X
 21.03.2017 Образование

ИАЕСТЕ Македонија најавува: Делегати од цел свет во мај доаѓаат во Скопје

Да се биде член на ИАЕСТЕ значи да си нешто повеќе од тоа да се биде само студент. Преку ИАЕСТЕ се стекнува искуство коешто не се добива во факултетските клупи. Освен можноста за стручна пракса во странство, ИАЕСТЕ нуди голем број на конференции и семинари каде што секој може да стекне потребни вештини. И најважно од сѐ, носи пријателства не само надвор Македонија, туку и надвор од Европа, нешто што не може секој да го има, вели Тамара Димеска, национален секретар во заминување на ИАЕСТЕ Македонија



Повеќе од 60 делегати, студенти од техничките факултети од многу земји од светот на почетокот на мај во Скопје ќе учествуваат на состанокот за стратешки развој на ИАЕСТЕ - студентска организација за размена на студентите од техничките факултети. Организатор на собирот е ИАЕСТЕ Македонија, чии членови пред два месеца присуствуваа на Годишната Конференција на ИАЕСТЕ, која одржа во Инчеон, Јужна Кореја. Ивана Трајковска национален секретар на ИАЕСТЕ Македонија и нејзината претходничка, Тамара Димеска на конференцијата разменувале пракси коишто волонтерите на ИАЕСТЕ Македонија ги имале собрано во изминатиот период.

ИАЕСТЕ е студентска организација за размена на студентите од техничките факултети, чијшто принцип на работа се заснова на реципроцитет, објаснува Димеска.

- Колку пракси ќе најдеме во македонските компании за странските студенти, толку пракси ќе донесеме во странски компании и универзитети за нашите студенти. Кон крајот на јануари бевме во Инчеон, на Годишната конференција на ИАЕСТЕ. Таму беа разменети 84 пракси, на 5 континенти, во повеќе од 30 земји од светот - вели Димеска.

Ја претставија Македонија во Јужна Кореја

Освен размената на пракси, има уште еден задолжителен дел на секој интернационален ИАЕСТЕ настан - интернационалната вечер. Нашиот тим претстави дел од македонската традиција.

- Македонскиот ајвар е секогаш најпопуларен, па дури може да се најде и на другите балкански маси. Освен ајварот, ги послуживме и со домашна ракија, македонско сирење, вино, слатко и смоки :) - вели Димеска.



Но, од 4 до 7 мај во Скопје ќе се случи, вториот настан (по големина и важност) со ИАЕСТЕ, SID - Strategic IAESTE Development.

- Ќе има пет работни групи, на коишто делегатите ќе разработат план за работа и подобрување на ИАЕСТЕ на интернационално ниво, како и предлози за Надзорниот Одбор. Секоја група ќе опфати различни делови од работата на ИАЕСТЕ. Темите на работните групи ќе се во областите на размена, маркетинг, подобрување на односите со алумните, соработки со останати интернационални организации и како да се прослави и одбележи 70 годишнината на нашата асоцијација - вели Димеска. Повеќе информации може да се најдат на веб страницата www.sid.iaeste.org.mk

Контакти со професори и универзитети од цел свет

Во Скопје треба да пристигнат повеќе од 60 делегати, претставници на студентските и професионално водените ИАЕСТЕ комитети. Се очекува најмногу делегати да се од земјите од Европа, но веќе има пријавено и делегати од САД, Иран и од Индија.

На прашањето кои се придобивките за македонските студенти од настанот, Димеска објаснува дека тоа се пред сѐ контакти и волонтерско искуство.

- Мислам на контакти со македонски компании и институции кои би ги оствариле при процесот на Fund Raising, но дополнително и контакти со странски професори, од голем број на реномирани универзитети од целиот свет. И секако дружење и запознавање со културата на останатите делегати - вели таа.

ИАЕСТЕ Македонија денес има околу 40 full members и уште 60-тина baby members во сите локални комитети во Македонија - Скопје, Битола, Охрид и Штип.

- Да се биде член на ИАЕСТЕ значи да си нешто повеќе од тоа да се биде само студент. Преку ИАЕСТЕ се стекнува искуство коешто не се добива во факултетските клупи. Освен можноста за стручна пракса во странство, ИАЕСТЕ нуди голем број на конференции и семинари каде што секој може да стекне потребни вештини. И најважно од сѐ, носи пријателства не само надвор Македонија, туку и надвор од Европа, нешто што не може секој да го има - вели Димеска.
Подготвил: В.Ф.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование