X
 14.02.2017 Култура

Темната страна на Денот на вљубените, Св. Валентин


Слика од Св. Валентин

Да се биде вљубен можеби е најинтимното лично искуство што може човек да го има, иако е обележано од заеднички, споделени ритуали – бакнување, држење за раце, брак, разменување подароци, заеднички живот итн.

Оваа практика особено е забележлива на 14 февруари, кога даваме и примаме љубовни подароци, но ретко кој се заинтересирал за историската симболичка конотација на таквите гестови. Годинава, додека ја организирате прославата на Денот, земете ги предвид темната страна на историскиот контекст на празникот и глобалните традиции на прославување на љубовденот.

Контекстот на Денот на вљубените – и покрај недостатокот од писмени историски документи – е малку мрачен и повеќеслоен. Постојат најмалку тројца светители кои се врзуваат со потеклото на името на празникот – сите тројца биле Валентин и се верува дека секој од нив бил бизарно измачуван токму на 14 февруари. Едниот бил свештеник во Рим, другиот – бискуп во Терни, Италија, а третиот се смета дека живеел во Африка.

Празникот се смета за пагански. Античките Римјани го прославувале Луперкалија, празник што вклучувал жртвување и стројникување во деновите од 13 до 15 февруари. Денес, најверојатно, името на денот сме го извлекле од некои алегории од историјата на Стариот Рим поврзани со императорот Клавдиј Втори кој измачувал двајца Валентиновци.

Според нечии тврдења, Клавдиј Втори донел закон со кој им забранил на младите мажи во Рим да стапуваат во брак и да се свршуваат, бидејќи верувал дека неженетите мажи се подобри војници. Меѓутоа, еден свештеник во Рим, по име Валентин, продолжил тајно да ги венчава младенците. Откако се открило, Валентин бил погубен.

Друга легенда вели, додека Валентин бил во затвор, се вљубил во ќерката на чуварот. Пред да биде казнет со смрт, својата љубов ја обзнанил во писмо кое ѝ го пратил на девојката со потпис „твојот Валентин“.
Третата приказна зборува за религиозна, а не романтична, љубов: овој пат Валентин бил измачуван зашто одбил да се одрекне од својата религија.

Во 1969 година, Католичката црква го ревидирала својот календар, отфрлајќи речиси 100 прослави на светци чиишто историски корени биле сомнителни – еден од нив бил и Св. Валентин.

Без разлика на сè, Денот на љубовта сè уште се прославува со чудни традиции.

Во Јужна Африка, луѓето го литерализираат концептот на „поставување срце на ракавот“ со прикачување на имињата на нивните љубени на ракавите. Во Данска и Норвешка, луѓето пишуваат и си разменуваат „Gaekkebrev“, или љубовни песни и белешки што ги испраќаат анонимно. Единствен начин да се открие името на испраќачот е бројот на точките што го означува бројот на буквите во името. Во Словенија се верува дека на овој ден птиците меѓусебно се запросуваат и се венчаваат, поради што Словенците шетаат босоноги низ полињата за да го посведочат овој настан. Во Англија, жените си ставаат пет ловорови лисја под перницата, верувајќи дека ќе го сонуваат нивниот иден сопруг. Во Тајван луѓето си разменуваат цветни буќети. Бројот на цветовите во буќетите содржат симболички значења, како на пример, изразување симпатија, лојалност или вечна верност. Во Јапонија, жените често им приготвуваат чоколади и подароци на своите партнери. Велшките изрезбани дрвени „љубовни лажици“ со заплеткани симболи, го симболизираат клучот од нечие срце – традиција која датира од 17 век.            
 
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура