

Факултети.мк: Кои се очекувањата од маратонот годинава?
-Забава, дружење, самопромоција на учесниците пред големиот број на скаути и компании кои се гладни за ваков кадар, нови добри игри, играње многу игри, дружење, дружење, дружење, контакти и нетворкинг меѓу себе, посетители кои се љубопитни да го демистифицираат тоа „правењето на игрите“, бесконечни дискусии за игри, хардвер и конзоли, потоа дружење, дружење, дружење...
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија