X
 08.03.2017 Култура

РЕЦЕНЗИЈА: Емотивно збогување од Вулверин

Уникатниот и секогаш свој Вулверин (Логан) го доживеа својот крај. Како ретко кој друг лик што трае 17 години, после, како што би рекол тој, многу војни и многу изгубени луѓе што ги сакал, и тој го доживеа својот крај. И за волја на вистината, на еден многу оригинален начин.



Филм работен под капата на „Марвел“, како по дефиниција, значи добра, допадлива, СФ-акција со препознатливи суперхерои кои се борат и секогаш ги победуваат лошите момци. Но, овој пат беше поразлично, иако навикнавме ликот на Логан да биде помалку депресивен и генерално антихеројски настроен, овој филм повеќе потсеќа на некоја психодрама. Инспириран од серијалот стрипови „Стариот Логан“ (Old Man Logan), режисерот совршено ни го доловува остарениот, уморен и депресивен Логан и неговата конекција со она што е останато од Професор X , Чарлс Ксавиер.

Филмот (кој е на репертоарот на Cineplexx) е сместен во некои 20-30 години во иднината, Логан работи како возач на лимузина, видно е остарен со лузни од рани што не зараснуваат како што навикнавме да гледаме. По малку разочарувачки е да се гледа ранливоста на ултимативниот мутант со челични канџи и моќ за регенерација, посебно кога ќе се присетиме на сите војни и случки што ги преживеа. Но, можеби уште поразочарувачка е состојбата на Чарлс Ксавиер, човекот со најмоќниот мозок кој може да го контролира секое живо суштество, како се бори со деменција и е одговорен за уништувањето на X-мен (при еден од нападите што ги доживува во школото го убива X-мен и повредува други 600 луѓе). Но, иако ослабнат и скоро цело време под лекови, Чарлс го насетува доаѓањето на нов млад мутант кој и по своите моќи, а и по темпераментот, многу наликува на Логан. Малата Лора, која е лабораториски создадена од генскиот материјал на Логан, заедно со една од медицинските сестри што работеле во лабораторијата каде што е произведена со остатокот мутанти што се добиени на ист начин, успева да побегне и пробува да стигне во место во Северна Дакота каде што треба да се здружат и заедно да пребегаат во Канада каде што ги чека безбедно место за живеење. И секако тука се и лошите момци, кои овој пат се корпорацијата што ги создала овие мутанти и по секоја цена сака да ги уништи и нивните војници, кои се некој вид живи роботи. Иако на почетокот Логан не сака да има никаква врска со Лора и со нејзиниот план, под влијание на Чарлс тој се решава да ѝ помогне и да ја однесе до Северна Дакота. Иако филмот изобилува со одлични акциони сцени кои пред сѐ ја покажуваат моќта на младата Лора, сепак, ликот на Логан и годините што поминале се можеби највпечатливиот дел од филмот. И двајцата, Чарлс и Логан, се убиени од истиот лик, лабораториски направен војник кој личи на Логан и ги има неговите моќи, сепак она што и двајцата ги убива е минатото и бремето од смртта на луѓето што ги сакаат.

Секако, ова е филм кој ќе го погледнат сите вљубеници во „X-мен“ и ликот на Логан, но би рекол дека ова е филм што ќе привлече и многу анти „Марвел“ фанови, најмногу поради својата оригиналност и несекојдневност. Можеби ова беше збогување со Вулверин и Професор Екс, но гледајќи ги последните сцени од филмот, ни дава за право да се надеваме дека ова е можеби и раѓање на некои нови „X-мен“.

Пишува: Р.Ф.
Подготвил: Р.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура