X
 23.02.2017 Образование

Интервју со Јосипа Мајиќ, иноваторка од Хрватска: Стартапите не умираат кога ќе снема пари, туку кога основачот ќе остане без енергија!

Контактот со купувачите мора да биде чист, јасен и како основач мора да имате комплетен увид што е следна верзија на производот што мора да го изградите и продадете. Таму сум каде што требам!



Таа е толку млада, а толку храбро чекори во светот на бизнисот. Хрватката Јосипа Мајиќ (27) деновиве гостуваше во Скопје на покана од „Телеком“, а вработените од оваа компанија имаа можност да научат за нејзиното искуство со стартап-компанијата „ID Guardian“. Ја основала на само 22 години, кога добила идеја како да се промовира похуман пристап кон пациентите, особено децата. Заедно со својот мал тим го патентирала првото „паметно“ мече – „Мечето чувар“. Додека детето си игра, играчката може да ја измери температура, срцевата работа и да направи други мерења, а резултатите ги испраќа на мобилна апликација. Тоа создава целосно пријателски настроено искуство за децата по болниците и за дома.

„Форбс“ ја смести во стоте најдобри млади иноватори, а во 2015 година учествувала на Саем на претприемаштво во Кенија, заедно со тогашниот американски претседател Барак Обама. Факултети.мк имаше одлична можност да поразговара со неа.

Факултети.мк: Идејата за Teddy The Guardian Ви дошла благодарение на лично искуство. Кажете ни повеќе за еурека-моментот?

- Студирав економија и ИТ во Загреб. Тоа е комбинација на бизнис и информатика, тоа беше испреплетено знаење на економија, технологија и новите работи што се случуваат. Еден период многу време поминав во болници и колку и да беа докторите фантастични, професионални, посветени, ми се чинеше дека на членовите на семејствата им пристапуваа како на бројки, а не како на луѓе. Постоеја низа работи што се чинеа дека можат да станат понежни, полични, поубави. Добивме неколку идеи за тоа како јас и мојот тим да пристапиме кон тоа. Кога кажувам тим, тоа бевме неколку пријатели што се дружевме, колеги, зашто не ни бевме фирма, имав 22 години. Имавме неколку софтверски идеи, ама не беа баш импресивни.




Во еден момент сфативме дека во секој педијатриски оддел децата плачат кога им со доаѓаат игли, медицински инструменти, со апарати и секој оддел има играчки за да ги анимираат децата. И едноставно се прашавме - зошто да не ги искомбинираме тие две работи – да земеме сензори од една страна и играчки од друга страна. Кога го изговоривме тоа гласно, беше шокантно. Па почнаа да стигаат коментари од типот – кому би му требало тоа? Но, кога го направивме првиот прототип, кој беше фактички стар сензор што веќе го имаше една болница и го ставивме во мече, помина одлично. Е сега, имаше проблем, сите по малку се подбиваа. Но, фактички на медицинските сестри им заштеди многу време. И кога ги собравме резултатите, знаевме дека сме на вистински пат.

Факултети.мк: Колку време Ви требаше за да го изработите патентот?
- Многу. Хардвер-производите бараат многу повеќе отколку софтверите, треба да се развијат, тестираат, да се сертифицираат за да добијат одобрение на пазарот, нешто што трае, па потоа треба да се произведе. Треба да се најдат производител, складиште, кутии и не е сѐ толку лесно како да се напише код, да се стави апликација на app store. Севкупно траеше околу година и пол. И беше и временски и финансиски многу исцрпувачки. Кога ние почнувавме, немаше премногу информации на интернет за слични идеи, немаше многу фирми што веќе направиле слични производи.

Факултети.мк: Имавте ли моменти на слабост, да посакате да се откажете?
- Да, многу често. Многу луѓе беа вклучени, растеа очекувањата, луѓе околу вас ви веруваат, зависат финансиски од вас. Се будите со многу голем ризик и кога работите ќе тргнат наопаку, тоа е ваш ризик, а кога одат добро, тогаш резултатот е тимски. Имаше моменти кога ми беше премногу, зашто и перцепцијата на општеството не беше дека вреди да се потроши време и труд, зборуваа дека е подобро да се оди на сигурно, во државна фирма, голема корпорација, да се зема фина плата, сигурно работно место, а имав и неочекувани притисоци од членовите на мојата фамилија. Тие во добра намера ви кажуваат да се оди по полесниот пат. Па, ќе си се прашате зошто родителите овој пат не би биле во право кога во поголем дел од животот биле? Тие моменти биле клучни. Кога некој ќе расипе работа во фирма со која соработувате, тоа може да се поправи, но кога ве јаде сомнеж, тогаш имате проблем. Затоа велат дека стартапите не умираат кога ќе снема пари, ами кога основачите ќе останат без енергија.

Факултети.мк: Производот е целосно хрватски и го продавате главно на Вашата страница, но и на други компании. Кој Ви е наредниот фокус? Развивате нови производи или ги подобрувате актуелните?
- Целиот производ е хрватски, а компонентите се од Европска Унија. Тоа беше многу изискувачко. Да бидам искрена, дел од производите ние ги лиценцираме, па други производители под нивен бренд, а наша лиценца, ги продаваат. Многу сме горди што создадовме хрватски бренд. Продажбата ни е на нашата страница. Избегнуваме продажба во продавници зашто тоа е многу скапо. Дуќаните ви земаат 30 отсто од продажбата, па кога сте мала фирма и сè сте завршиле сами, и тоа како ќе размислите два пати дали сакате да ги дадете тие пари. Водиме бизнис кон потрошувачот и се трудиме да ги продаваме сами, како и бизнис кон бизнис-партнери - кога ги лиценцираме за друг да ги продава.



Сега работиме на специфични подобри сензори, кои ќе ни дадат информации не само за состојбата на телото туку и за менталната состојба. Мерење ЕЕГ и ЕКГ, фидбек на невросигналите и кардиосигналите и анализа на стресот и емоциите, дали сте фокусирани, опуштени, возбудени... и комуницирање... без разлика дали станува збор за деца или за постари луѓе. Тие веќе се продаваат на нашите бизнис-партнери, но ќе излезат и наши производи под нашиот бренд.

Факултети.мк: Колкава е компанијата денес?
- Имаме вкупно 15 вработени и 30 надворешни соработници. Во еден момент мислевме дека е подобро да имаме што повеќе вработени, но потоа сфативме дека подобро е да имате помалку вработени, но повеќе приходи, па овие се нови работи што ги учиме и следиме некои трендови што се менуваат од ден на ден. На нашиве простори сè уште најважно е фирмите да растат по бројот на вработени, а всушност многу поважно е бизнисот да биде одржлив и стабилен.

Факултети.мк: На светски настан се запознавте со Обама. Како би го опишале?
- Обама го доживеав како врховен професионалец и дипломат, кој кога дојдовме, веќе знаеше сѐ за нас, нашите имиња, со што се занимаваме. Тоа беше фино зашто во негово друштво се чувствувавме удобно. Тој е една од најпристојните, добро информирани личности со кои сум разговарала. Самитот во Кенија беше убава можност да бидеме изложени пред луѓе пред кои можеби немаме честа можност. Тоа се по малку потрадиционални фирми, влади со кои како млад агилен стартап немате многу допирни точки. Па, беше интересно во тој поглед. А и кога нѐ видоа и нашите фамилии, роднини и веднаш имаше реакција: „Штом се на ист настан со Обама, тоа веројатно е добро. Тој сигурно знае што е добро!“



Факултети.мк: Каде е местото на жените иноваторки во светот?
- Мислам дека тоа е отворено прашање. Лесно е да се каже дека проблеми нема, но не е така. Проблемот е слоевит и мислам дека ние, жените, сами треба да си ја репозиционираме улогата во општеството – не нужно како семоќни жени кои секогаш мора да можат сѐ, и дома и на работа и во општеството, ами веројатно во одреден период од животот да се направи одреден фокус. Тоа треба да се научи од мажите. Ретко кој маж се труди да биде и најпаметен и најзгоден истовремено, додека поголемиот број успешни жени како да тежнеат кон тоа и мислам дека проблемот е во нив самите. Кога ние би знаеле што бараме и очекуваме и не се напаѓаме самите себе, би елиминирале добар дел од тоа што нè мачи. А вака, додека ние сме си најжестоки критичари, тешко можеме да одиме напред. Затоа, мислам дека во годините што претстојат, не само регионално, што е уште поголем проблем (оти имаме наследство на бившиот систем и ментални модели што се склони на патријархатот), ќе сфатиме дека има многу работи што жените индивидуално мора да ги решаваат.

Факултети.мк: Патувате многу. Сѐ уште живеете во Загреб?

- Го делам времето помеѓу Загреб, Лондон, Сан Франциско, Азија, односно кај што ќе ме одведе работата. Се обидувам да бидам таму кај што се купувачите. Контактот со купувачите мора да биде чист, јасен и како основач, мора да имате комплетен увид што е следна верзија на производот што мора да го изградите и продадете. Таму сум каде што требам!


Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование