X
 16.02.2017 Живот

„Ова е Рик, тој ги има кодовите за уништување на светот“

Пријателот на Доналд Трамп одлично се забавувал на состанокот на американскиот претседател и јапонскиот премиер. Толку многу што не можел да се воздржи од фотографирање на луѓе чиј идентитет се чува како најстрога тајна. Како на пример со Рик, човекот кој ја носи торбата на претседателот со нуклеарни кодови.


Состанокот на американската и јапонската администрација во голф клубот „Маралаго“ во Флорида доби посериозен тон, бидејќи двата лидера добиле информации дека Северна Кореја лансирала проектил во правец кон Јапонија, кој во себе може да носи нуклеарна боева глава. Одеднаш масата за ручек се претворила во „командна соба на Пентагон“, на која Трамп и Абе ја разгледувале ситуацијата.

Во тој момент, Ричар де Агацио, богат сопственик на недвижности, пријател на Трамп, почнал да прави фотографии, од кои некои завршиле на „Facebook“. Меѓу нив е и фотографијата на Де Агацио со човек кој го претставил како „Рик“. Она што е интересно е дека фотографијата предизвикала општа тревога, заради можноста тоа да е Рик кој е задолжен за носење на торбата со кодови потребни на американскиот претседател за да лансира нуклеарен удар.

„Ова е Рик. Тој ја носи торбата за итни случаи на претседателот. Таканаречената „атомска топка“. Тоа е торба со сите содржини кои претседателот може да ги одобри и да започне нуклеарен напад кога не е блиску до командантните центри, како Собата за специјални ситуации во Белата куќа“, објаснил пријателот на Трамп на социјалната мрежа.

Ваквиот безбедносен пропуст и кршење на сите сигурносни протоколи веднаш предизвикале огромно внимание. Иако се избришани од изворот , сепак фотографиите се појавиле на стотина други места. Уште полошо е тоа што, пријателот на Трамп пред тоа на социјалната мрежа детално известувал за состанокот, па ја фотографирал и атмосферата.

„Беше фасцинантно да се видат активностите во текот на вечерта, кога стигнаа вести дека Северна Кореја лансирала ракета во правец на Јапониј. Премиерот Абе разговараше со своите вработени, додека претседателот беше во контакт со Вашингтон. Двата лидера потоа разговараа и брзо се подготвуваа за прес конференција. Ова е центар на акцијата“, воодушевено напишал за развојот на настаните Де Агацио.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот