X
 19.03.2017 Конкурси

In Between? Отворен повик за пријавување

Европската Мрежа Сеќавање и Солидарност објавува повик за учесници во рамки на тековниот образовен проект „In Between?“. Целта на проектот е поттикнување на младата генерација Европјани за истражување на историјата преку непосредна комуникација со сведоците на 20. век. Учесниците ќе добијат единствена можност за стекнување на теоретско и практично искуство за документација на усни истории.



Повикот е отворен за кандидати на возраст од 18 до 25 години, вклучувајќи универзитетски студенти и млади професионалци, кои имаат интерес за историја, културна антропологија, социологија и аудиовизуелни уметности. По селекцијата, кандидатите ќе учествуваат на интердисциплинарни работилници (летно издание:1-5 јули, есенско издание: 13-17 септември) и студиски посети (летно издание: 6-13 јули, есенско издание: 18-25 септември).

За време на четиридневната работилница во Варшава, учесниците ќе се запознаат со теоретските основи и техниките на интервјуирање, ракување со дигитална видео-камера, фотографија, дигитализација на визуелни материјали, архивирање и историска контекстуализација. По завршувањето на обуката, ќе се формираат групи со по шест членови кои ќе одат на седумдневна посета на едно од пограничните места, каде што учесниците ќе спроведат и документираат интервјуа со локалните жители. На база на документираните сеќавања, звучните и видео снимки, фотографиите, писмата, скенираните документи и останатите предмети кои го прикажуваат секојдневниот живот на заедниците, учесниците ќе креираат известувања за своите студиски посети. Известувањата ќе бидат споделени со институции од областа на историските науки и локални архиви, како Националната Дигитална Архива во Варшава и Виртуелниот Штетл (Музејот ПОЛИН).

Собраните материјали кои го прикажуваат минатото, културната и историска шареноликост на осумте европски региони ќе бидат тема на завршната конференција на проектот Помеѓу?. Конференцијата, на која ќе земат учество експерти од областите на културна антропологија, историја и истражувачи на усната историја, ќе се одржи во Берлин (декември 2017).
Мотивацијата за учество во проектот, отвореноста и подготвеноста за соработка ќе бидат главните фактори во процесот на селекција на учесници. Познавањето на англиски јазик и еден од регионалните јазици во дадените региони е задолжително.
Пристап до формуларот за апликација, правилникот за процесот на селекција на учесниците и останати информации на: http://www.enrs.eu/inbetween, или преку контакт со г-ца Каролина Дзелак, проект-координатор на „In Between?“ (email: karolina.dzielak@enrs.eu и телефон: 0048 22 395 7610).

Овој пат, учесниците ќе патуваат во Берлин, Мостар, Војводина и полско-литванскиот граничен предел во јули, како и во регионот на Преспанските езера, албанско-црногорското гранично подрачје, унгарско-романскиот граничен предел и шпанско-француската граница во септември. Крајниот рок за пријавување е 8. мај 2017 за летното издание и 17. јули 2017 за есенското издание на проектот.

Проектот е ко-финансиран од Меѓународниот Вишеград Фонд.
Европската Мрежа Сеќавање и Солидарност (ENRS) претставува меѓународна иницијатива фокусирана на истражување, документација и споделување на знаења за европската историја и начините на комеморација на 20. век, со особен акцент на периодите на диктатура, војна и јавната опозиција на политичката репресија.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Конкурси