X
 28.02.2017 Образование

Илјадници бесплатни онлајн курсеви нудат универзитетите низ светот, меѓу нив нема ниту еден од Македонија

Причината за тоа што кај нас нема вакви курсеви наставниот кадар од факултетите во земјава првично ја гледа во фактот што цената за нивното организирање е многу висока.   



„Вовед во сателитските комуникации“, „Принципите на дизајнирањето за луѓе“, „Таоизмот и западната култура“, „Статистика: отклучување на светот на податоците“, се само мал дел од онлајн курсевите од различни области што ги организираат и нудат стотици универзитети и факултети низ светот.

Станува збор за бесплатни курсеви кои може да ги следи секој што е заинтересиран за конкретната тематика. На листата на МООС (Масовни отворени онлајн курсеви) само во текот на февруари беа понудени околу 1.400 вакви едукативни курсеви, наменети за неограничен број посетители за кои содржините се отворени преку интернет. Ги организираат најспрестижните светски универзитети, како што се Оксфорд, Принстон, Институтот за технологија од Ајндховен, Кралскиот колеџ во Лондон, Дјук универзитетот, но и бројни помали и не толку звучни универзитети од целиот свет. Сепак, на листата на понудени курсеви не може да се најде ниту еден од некој универзитет или факултет од Македонија.

Професорот на ФИНКИ, Владимир Трајковиќ, вели дека пред 12 години кај нас се организирал сличен курс, најблиску до денешните, преку Електротехничкиот факултет во Скопје (ЕТФ).

- Станува збор за UML туториал (Unified Modeling Language) организиран во 2005 година. Но тој веќе не е активен. Овој курс имаше околу 1.000 посетители од целиот свет и тоа во време кога MOOC не беа популарни. Иако искуството на корисниците беше позитивно, цената на одржување на курсот беше многу висока (административно одржување, интеракција со корисниците и сл.) – вели Трајковиќ.

Тој и неговите колеги имале иницијатива за организирање онлајн курсеви, при што сакале да го испитаат интересот за таков тип курсеви на македонски. Дури и снимиле десетина лекции од неколку професори, но тие останале на ниво на презентации. Сепак, тоа искуство го сметаат како корисно и интересно, бидејќи научиле многу од тешкотиите со кои се судриле при подготовката.
Денес, ниту еден факултет од Македонија не може да се пофали со организиран онлајн курс, со кој ќе привлече луѓе од целиот свет. Причината за тоа наставниот кадар од факултетите првично ја гледа во фактот што цената за нивното организирање е многу висока.   

- Цената на администрирање на такви курсеви е голема доколку сакаме да се вклучиме во процесот на „глобализација на образованието”. Од друга страна, тогаш не би требало да снимаме курсеви на македонски јазик, туку на еден од глабалните јазици. Тогаш не сум сигурен дека би биле конкуренти со слични курсеви од глобално познати универзитети. Исто така, со тоа, не би ги решиле проблемите на локалната (регионална индустрија), ниту дел од проблемите на посетителите на курсевите кои би сакале да ја градат кариерата во регионот. Оттука, потребна е соработка помеѓу повеќе чинители за да се создаде курс кој ќе биде корисен за сите – смета Трајковиќ.

Според листата на МООС, најмногу од понудените онлајн курсеви се од областа на бизнис и менаџмент, но голем е бројот и на тие од социјални науки, хумани науки, копјутерски науки и инженеринг. Најголемиот дел од курсевите траат од еден до четири месеци, но има и такви што траат и по цела година.
Подготвил: Д.Ф

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование