X
 21.02.2017 Образование

Психолог Ана Попризова: „Не кратете им го детството, тоа е закана за развојот на личноста на вашите деца!“

Родителите, мас-медиумите, маркетингот, притисокот од врсниците, сите тие ги туркаат девојчињата во прерана адолесценција, не оставајќи им можност да си го проживеат периодот на детската игра. Прераното облекување како девојки е еден од тие знаци



По детски бутици можат да се најдат мрежести чорапи за девојчиња од две години и нагоре, здолништа со животински принтови, штикли, бундички со крзно, чорапи до над колена... многу додатоци кои можеби се пристојни за возрасните... Грешат ли родителите доколку направат таков избор, скокаат ли фази во детскиот развој, односно, уште пострашно – го прескокнуваат ли детството? Ова се прашања што се наметнуваат. Додека едни мислат дека едноставно е „ин“ девојчињата да бидат облечени како мајките, други се ужаснуваат, а науката вели дека прескокнувањето на детството на таков начин е опасно. На темава поразговаравме со психологот и психотерапевт Ана Попризова, професорка во гимназијата „Орце Николов“ во Скопје.



-Современото општество е соочено со феноменот на хиперсексуализација на децата што претставува израз на растечка сексуализација и рано прекинување на периодот на детство кај децата. Ништо не е позначајно и повредно од детството, а истовремено никогаш во општеството немало толку многу закани за овој период на развој на личноста. Главна закана е обидот на возрасните да го „спакуваат“ овој период, да го прескокнат, да го скратат детството. Сексуализацијата на децата, психолозите ја дефинираат како наметнување на возрасни модели на сексуалност кај децата и адолесцентите и ова секако дека предизвикува психолошка повреда за личноста. Тие ја поврзуваат самодовербата со популарност во смисла на сексуална атракција. Детската сексуалност е природен дел од процесот на развој на секоја единка. Сепак, постои јасна разлика помеѓу детска и возрасна сексуалност, но децата, за жал, немаат капацитет да ја направат оваа разлика. Родителите, мас-медиумите, маркетингот, притисокот од врсниците, сите тие ги туркаат девојчињата во прерана адолесценција, не оставајќи им можност да си го проживеат периодот на детската игра – вели Попризова.

Таа истакнува дека истражувања покажуваат дека голем процент од девојчињата чувствуваат притисок да пораснат и да се облекуваат како девојки, најмногу за да ги импресионираат родителите или да им послужат на родителите да ги импресионираат нивните пријатели или роднини водејќи ги наоколу како Барбики и Кенови.

Момчињата се, исто така, изложени на притисок да усвојуваат агресивни улоги во сексуални односи со жените, да ги деградираат и да ги перципираат само преку нивниот изглед и тело. Зголемен е и степенот на сексуализација на куклите, а намалена е возраста на „секси“ ѕвездите во естрадата, додава нашиот соговорник.

-Децата не можат да ја уочат и разберат сексуализираната природа на производите, а често во основа на ова лежи сексуализиран или нарцистички родител кој сака да приграби внимание за себе, кој креира „Пони шоу“ ефект врз децата и ефективно ги користи децата за подигнување на сопствено ниската самодоверба. А пазарот со производите што ги нуди го овозможува тоа, оправдувајќи се дека тоа е само забава. При ова се занемарува фактот дека на овој начин трговците креираат нормализација на сексуализираната слика кај децата. Секако дека не постои прецизна регулација на овој пазар. Купувачите од новите генерации, кои се опседнати со марки и луксуз, ги следат наметнатите трендови под изговор дека сакаат најдобро за своите деца. Нападот врз детството никогаш не бил поинтензивен, постојано намалувајќи ги возрасните граници или зголемувајќи го пазарот – категорична е Попризова.

Таа дава и еден аспект на проблемот кој е многу загрижувачки, во цел свет, не само кај нас. Според Американската психолошка асоцијација, раната сексуализација на девојчињата ги изложува на ризик од проституција, насилство или порнографија.

-Кај здрава млада личност би требало да постои адекватност и на облекувањето во согласност со сопственото доживување на себе и свесност и спремност за стапување во партнерски релации. Доколку се обрне внимание на идеалната слика за себе, односно она што девојчињата посакуваат да бидат, може да се забележи дека таа слика е под влијание на медиумите кои креираат сексуализација. Она што е негативен ефект е дека тие фокусирајќи се премногу на своето тело и изглед, го губат начинот, односно не развиваат алатки и вештини за да се изборат за вистински простор за себе во светот. Психологот Варди вели: „Преземањето и изложувањето на ризик во детството е многу важно за да се тестираат сопствените граници во однос на светот. Она што можете да видите е девојчиња како стојат и зборуваат и момчиња кои се однесуваат грубо. Тоа е мојот поглед на сексуализацијата на облеката - дел од неа ги прави девојчињата многу секси, прерано.“ Ова може лошо да влијае врз самодовербата и врз сексуалниот живот на девојките.

Еден од најекспонираните начини за претерување со „убавината“ уште од мали нозе што западниот свет го форсира се изборите за најдобро девојче или ТВ-шоуа во кои јасно може да се види колку и самите родители, најчесто мајките, ги вовлекуваат девојчињата во тој филм.

-Кога девојчињата се ставаат во натпревар со мотото „нека победи најубавата“, пораката што ја добиваат е дека успехот и позитивното внимание можат единствено да дојдат ако се убави и се однесуваат „секси“. Не се само девојчињата кои се вклучени во избори на убавина, туку постои цела индустрија која е наменета за публиката која ова го гледа. Во суштина, девојчињата учат дека најдоброто што тие можат да го направат и најмногу внимание можат да добијат од околината само ако се доживуваат себеси како збир на делови од тело. И понатаму, фокусот или акцентирањето на одделни делови од телото е основа за сите натамошни проблеми во нивниот живот - самодовербата, релациите, сексуалните односи, анксиозноста, депресивноста, нарушувањата во исхраната и сл. Важно е да се развива свеста на девојчињата за влијанието на медиумите, од најрана возраст. Само на тој начин тие можат да се спротивстават и да му покажат на светот дека се повеќе од тело и повеќе од сексуален објект – смета Попризова.

Таа го отвора и прашањето на одговорноста на родителите во современото општество, кога многу лесно ги изложуваме децата на влијанието на медиумите, компјутерите.

-Родителите се одговорни на детето да му обезбедат избалансирана слика за сопствената самодоверба и да му помогнат во креирањето слика за себе, критички толкувајќи ги сексуализирачките пораки што преовладуваат во општеството. Современиот родител, кој во голема мера е оптоварен со материјалните вредности, е инфантилизиран возрасен кој ни самиот не пораснал и не се впуштил во светот на возрасните. Тогаш како е можно и тој самиот да воспитува? Ваквите нарцистички родители ќе ја поттикнуваат нарцистичката слика за себе кај своите деца – категорична е професорката и нагласува дека родителите треба „да ја поттикнуваат позитивната слика за себе кај детето, која секако нема да се темели само врз изгледот и свеста на детето за сопственото тело.“

- Детството е единствената безбедна психолошка база која децата треба да ја искусат за да бидат сигурни и здрави возрасни. Затоа и препорака до воспитувачите да работат на развивање на свеста за влијанието на медиумите и сексуално образование.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование