X
 17.02.2017 Образование

Марко Кртолица, најинспиративен асистент од Правен факултет: „Во амфитеатарот, пред студентите се чувствувам слободен“

- Може да го поседувате целото знаење на светот, но тоа ќе ви биде залудно доколку го пренесувате со арогантност и потценување на студентите. Така ќе ги одбиете студентите од себе и амфитеатрите ќе ви останат празни, а тоа секако не е целта на науката и образованието - вели асистентот Марко Кртолица од Правниот факултет Јустинијан први, кој според нашата анкета е еден од омилените асистенти меѓу студентите. Тој верува дека за да се биде добар професор мора прво да се биде добар човек. Најголем дел од денот го поминува заедно со своите студенти и се смета за среќен човек поради тоа.



На нашата анкета за најинспиративен асистент од државните факултети, студентите Ве избраа токму Вас. Колку Ви значи ова признание?

- Слободно можaм да кажам дека ова признаение е едно од најубавите признанија кои сум ги добил во мојот живот. Прекрасно е да се доживее чувството дека твоите студенти те сметаат за инспирација и пример. Верувам дека професорите и асистентите постојат за да го посветат својот живот токму на науката и студентите. Во таа насока сметам дека перцепирањето на професорите и асистентите од страна на студентите е од клучно значење во научно-образовната дејност. Може да го поседувате целото знаење на светот, но тоа ќе ви биде залудно доколку го пренесувате со арогантност и потценување на студентите. Така ќе ги одбиете студентите од себе и амфитеатрите ќе ви останат празни, а тоа секако не е целта на науката и образованието. Образувањето на млади луѓе е многу благородна и важна работа и затоа во образованието потребни се комплетни и неискомплексирани луѓе. Професори и асистенти, кои ќе поседуваат големо знаење од научната област што ја предаваат, но воедно и ќе имаат одличен однос со своите студентите. Професори и асистенти, кои ќе бидат пример и ќе мотивираат, инспирираат и поттикнуваат на повеќе знаење меѓу студентите. Затоа, мислењето на студентите за мене и мојата работа секогаш биле мој приоритет. Секогаш сум се трудел да бидам максимално посветен на нив и нивните проблеми, да ги научам, мотивирам, инспирирам и поттикнувам на максимално искористување на нивните капацитети, а притоа да внимавам никого да не повредам, оштетам или, пак, разочарам. Тоа бара многу работа и енергија. И затоа, ваквите признанија за мене преставуваат награда од непроценливо значење. Ваквите признанија се сигнал дека студентите ја препознаваат мојата посветеност и љубов кон професијата. Ми потврдуваат дека одам по вистинскиот пат и воедно ми даваат енергија и желба да продолжам да си ја работам работата најдобро што знам. Денот кога студентите повеќе нема така да ме доживуваат е денот кога ќе престанам да се занимавам со научно – образовната работа.



На прашањето зошто Ве издвојуваат токму Вас, голем дел од студентите ни напишаа дека имате оригинален пристап при предавањата, дека сте секогаш тука за нив, дека им влијате на самодовербата. Што Ве мотивира да го правите ова?

- Главната мотивација тоа да го правам се самите студенти. Тие велат дека јас сум нивната инспирација, но напротив тврдам дека тие се мојата инспирација. На ниту едно друго место не се чувствувам така слободен како што се чувствувам во амфитеатарот пред нив. Апсолутно тврдам дека поседуваме едни од најумните и најкреативните студенти во светски рамки. Ние на Правниот факултет имаме студенти, кои на реномирани натпреварите по меѓународна арбитража, дебатни турнири и натпреварувања во други области од правото, политикологијата, новинарството и односите со јавноста стојат рамо до рамо со студенти од најпрестижните светски универзитети. Жално e таа креативност и способност за критичко размислување да останат не поттикнати од наша страна. Тоа е еден голем потенцијал за кој малку треба да биде ослободен и искористен. Затоа на предавањата секогаш се трудам не само да им ја објаснам научната материја туку и да ги поттикнам да станат подобри студенти, подобри граѓани и подобри луѓе. Да ги уверам дека вредат и дека се способни за големи дострели во нивниот живот. За мене нема поголема сатисфакција од тоа кога ќе видам задоволни и заинтересирани млади луѓе на моите предавања желни за учење, кога ќе согледам дека сум придонел кон нивен интелектуален и духовен развој, кога ќе согледам дека сум придонел да грабаат кон нови предизвици на факултетот, но и вон него и кога ќе согледам дека сум успеал да им помогнам кога изгубиле надеж дека постои решение за нивниот проблем. Тука би сакал да истакнам дека голема улога во мојата работа имаат и професорите од мојата катедра преку нивната безрезервна поддршка, разбирање и стимулирање на мојата работа. Навистина е лесно, задоволство и чест да се соработува со такви професори. Кога на сето ова ќе ја додадете и мојата љубов кон професијата ќе го добиете целосниот одговор на горенаведеното прашање.



Кој учител, пак, Вас ви е инспирација, кој Ви оставил најдобар впечаток при вашето школување и од кого најмногу сте научиле како се станува добар професор?

