X
 24.02.2017 Образование

Доц. Д-р Боце Митревски, физичар: „Институциите не се зградите и паркинзите, туку интелектуалниот капацитет, моралот и совеста на луѓето во нив“

Некои институции не се доволно запознаени со улогата на науката, физиката и физичарите во општеството. Други ги игнорираат поради погрешни перцепции, лични фрустрации, прилична апстрактност и комплексност на содржините и предметот на изучување или истражување во физиката. Затоа, подршката подразбира прво запознавање со физичарите и нивната работа



Како се третира физиката како наука во севкупното македонско општество? Што се случува во основно и средното образование, каков е односот кон восокообразовните институции, може ли подобро? Кои се основните проблеми со кои се соочуваат физичарите во Македонија? На оваа тема зборуваме со доц. д-р Боце Митревски, претседател на Друштвото на физичари на Република Македонија. Преку неговите ставови, се потесетуваме на сè она што значеше доблест, вистинска вредност, хуманост, човечки третман на секојдневието.

- Како што се поставени институциите во Република Македонија, заедно со сето она што се случува во образованието и во ова разјадено општеството, не верувам дека некој го прави задоволен. И тие што мислат дека се задоволни не се доволно убедени - вели тој.

Во таа смисла, вели Митревски, Друштвото на физичарите на Република Македонија (ДФРМ) не може да биде задоволно ниту со третманот на физиката и како наука и како наставен предмет, ниту пак се задоволни членовите, наставниците по физики и природни науки, по математика и физика, професорите по физика, инженерите, медицинските физичари, астрономите, сеизмолозите, универзитетските професори, студентите и пензионираните професори.

- Секој треба да работи, твори и создава во услови на правда, мир и благосотојба, заемно почитување, почитување на правата и законите, стручност, експертиза, низ инклузивност во процесите, градење доверба и постојан прогрес. Но, реалноста е отсликана во неправда, срамен популизам, искривена слика. Тоа го отвори патот за прифаќање на конформизмот, климање по работ на сиромаштијата, самозалажување, клиентелизам, фетишизам, а тој води кон дезорганизираност, дисфункционалност, институционална тортура и колективна пропаст.

Во таа смисла, незадоволството на физичарите и физиката е занемарливо во однос на незадоволството на општеството и природата. Правдата, добрината, убавината и вистината, се нашето задоволство. Институции со почитување на овие универзални категории, а физиката и физичарите со своите формули, физички закони, модели и теории, со научен пристап кон предизвиците заедно можат да придонесат во подобрување на образованието, поефикасно решавање на проблеми поврзани со еколошки прашања, природни непогоди, климатски промени, научно-техничкиот напредок, за доброто на општеството и секој поединец - вели Митревски.

Според него, може да се забележат придвижувања во позитивна насока. Поддржани се ученици кои постигнале значителен успех на регионални, државни и меѓународни натпревари. Повеќе општини, градот Скопје, Министерството за образование и наука, некои компании и други субјекти преку стипендии и други форми на финансиска помош влијааат на надворешната мотивација на учениците.

- Тоа е за поздравување, ги цениме овие мерки и очекуваме секој поединец да даде свој придонес кон внатрешната мотивација на учениците. Ги поздравуваме и мерките на МОН за стимулирање на идните студенти на студии по физика, математика и хемија, со надеж дека таа мерка ќе биде одржлива барем на среден рок - вели Митревски.

На прашањето дали и како може да се зголеми поддршката, тој е категоричен дека кога се има желба и мотив, многу работи можат да се придвижат напред. Бидејќи институциите не се ниту зградите, ниту паркинзите пред нив, ниту канцелариите во нив. Институциите се луѓето во нив, нивната структура и организација, нивните правни норми и акти, регулативата.

- Но, најмногу, институциите се интелектуалниот капацитет, морал и совест на луѓето во нив.

Некои институции не се доволно запознаени со улогата на науката, физиката и физичарите во општеството. Други ги игнорираат поради погрешни перцепции, лични фрустрации, прилична апстрактност и комплексност на содржините и предметот на изучување или истражување во физиката. Затоа, подршката подразбира прво запознавање со физичарите и нивната работа. Секој што пристапил и подобро не запознал нас, можностите на физиката, природата и природните закони, не останал ниту рамнодушен ниту без доза на љубопитност, восхит и мотивација. Тоа е првиот чекор кон заемно почитување, подршка и помош -вели Митревски.

Според него, поддршката може да се оствари на повеќе нивоа, преку разни активности и проекти. Тоа се почитување на интелектуалниот потенцијал на физичарите, поддршка во нивниот професионален и кариерен развој, оптимизирање на фондот на часови на наставниците по физика (и другите природни науки) во согласност со специфичностите на наставните предмети, издвојување на дипломираните физичари како дефицитарен кадар, обновување и опремување на лабораториите по физика во училиштата, опремување на научните лаборатории, подршка на активностите на ДФРМ (натпревари, школи, работилници, семинари, конференции, меѓународна соработка), а истовремено и подршка на учениците и нивните наставници-ментори.

- Една од посериозните пречки со кои се соочува ДФРМ во поглед на потребата од финасии е обезбедување на средства за учество на меѓународни натпревари, односно пари за покривање на котизација за учество и патување, најчесто авионски билети за учениците натпреварувачи. А знаеме дека секое, па макар и краткотрајно насочување на било кој субјект кон барање на финасиска подршка влијае на квалитетот и подготовката на натпреварувачите. Тоа се одразува на нивните постигнувања, а големата слика е реално рангирање на Република Македонија на светските листи, согласно залагањето, работата и вложувањето. Институционалната подршка на натпреварувачи на меѓунароен натпревар е фактор кој влијае на успехот. Тоа е државен интерес и обврска на државата, без разлика дали се работи за спорт, уметност, образование, наука - дециден е Митревски.
Подготвил: В.Ф.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование