X
 08.02.2017 Култура

Интервју со режисерката Ана Батева: „Хуморот е магичната врска помеѓу публиката и тоа што сакам да кажам“

Балканската приказна „Олово“ од Венко Андоновски вечерва ќе доживее премиера во Драмскиот театар во Ловеч, Бугарија



Колку тежи бремето на совеста? И какви средства користиме за да се избориме со неа? Успеваме ли да го издржиме товарот од последиците? Ова се дел од прашањата кои претставата „Олово“ од Венко Андоновски од вечерва ќе бидат поставени на сцената на Драмскиот театар од Ловеч, Бугарија. За тоа се погрижи македонската режисерка Ана Батева, една од најкреативните млади режисерки која своето образование по театарска и филмска режија го заврши во Софија, каде одлучи и да продолжи да работи. Дваесет и шестгодишната Ана Батева го скрати насловот на „Олово“. Таа веќе ѝ се претстави на нашата публика пред две години на Интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски“ во Скопје, каде со претставата „Буре барут“ од Дејан Дуковски, а во изведба на Младинскиот театар „Николај Бинов“ од Софија, освои неколку награди, меѓу кои и за најдобра режисерка. Лани соработуваше со струмичкиот театар каде ја постави „Мурлин Мурло“ од Николај Кољада.

Факултети.мк: „Олово на перница“ беше праизведен во Драмскиот театар во Скопје во 2011 година. Што тебе најмногу те привлече да се зафатиш со овој текст и со еден од нашите најпоставувани автори?

- Има многу причини за да го изберам текстот. Венко Андоновски е многу комплексен автор, многу конкретно тематски, кој многу добро умее да поставува философски прашања на еден достапен начин. Во текстот фигурираат и се преплетуваат толку многу теми, што за мене тоа беше огромен предизвик - како сите тие теми да ги обединам во една целина? Затоа и се решив да раскажам една балканска приказна, која ни претставува вивисекција на целото човечко битие со сите негови слабости, со сите негови грешки и аномалии, со сите негови црни и бели страни. Сакам да раскажам една приказна која никако не треба да дава одговори, ами да поставува прашања и тоа прашања што си ги поставувам самата. Колку тежи бремето на совеста? И какви средства користиме за да се избориме со неа? За изборот што го правиме. И успеваме ли да го издржиме товарот од последиците? Имаме ли доблест да си ги признаеме гревовите, па макар и пред самите себе? И воопшто, можеш ли да ја откупиш сопствената вина? Колку чини таа и каква е нејзината цена? Сепак, парите можат да купат и цел еден човечки живот, па дури и да го обезличат човекот како суштество. Тоа навистина е страшно, но се случува! Моќните го можат! Комуникацијата со авторот е многу важна



Факултети.мк: Дали во процесот на работа соработувавте со Андоновски?

- Се разбира. Уште од самиот почеток Венко беше информиран за секое мое решение во врска со неговиот текст - идејата, концепцијата, ликовите, пораката што сакам да стигне до публиката. За мене комуникацијата со авторот е од исклучително значење. Дури и насловот го коментиравме заедно. Буквалниот превод на бугарски не звучеше многу добро, даваше некако друга смисла на самиот текст и затоа се решивме за „Олово“, за да тежи повеќе.

Факултети.мк: Со оглед на тоа дека твориш, сепак, во странска иако блиска земја, имаш ли потреба да ја одржуваш непрекинливата врска со својата земја, избирајќи македонски автори? Сметаш ли дека токму таквите проекти влијаат и за зближување и подобро запознавање на двете култури меѓу себе?

- Кога избирам текстови не мислам за тоа од која националност се. За мене е поважно да имам што да кажам со нив. Важно ми е текстот „да ме фати за грло“ и да ме доведе до ситуација да не можам без него. Секако, изборот на македонските текстови произлегува и од тоа што ми се многу блиски, што добро ги познавам, а споделуваме и еднаква емоција. Но, во основа, секогаш се стремам изборот на текстот да буди некаков бунт во мене, како и извесно општествено незадоволство. Такви се и нашите автори - многу крајно социјално насочени, многу експресивни и општествено критични, многу искрени до болка, а истовремено и комични. А имено, хуморот е таа магична врска помеѓу публиката и тоа што ти сакаш да кажеш. Таков е мојот театар! Такви се и текстовите што ги избирам!

Факултети.мк: Како се одлучи за Бугарија? Студираше таму...малку за твојот пат како студентка, како и одлуката да останеш таму да твориш. Факт е дека Бугарија е држава со многу повеќе театри од Македонија, а и бугарскиот театар важи за еден од најдобрите на Балканот.

- Брат ми заврши фотографија во Бугарија и можеби тој беше една од причините да донесам таква одлука. Првите две години ми беа исклучително тешки поради јазичната бариера, затоа што не можев многу јасно да се изразувам и да ги споделам идеите. Но, со многу работа успеав да го совладам јазикот, макар што сѐ уште знае да се искраде по некој македонски збор, фраза или интонација, особено кога преведувам. Но тоа е нормално, јазичната шизофренија во мене ќе си остане за цел живот. Дипломирав во Драмскиот театар во Шумен со „Балканска“ од Дејан Дуковски и тоа за мене беше една исклучителна шанса да го започнам и продолжам својот театарски пат во Бугарија. После дипломирањето следуваа проекти во театарот во Стара Загора, Театар Софија, а се појавија и некои приватни, независни продукции. Но, она што тука ме задржува е бескрајната желба да се прави театар, и покрај не многу добрите финансиски услови. Затоа што, кога имаш енергија, кога имаш што да кажеш и го правиш тоа искрено и посветено, многу лесно ќе најдеш актери кои ќе застанат зад таа твојата идеја и ќе ја следат до крај. Така се случи монодрамата по Буковски, така се случи и „Буре барут“ - независни проекти, без пари, но со екипа која дише како едно и ти се доверува безрезервно; актери мотивирани од возвишеното чувство за театар. А тоа е бесценето! Имам одлични колеги полни со енергија

Факултети.мк: Како си прифатена во Бугарија, имаш ли некакви „проблеми“ дека си од Македонија?

- Секогаш има исклучоци и индивидуи кои живеат под притисок на предрасуди, но тоа е нормална појава, секаде има по некој таков. Дури и во Македонија, зарем не? Но навистина се случува ретко. Обично тоа што го правам се стремам да е искрено и кога ќе успеам, публиката не ја интересира од каде сум. Можам да се пофалам со одлични колеги, млади и полни со енергија, кои многу добро знаат зошто го прават тоа што го прават. Тоа нé држи заедно! Затоа и толку добро се разбираме и продолжуваме да соработуваме. Минатата недела бевме номинирани за Националните бугарски награди ИКАР за главна машка улога за Васко Дуев, за монодрамата „Сé на масата“ по Чарлс Буковски, во моја режија. А тоа е навистина големо признавање на национално ниво, особено за млади артисти како нас.



Факултети.мк: Пред две години ја доби наградата за најдобар режисер, а еден од актерите беше награден за најдобра улога, токму за „Буре барут“. Публиката беше одушевена. Може ли да ја видиме твојата нова претстава наскоро како гостување во наш театар?

- Ивајло Драгиев, актерот кој беше награден за „Буре барут“, во моментов игра главна улога во „Олово“ од Венко Андоновски. Тој е вистински професионалец и еден од младите за кое зборував погоре. Силно се надевам дека „Олово“ ќе гостува и во Македонија. Преговараме за некои од фестивалите, но сѐ уште е рано за конкретен одговор.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура