X
 16.02.2017 Образование

Тема „Првачиња“: Не сум информирана ни 20 отсто од тоа што покажува ќерка ми на часовите

Револтирана сум од односот на наставниците кон родителите бидејќи се сведува на дистанца и недоволна размена на информации. Од родителите се очекува да имаат минимални прашања и барања, а кога ќе бидат повикани да покажат послушност, вели Андријана Е. од Скопје, мајка на прваче и наставник по странски јазик со работно искуство во приватно и во државно училиште



Во серијата текстови на тема „Првачиња“, како помина првото полугодие, како новата средина се одразува на децата, со што се соочуваат родителите, но и наставниците во нашиот образовен систем, разговараме со Андријана Е. од Скопје, мајка на две дечиња. Но, овојпат ги имаме и двете страни во една личност, бидејќи таа освен што е родител на прваче, наставник е по странски јазик со работно искуство и во приватно и во државно училиште. Така, преку нејзините забелешки ќе можеме да ја согледаме актуелната состојба во нашето основно образование од повеќе агли.

Андријана не е задоволна од училишниот систем и севкупниот начин на кој функционираат училиштата во нашата држава од неколку аспекти. Вели дека ќе си дозволи и да генерализира, бидејќи низ разговори со пријатели и други лица чии деца посетуваат прво одделение (и погорни одделенија) заклучила дека и тие го делат нејзиното мислење.

- Првенствено ќе се осврнам на основните (не)услови во кои би требало да функционира установа каде секојдневно по повеќе часови престојуваат и учат деца, а особено оние најмалите од прво одделение, чиј премин во училишниот систем треба да биде спроведен со голема грижа и топлина. Училиштата генерално се стари нереновирани или подзакрпени објекти, недоволно опремени со квалитетен инвентар или помагала и реквизити за успешно и непречено спроведување на наставата. Училишните дворови се запуштени, нема доволно зеленило, ниту пак игралишта за сечија потреба. Во оваа група ќе ги додадам и средствата за хигиена и лошите услови во тоалетите. Многу од горенаведеното паѓа на товар на родителите, нешто е задолжително, а за останатото доколку се постигне договор и се појави можност да се соберат пари, кои секако дека не се малку. Исто така, определени училишта се и недоволно обезбедени во однос на сигурноста на децата - вели таа.

Андријана смета дека поголемиот дел од наставниот кадар во нашите училишта е недоволно обучен и образован (и заинтересиран) за работа со деца (и деца со посебни потреби) и тактизирано, педагошко и диференцијално пренесување на знаењата во вистинска смисла. Голема улога игра и бројот на ученици во едно одделение кој не дозволува спроведување на определени наставни методи и воспоставување на коректен авторитативен однос од кој децата би имале долгорочен бенефит.

- Така, наставата и комуникацијата се сведуваат на еден површен и механички принцип врз база на стравопочит, преку кој децата стекнуваат погрешна слика за тоа што претставува учењето, како и зошто треба да се учи, кое е добро, а кое лошо однесување, што е дисциплина и што е одговорност. Мислам дека очекувањата на наставниците понекогаш се преголеми и нерационални во однос на возраста на децата и нивниот емоционален и интелектуален развој за таа конкретна возраст, и мислам дека истите тие очекувања некогаш им се даваат до знаење на непедагошки и многу површен начин - вели Андријана.

Тоа што се случува, а смета дена не треба да се дозволи, е што се употребува висок тон, честопати и несоодветен речник, се очекува од децата постојано да бидат способни да седат на столче 40 минути и да не почувствуваат потреба да станат, некаде не им дозволуваат ни да одат во тоалетот или да се напијат вода за време на часот, честа појава е и да не им се обрнува доволно внимание додека се надвор на одморите (немаат соодветен надзор и насока додека се надвор), училниците знаат да бидат нечисти и неуредни, а децата да ги губат своите училишни предмети или облеката.

- Можеби сето ова се случува поради вртоглавото настојување на наставниците да ја реализираат наставната програма на време (која во голем дел е комплетно апсурдна и спроведувана на папагалски принцип, без пракса) и да не бидат казнети, и понекогаш ми се чини дека само тоа им е важно. А тоа е многу жално. Многу сум револтирана од односот на настваниците кон родителите бидејќи се сведува на дистанца и недоволна размена на информации. Од родителите се очекува да имаат минимални прашања и барања, а кога ќе бидат повикани да покажат послушност. Јас сум убедена дека не сум информирана ни 20 отсто од она што мојата ќерка го покажува на часовите и во училиштето. Една од најлошите последици од ваквиот училишен систем е развивањето на компетитивност или некомпетитивност кај учениците. Наместо стекнување со вистинска самодоверба, длабоки и вистински морални вредности, развивање на внатрешни механизми за себемотивација, критичко размислување, еманципација, чувство за тимска работа, емпатија и одговорност кон себеси и околината. Сметам дека ваквиот образовен систем за жал ги оддалечува децата од она што навистина треба да биде еден квалитетен човек - категорична е Андријана.
Подготвил: В.Ф.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование