X
 27.02.2017 Образование

Интервју со Горјан Наџински од ФЕИТ, инспиративен асистент: Знаењето и способноста за решавање на проблеми се поважни од просекот

Горјан Наџински од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) е еден од најинспиративните асистенти. Така кажаа студентите и го пофалија дека е креативен, иновативен и максимално посветен на оваа работа. Тој е и еден од студентите на ФЕИТ кој диполмирал со висок просек од 9.59, но вели дека просекот останува обична бројка која со тек на годините губи важност. Ги учи студентите дека поважни работи по дипломирањето се знаењето и способноста за решавање на проблеми. Наџински за Факултети.мк вели дека признанието од неговите студенти многу му значи.



-Ние остануваме на факултетите за да се бавиме со научна работа и да имаме придонес во нашите области, но секако тука сме најмногу и пред се заради студентите. Затоа ми е драго што тие така ги доживуваат нашите часови. Сите ние на ФЕИТ, асистенти и професори, вложуваме многу време и енергија во нашата работа и во комуникацијата со студентите, се трудиме постојано да подобриме или иновираме нешто во часовите, да ги запознаеме и соочиме студентите со реални проблеми и да ги подготвиме за вистинскиот живот, па затоа ова претставува убава валидација на тој труд -вели тој.

Факултети.мк: На прашањето зошто Ве издвојуваат токму Вас, голем дел од студентите ни напишаа дека имате иновативни часови кои ја поттикнуваат креативноста кај студентите. Кој е вашиот мотив за големата посветеност кон студентите?
-Откако знам за себе, пренесувањето на знаење ми било предизвик. Желбата и мотивот за ваквата посветеност произлегоа и од моите професори и професорки (не само на факултет, туку и во текот на целото мое школување, во гимназијата Корчагин, па и во основно училиште) на кои се угледував и од кои многу научив. Сепак, најголемиот мотив претставуваат самите студенти. Секогаш е задоволство да се работи со млади луѓе кои имаат голем ентузијазам за учење и се љубопитни, со кои можете меѓусебно да се надополнувате и надградувате. На моја среќа такви студенти има многу на нашиот факултет, особено на мојот институт за Автоматика и системско инженерство.

Факултети.мк: Сте дипломирале на ФЕИТ со просек 9,59. Електротехничките науки важат за едни од најтешките. Како се постигнува ваков успех, дали само учењето е важно или треба нешто многу повеќе?
-Точно е дека нашата област е една од најтешките, меѓутоа има една предност во тоа што, во својата суштина, електротехничките науки се крајно логични. Затоа со правилно разбирање, со добра основа и со рационално размислување, можат да се научат и осознаат многу работи за кои навидум би требало долго и макотрпно седење над книга и "бубање". Поради тоа, постигнување на ваков успех е веројатно некоја комбинација од вредна работа и пред сè од логичко и рационално резонирање. Сепак би сакал да нагласам дека клишето што го кажувам(е) на студентите не е попусто клише: Просекот останува обична бројка која со тек на годините губи важност. Неспоредливо поважни работи кои треба да останат со вас по дипломирањето се знаењето и способноста за решавање на проблеми.

Факултети мк: Извесен период, интересот за упис на технички науки наспроти општествени не беше голем. За среќа во последните години оваа состојба се менува, па сè поголем број млади се одлучуваат да студираат токму технички науки. Што би им порачале?
-Драго ми е што е таква ситуацијата, мислам дека тоа е резултат на фактот што младите (и нивните родители) ја согледуваат состојбата на пазарот за труд во Македонија и во светот и знаат дека професиите кои произлегуваат од техничките науки се барани и добро платени. Имајќи го сето ова предвид, сепак би требало сите млади луѓе и идни студенти при изборот на факултет да се водат малку и според личната желба или страст која можеби ја имаат кон некоја област. Студентите кои се одлучуваат за техничките науки, пак, треба да знаат дека тоа што се предава на часовите и вежбите е само мал дел од она што може да се знае и да се научи за соодветниот предмет, што би се рекло the tip of the iceberg. Предавањата сами по себе често се доволни за положување, но пред сè постојат за да ги охрабрат студентите сами да го надополнат своето знаење, да ја поттикнат нивната љубопитност, да ги натераат да истражуваат подлабоко. Ако еден студент по дипломирањето со себе ги понесе и овие навики, тогаш сметам дека факултетот целосно си ја извршил својата задача.

Факултети мк: Изучувањето на овие науки е ценето и надвор од Македонија, многу Македонци работат во престижни компании од оваа област, а многумина и го искористија како виза за да заминат некаде. Вие сепак сте се одлучиле да останете и да работите на македонски факултет. Има ли посебна причина за тоа?
- Ова е прашање кое искрено и јас сум си го поставувал често. Не треба да се лажеме дека државата ни е во добра ситуација или пак дека нуди големи можности за младите. Затоа многу од нив (меѓу нив и многу мои другари, блиски луѓе, и секако студенти) заминаа во странство и на сите им оди добро, направија правилен чекор, и се радувам за нив. Сепак, чувствувам дека работам во институција која може да направи голема разлика по тоа прашање и веројатно и затоа избрав да останам и да пробам да се борам со тој проблем однатре. Се разбира, опциите за заминување во странство се секогаш отворени и лесно остварливи, особено за луѓе со техничко образование и на моја возраст, но засега иднината си ја гледам во Македонија. Она што меѓу другото особено ме мотивираше за ваква одлука е и будењето на студентите на кое бевме сведоци во изминативе две години, и нивното враќање во улога на една од движечките сили во општеството, како што е секаде и како што треба да биде. Не ми паѓа на памет некому да му замерам што заминал, но тие што сме останале мора да го дадеме својот максимум: и во своето образование, и во својот придонес кон општеството и заедничкиот живот.
Подготвил: М.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование