X
 08.03.2017 Здравје

Таблетите за висок притисок секојдневие на сѐ повеќе млади

Ако до пред некое време зголемениот крвен притисок се поврзуваше со повозрасните, сега тој е хронична болест на се помлади луѓе. Терапијата, таблетите за нормализирање на високиот притисок, т.е. хипертензија станаа нивно секојдневие.



Лошата и нездрава исхрана, мрзеливоста и малата физичка активност, незнаењето како да се справат со стресот, со кризата, социјалните проблеми, а кај некои и генетската предиспозиција, направија тие да станат редовни пациенти кај матичните лекари, кај интернистите и кај кардиолозите.

Се пополни ординации

- За жал има се повеќе млади кои се соочуваат со висок крвен притисок. Причините кај секого се индивидуални, но можам да кажам неколку генерални. Се јадат големи количества нездрава храна, се јаде многу повеќе отколку што треба. На менито многу често е брзата храна, слаткото, кое секојдневно се консумира. Стресот исто така сметам дека има големо влијание, а во исто време имаме недоволна физичка активност. Мислам дека свеста околу сите овие работи мора да се развива уште од градинка – вели д-р Лилија Чолакова-Дервишова, матичен лекар и претседател на Здружение на приватни лекари.

Доц. д-р Магдалена Отљанска од Клиниката за кардиологија објаснува дека хипертензијата е водечка причина за кардиоваскуларен морбидитет (зачестеност) и морталитет (смртност) во светот и кај нас. Стапката на хипертензија се покачува глобално, а се повеќе млади луѓе имаат проблем со покачен крвен притисок.

- Најголем процент од пациентите со покачен крвен притисок имаат есенцијална - примарна хипертензија, но секако постојат и секундарни форми кои се јавуваат поради други болести како на пример срцево вродено заболување, кое тешко се открива - вели таа.

Да се спречи оштетување на органи

Кардиолозите објаснуваат дека за нормални вредности на крвниот притисок се сметаат до 139 милиметри живин столб за систолен, и 89 милиметри живин столб за дијастолен. За артериска хипертензија станува збор кога притисокот е 140 со 90 милиметри живин столб или повисок, во три мерења едноподруго, во текот на една до три недели.



Д-р Отљанска потенцира дека е многу значајно на време да се открие ова заболување. Така не само што ќе се регулираат вредностите на крвниот притисок, туку и ќе се спречат оштетувања на органи (срце, бубрег, мозок, периферни крвни садови, око ), како и можни компликации поврзани со нив.

- Кога зборуваме за покачен крвен притисок кај младите треба да се зборува за дебелината, генетската предиспозиција и стресот како фактори кои се поврзуваат со покачениот крвен притисок. Секако физичката неактивност и лошиот стил на живот имаат битно влијание - објаснува д-р Отљанска.

Терапијата да ја одреди лекар

Секој пациент има индивидуално лекување, затоа што секој случај е посебен. Како ќе се лекува пациентот одредува лекар, а соработката на пациентот е многу значајна. Има случаи во кои ако се намали дебелината, може да се нормализира притисокот.

- Како нефармаколошки, тераписки пристап во регулирањето на крвниот притисок многу е значајна промената на животните навики. Препорачуваме храна која е несолена, немасна, а меѓу другото и физичка активност. Ако пациентот се придржува на дадените лекарски совети крвниот притисок може да се регулира, и пациентот нема да има потреба од примање лекови. Доколку има хипертензија поради генетска предиспозиција, со здрав животен стил може да влијае на вредностите на крвниот притисок, но секогаш постои можност да се покачи во одредена фаза. Разговорот со младите пациенти, кои се под стрес е од битно значење и затоа се потребни се почести контроли за да им се помогне во справувањето со стресот - објаснува д-р Отљанска.

Современата фармакологија нуди голем избор на лекови за регулирање на крвниот притисок, меѓутоа, потенцираат лекарите, нив треба да ги одреди лекар и не треба да се пијат на своја рака.

- Практично, со помош на терапија и здрави животни навики хипертензијата може да се регулира навреме и успешно да се живее со болеста – додава докторката.

Најчести знаци за покачен крвен притисок се затилна главоболка, која е поизразена наутро, срцебиење, тешкотии со видот, зуење во ушите, отежнато дишење со чувство на притисок во градите, крвавења од нос, ноќно мокрење.
Подготвил: Н.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје