Животот е убав. И покрај сите проблеми, животот е чудо од убавина. Да го нема проклетиот човечки карактер кој во се` бара маана и туѓа вина, луѓето би оделе наоколу и би се восхитувале на убавините на животот. Порачувам такви баксузи: „Ќе знаеш дека животот е убав кога ќе станеш слеп“.
Македонците не потекнуваат од Александар. Бидејќи Александар Македонски во 20-та година успеа со војската да стигне се` до Индија. И почина во 32-та година од неговиот живот. А денешните македонски 32-годишни мажи со струјата, климата, патиштата, автомобилите, антибиотиците, мобилните и интернетот, не успеваат да си одат од мама и тато. Ова важи за сите народи на поранешна Југославија, освен за Словенците.
Народите се различни. Премногу патував за некој да ме увери дека сите народи се исти. Норвежаните и Србите се многу различни. Различни се Исланѓаните и Босанците. Грците и Англичаните. Русите и Холанѓаните. Кинезите и Чилеанците. Нигеријци и Германци. Во истите ситуации различно се однесуваат. Но најважно е да сфатите дека, без оглед на разликите, нема добри и лоши народи.
Рокенролот за мене е идеолошка музика, иако отпорот се појави како доминантни, конзервативни мисли. Рокот го шири англискиот јазик и теоријата за индивидуализам, која укажува на тоа дека поединците масовно се собираат за да ги слушаат своите идоли. И, бидејќи тоа се покажа доста успешно, приказната продолжува со илузијата дека рокот е вечна музика со вечно млади пејачи. Така Мик Џегер се`уште е млад, како и Пол Макартни. Боб Дилан не смееш да го фотографираш од блиску, но и тој е вечен младич. Тоа што станаа милијардери, лордови, се приклучија на естаблишментот, не е тема за дискусија. Во меѓувреме, сите други народи заборавија да пеат. Латиноамериканците не постојат ако не се латинорокери. Дали денес постои познат пејач на француски шансони, некоја Италијанка, Русинка? Нема. Само рокенрол.
Секој може да ја промени својата судбина. Не велам дека секој ќе успее да живее подобро, но и обидот е здрава одлука. Овој масовен плач над децата кои одат да работат во Ирска, Германија или Канада за мене е разбирлив од аспект на родителите кои би живееле со синовите и ќерките до нивната 60-та година, но е непродуктивен и штетен за младите. Денес не е работењето во странство како некогаш. Од Австрија дома може да се стигне за брзо време со авион, а за картата заработуваш со прекувремена работа во текот на викендот.
Не го сакам изразот „работно место“. Политичарите постојано ветуваат отворање на 50.000, 100.000, 300.000 нови работни места. Луѓето кои го слушаат тоа си замислуваат како нивните деца ќе одат да работат во канцеларија (тато ќе ги однесе за раче) и седат на маса, со пристојна плата, топол оброк, регрес и бонус на крајот на годината. Такви работни места нема. Ако барате на „Google“ англиски превод за „работно место“, ќе добиете опис од канцеларија, проток на светлина на маса, удобен стол на кој седите... Она што го нарекуваме работно место тие го викаат „job“ (работа). Ќе биде многу подобро кога луѓето од ова поднебје и нивните политичари, ја сфатат разликата помеѓу работно место и работа. Работа има доста. Нема работни места.
Луѓео го расипуваат својот живот и животите на другите. Сè се релативизира, сè се изедначува. Така било отсекогаш, така било во Римската империја и во средниот век, но овој век, овој почеток на милениумот покажува дека е исто да бидете правичен и предавник. Оној кој убива и оној кој лекува. Исто е магаре и голем професор.
Родниот крај е првата слика која ви излегува од сите мозочни клетки кога ќе помислите на зборот. Некои гледаат зелени ридови и мала река. Некои ја гледаат својата куќа со градина. Ретки се оние кои гледаат град, но можат да видат улица во нивното соседство. Јас гледам високи ридови, со повеќе камења отколку зеленила, морски брег без куќи и неколку острови во далечина. Иако сум роден во Загреб и го живеев детството во центарот на градот.
Автор: Горан Милиќ