- Верувам дека за да станете добар професор прво треба да бидете добар човек. Во таа насока на самиот старт би сакал да го издвојам влијанието на моите родители и моето пошироко семејство што успеале да ми пренесат вистински вредности и да ме научат да бидам скромен, одговорен, посветен, да ги работам работите со љубов и да знам да направам разлика меѓу добро и лошо поведение. Понатаму би сакал да истакнам дека во животот сум имал среќа да имам одлични наставници и професори и во основното училиште ,,Кирил Пејчиновиќ” и во средното училиште ,,Орце Николов”. Овие наставници и професори одлично ме подготвија за факултетските предизвици и убеден сум дека заради нив без никаков проблем овие предизвици ги совладав. Што се однесува до факултетското искуство тука би сакал тоа искуство да го поделам на период кога јас сум бил студент и на период кога сум почнал јас да предавам на студенти. Во моите студентски денови на Правниот факултет ,,Јустинијан Први” имав можност да имам прекрасни професори, но и прекрасни асистенти и демонстратори. Тие професори и асистенти ми помогнаа своето образование да го продолжам на Универзитетот во Грац и Универзитетот во Барселона каде што ги завршив своите магистерски студии во областа на Евроинтеграциите и регионализмот. На Универзитетот во Грац имав можност да се запознаам со проф. д-р Јосип Крегар, кој подоцна стана и ментор на мојата магистерска теза, и од него успеав да ја научам моќта на искреноста, непосредноста и посветеноста во работата со студенти. Инспириран од неговите предавања по барање на проф. д-р Рената Дескоска се пријавив на конкурсот за избор на демонстратор на Катедрата по уставно право и политички систем и на тој конкурс успеав да станам избор на сите професори на таа катедра. И тука почнува моето патување во светот на академската работа. Верувам дека за мојата научна и образовна работа најмногу придонеле токму професорите на мојата катедра. Имајќи можност да соработувам со врвни професори од областа на уставното право и политичкиот систем (Проф. д-р Гордана Силјановска Давкова, Проф. д-р Рената Дескоска, Проф. д-р Тања Каракамишева и Проф. д-р Марика Ристовска) од година во година јас созревав/м како научен работник, но и како човек. Благодарение на нив интелектуално се надоградив и навлегов длабоко во тајните на уставното право и политичкиот систем. Исто така, во работењето и дружењето со овие професорки имав можност да научам дека секогаш треба да бидам праведен и одговорен кон студентите. И можеби најбитното, од мојата менторка по докторски студии проф. д-р Силјановска научив дека секогаш треба да се трудам да ги научам студентите, а не да им покажам колку тие не знаат. На крајот би сакал да ја споменам и улогата на моите колеги со кои низ сите овие осум години работа на Правниот факултет заедно сме растеле, созревале интелектуално, сме се радувале на меѓусебните успеси и сме се бодреле кога ни било најтешко. Таква улога во мојот живот имаат и моето семејство, мојата сопруга и моите лични пријатели.



Кога се студентите во прашање, со кои постапки секојдневно Ве изненадуваат, како тие влијаат на Вас?

- Поминувајќи најголем дел од денот опкружен со студенти, јас секојдневно сум под нивно влијание. Тешко е човек да остане рамнодушен на нивната енергија. Дури и во деновите кога сум нерасположен или, пак, оптоварен со грижи, дружбата со нив во амфитеатарот ми помага нерасположението и грижите да изчезнат. Повеќе би сакал да кажам дека студентите со нивните постапки во секојдневието ме радуваат отколку изненадуваат. Успеваат да ме израдуваат со најразлични постапки. Почнувајќи од тоа како активно придонесуваат за квалитетот на моите вежби, преку одлично завршени домашни задачи и креативно спроведени симулации, па се до брилијантното совладување на испитната материја по нашите предмети. Но, посебно место кај мене имаат моментите кога ќе ми се пофалат дека постигнале голем професионален успех, дека се вработиле, или, пак, дека добиле стипендија да студираат на престижни факултети во светот. На нивните успеси се радувам како да се мои успеси. Верувам дека грижата и емпатијата за моите студенти треба да продолжи и кога веќе нема да бидат дел од моите амфитеатри. Или јас тоа знам да го кажам: еднаш мои студенти, цел живот мои студенти : ) Така, иако веќе со години дипломирани на нашиот факултет често се случува да останам во контакт со нив или, пак, определени поранешни студенти од некои нивни патување низ светот да ми донесат книга или, пак, друг симболичен сувенир бидејќи книгата, патувањето или сувенирот ги потсетил на мене и на моите предавања.

Зошто избравте да се занимавате и да ги проучувате општествените науки?

- Роден сум во фамилија во која мојата мајка е долгогодишен политички новинар,секогаш на страната на вистината и правдата, а мојот татко голем љубител и познавач на географија, филозофија и политика. Мојот дедо од страната на татко ми завршил на Голи Оток и потоа имал тежок живот баш поради политиката. Тоа значи дека во моето растење сум бил сведок, а подоцна и учесник во голем број дискусии и дебати на општествено значајни теми. Дополнително, мојот дедо од страната на мајка ми уште од најмали години преку раскажување на македонската историја ја разбудил мојата љубов кон оваа наука. Покрај историјата од секогаш сум се интересирал и за географијата, филозофијата, економијата и правото. И кога дојде денот да донесам одлука каде ќе студирам кај мене немаше никаква дилема. Се насочив на политичките науки бидејќи во нив пронајдов елементи и на историјата, и на географијата, и на економијата и на филозифијата и на правото. Никогаш не бркав оценки, туку знаење, а потрагата по знаењето ми го донесе еден од највисоките просеци во генерацијата и ми ја отвори вратата да студирам на престижни универзитети во Европа. Затоа, секогаш моите студенти ги советувам да трагаат по знаење и работите да ги работат со љубов и посветеност. Тогаш резултатите и успехот се неизбежни ... дури и во Македонија.

Подготвил: М.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование