X
 29.01.2017 Живот

Иран му го возвраќа ударот на Трамп


Доналд Трамп телефонира

Во саботата Иран одлучи да го примени начелото на реципроцитет, по одлуката на американскиот претседател, Доналд Трамп, на три месеци да им го забрани влезот во Соединетите држави на Иранците и на жителите на други шест муслимански земји, соопшти министерството за надворешни работи на Иран.

„Исламската република Иран (...) почитувајќи го американскиот народ и штитејќи ги правата на своите државјани, одлучи да примени реципроцитет после навредливата одлука на САД во врска со иранските државјани, сè додека не се укине таа мерка“, истакна министерството во соопштение што било прочитано на националната телевизија.

Трамп во петокот потпишал извршна уредба со која на три месеци го забранува влезот во САД на државјаните на седум муслимански држави: Ирак, Иран, Либија, Сомалија, Судан, Сирија и Јемен, освен на државјаните кои поседуваат дипломатски и службени визи или кои работат за меѓународни установи.
 
Иранското министерство истакнува дека со „американската одлука се кршат меѓународните закони и дека таа нема да влијае врз постапките на иранската влада“, упатувајќи на фактот што САД, според пишувањата на иранските гласила, бараат информации за иранските туристи за да ја укинат мерката.

Министерството им наредило на своите амбасади и конзулати да преземат неопходни чекори за да им помогнат на иранските државјани кои се „оневозможени да се вратат дома, на работното место или на студии“ во САД.

По уредбата на Трамп, неколкумина Иранци биле спречени да се качат на авион на пат кон САД.  
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот