X
 07.02.2017 Издвојуваме

Зошто во Македонија не се применува Монтесори педагогија кога таа постои веќе 11 години?

Марија Монтесори уште пред еден век развила воспитно-образовен модел врз основа на систематско набљудување на детето, на неговото однесување, на неговите потреби. Набљудувањето и давањето на смислен одговор од страна на наставникот на потребите на детето е еден од најважните елементи на Монтесори педагогијата. А колку е успешен покажуваат резултатите на Финска. Оваа земја во своето образование прилично застапува елементи од оваа педагогија и нејзините ученици покажуваат најдобар успех на тестовите на ПИСА на ниво на Европа. Македонското Монтесори здружение деновиве го слави 11. роденден. За суштината на Монтесори педагогијата и како се применува разговараме со Билјана Стерјадовска-Стојчевска, дипломиран дефектолог и Монетсори педагог-мултипликатор.



Факултети.мк: Kога е формирано Македонското Монтесори здружение и како се роди таа идеја?
- Македонското Монтесори здружение овој месец полни 11 години од своето постоење. Формирано е во 2006 година од група педагози, психолози и дефектолози кои ја посeтуваа обуката за Монтесори педагогија, организирана од Германската владина агенција ГТЗ, МТСП и Баварското Монтесори здружение. Основачите на здружението уште од 2003 година работеа зедно на изучување и развивање на Монтесори педагогијата во Македонија и откако заврши обуката некако логичен чекор беше да се формира здружение кое понатаму ќе го негува и развива овој метод, во нашата земја.

Факултети.мк: Многумина го слушнале терминот Монтесори педагогија, но малкумина ја знаат неговата суштина. На кои основни принципи се темели овој начин на образование и воспитание и како воопшто почнал да се применува?
- Марија Монтесори го развила својот воспитно-образовен модел врз основа на систематско набљудување на детето, на неговото однесување, на неговите потреби. Тоа е еден од најважните елементи на Монтесори педагогијата – набљудувањето и давањето на смислен одговор од страна на наставникот на потребите на детето. При тоа наставникот е оној што секогаш поддршката ја дава воден од основанта максима на Монтесори пристапот: „Помогни ми да го направам тоа сам“. Значи наставникот делува за да создаде средина, материјали и услови во кое детето успешно самостојно ќе делува со што ќе ја јакне својата самодоверба, одговорност и свесност за своите, но и за потребите на другите. Низ овој основен принцип се проткаени и многу други суптилни принципи и начела според кој делува наставникот и возрасниот воопшто.



Факултети.мк: Овој начин на педагогија се применува повеќе од 100 години. Колкав успех има досега постигнато и на што се должи?
- Точно. Монтесори пристапот се применува повеќе од 100 години и причината поради која што толку долго време опстојува и дава успех е бидејќи го следи детето, неговите потреби и околината во која тоа живее и расте. Развојните фази и на детето се исти и во минатото и денес. Тоа што Марија Монтесори го утврдила преку набљудување на детето, модерната психологија го потврдува. Она што до денес ја прави применлива оваа педагогија е холостичкиот пристап што таа го има во својата основа.

Факултети.мк: Имало ли некогаш интерес принципите на Монтесори педагогијата да се имплементираат во образовниот процес во Македонија? И во градинките и во основното образование?
- Особено ми е драго што се повеќе воспитувачи и наставници се интересираат за Монтесори пристапот и се пријавуваат за обуките што ги организираме. Кога ќе почнете да ја истражувате оваа педагогија, тоа некако ви влегува во крвта и секогаш се обидувате да ја примените во своето делување. Ние на нашите обуки секогаш им кажуваме на учесниците да бидате подготвени на тоа: „Еднаш Монтесори, секогаш Монтесори“. И навистина и по повеќе години поминати од обуката тие го споделуваат тоа искуство со нас. Но, морам да признаам дека не постои интерес за системско имплементирање на Монтесори педагогијата во нашиот образовен систем, иако одредени сегменти има вклучено во националната програма.

Факултети.мк: Да направаиме паралела помеѓу најдрастичните разлики во воспитно-образовните процеси кои се широко применети кај нас и она што го постигнуваат Монтесори методите?
- Прво во традиционалното образование воспитно-образовната работа се изведува според однапред предвидени план и програма и активностите се исти и водени од страна на воспитувачите/наставниците. Во Монтесори училницата децата сами избираат што ќе работат. На овој начин децата учат и напредуваат според сопствен ритам, а не според однапред определен курикулум. Второ, децата во Монтесори училницата преку активна манипулација со Монтесори дидактичките материјали ги учат апстрактните поими на конкретен начин. Трето, во традиционалната училница од децата се бара поголем дел од времето да седат во клупа. Во Монтесори училницата на децата им се овозможува слободно да се движат и да работат на килимчиња на подот или на масичките. И на крај децата во Монтесори групите се мешани по возраст (по три календарски години), што ја охрабрува интеракцијата со деца на различна возраст, слично како во семејството. Во традиционалното образование децата се поделени според возраста со што се оневозможува помалите и постарите деца да учат едни од други. Ако ги анализирате реформите што во образованието ги спороведуваат останатите земји, на пример Финска ќе забележите дека овие сегменти се прилично застапени. А Финска е земја чии ученици покажуваат најдобар успех на тестовите на ПИСА на ниво на Европа.



Факултети.мк: Во Македонското Монтесори здружение работат педагози, психолози и дефектолози. Значи ли тоа дека мотодите Монтесори се применливи и кај деца со посебни потреби?
- Секако. Монтесори педагогијата го следи детето без разлика дали има или нема посебни потреби. При работата со деца со посебни потреби се прилагодуваат одредени принципи, но суштината останува иста.

Факултети.мк: Како се станува Монтесори педагог-мултипликатор и кој се може да го работи тоа?

- Монтесори педагогот прво треба да има познавања од развојната психологија, а потоа поминува повеќегодишна обука, насочена кон стекнување теоретски знаења, но пред се практични искуства. Монтесори педагогот кој што подолго време ја практицира оваа педагогија и помине одредени проверки, може да започне обука за Монтесори мултипликатор која што исто така е повеќегодишна. Но според мене најважно од се е што кај Монтесори педагозите се развива едно чувство на постојано самоевалуирање и надградување на сопстевната работа.


Подготвил: В.М.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Издвојуваме