X
 20.02.2017 Образование

Идните економисти и информатичари најзаинтересирани за летна работа во САД

Најпривлечни за македонските студенти се позициите каде што може да се добие бакшиш, како и работните места каде што работодавецот нуди бесплатно сместување, покажува искуството на вработените во компанијата „Коузон“.



Студенти од Економскиот факултет во Скопје и од ФИНКИ се најбројни меѓу пријавените за летна работа во Америка. Најмал интерес за ваквата програма покажале студентите од Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, покажуваат податоците од компанијата „Коузон“, една од првите специјализирани компании во Македонија која на македонските студенти им нуди можност неколку месеци во лето да работат во САД преку програмата Work & Travel.

Оваа програма секоја година привлекува голем број студенти, така што се очекува дека до завршувањето на пријавувањео повеќе од 2.000 студенти од земјава да си обезбедат патување и работа во САД во текот на летото. Пријавувањето за оваа сезона почна во октомври 2016 година,а ќе трае до крајот на месецов.

Искуството на вработените во „Коузон“ покажува дека македонските студенти се најзаинтересирани за работните места кои се нудат на Источниот брег, односно за тие во околината на Бостон и Њу Џерси. Не е мал бројот и на тие што бараат работа во одредени држави во внатрешноста, каде што има големи национални и забавни паркови во кои се нудат бројни работни позиции за студенти.

- Има и такви кои инсистираат да работат во големите градови како што се Њујорк, Мајами, Лос Анџелес и сл., но по разговорите со нас и укажувањата дека во тие градови е екстремно скапо да се живее, редовно се премислуваат. Многу студенти имаат поголеми амбиции од престојот во Америка отколку што реално самите можат да остварат. Ова особено важи за оние што аплицираат првпат бидејќи не знаат како функционира системот и самата работа во САД - вели Зоран Кочоски, генерален менаџер и сопственик на „Коузон“.

Тој додава дека иако сите понуди се атрактивни, студентите први ги избираат работните места во најатрактивните туристички дестинации. Најпривлечни се позициите каде што може да се добие бакшиш, како и работните места каде што работодавецот нуди бесплатно сместување.

- Реално, во Америка е многу лесно да се најде летна студентска работа , но многу е тешко да се најде соодветно сместување со ниска цена и блиску до работното место. Најдобра опција за оние кои одат првпат да работат во САД се забавните паркови бидејќи нудат многу бенефити за овие студенти - вели Кочоски.

Заинтересираните за програмата Work & Travel може да аплицираат преку „Коузон“ до крајот на февруари. Работата се добива по успешно поминато интервју на студентот со менаџерите за вработување од американските компании преку скајп или лично интервју во Македонија. По добивањето на работата, секој студент мора лично мора да потпише работен договор со идниот работодавец. „Коузон“ оваа сезона организираше 5 саеми за вработување на кои повеќе од 500 студенти имаа можност да се сретнат со нивните идни работодавци и да добијат работна понуда. Последниот саем за вработување за годинава ќе се одржи на 4 март во Скопје, каде вработените во „Коузон“ очекуваат уште 160 студенти да најдат летна работа во САД.

Атрактивноста на програмата Work & Travel ја препознаа и банките и штедилниците во земјава кои нудат студентски кредити што овозможуваат плаќање на рати и со одреден грејс период.

- Ова е навистина голем бенефит бидеки со многу мало учество, студентот учествува во програмата, а потоа со заработувачката што ќе ја оствари во Америка ги враќа сите трошоци за четиримесечниот престој во САД - појаснува Кочоски.
Подготвил: Д.Ф.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование