X
 23.03.2017 Образование

Разговор со охриѓанецот кој зборува осум јазици: „Волшебното самарче“ ме поттикна да го учам италијанскиот јазик

Јузмески е заслужен за приближувањето на делото на големиот холандски промотор на Македонија, А. ден Долард, една од најзаслужните личности за тоа што Холанѓаните и денес се најчести туристи во Охрид


Фото: Мелани ван де Керкхоф

Охриѓанецот Мишо Јузмески зборува осум странски јазици. Има издадено неколку свои книги, преведува на холандски, англиски, бугарски јазик, работи како туристички водич, а го раководи и културниот центар „Култура 365“ во Охрид. Разговаравме за љубовта кон странските јазици и култури, како и за начинот на изучување на јазиците и радоста што ја побудуваат кај него.

Зборувате англиски, холандски, германски, француски, италијански, шпански, бугарски и српски јазик. Од кога ја негувате страста кон странските јазици?
- Сѐ започна во најраното детство. Од гледна точка на статистиката, потесното опкружување во кое живеев беше чисто еднојазична средина; сите зборуваа само македонски. Истовремено, живеејќи во регионот на Охридското Езеро, т.е. најголемиот туристички центар во Република Македонија, во секојдневниот детски живот – во лето секогаш надвор, имав можност во живо да слушам како звучат различни јазици. Преку странските туристи и нашите печалбари кои доаѓаа од разни земји ги научив првите зборови од холандскиот, германскиот, англискиот и од другите јазици. Така беше посеано семето на моето љубопитство кон непознатите јазици, но и кон народите што ги зборуваат како свои, мајчини јазици, кон нивната култура, обичаите, менталитетот.

Објаснете ни за процесот на изучување на јазиците, дали некои од нив сте ги научиле поради подолг престој во одредена земја или сте учеле без поголема причина?
- Првичниот интерес долго време се сведуваше на чисто љубопитство. Во моето детство условите за изучување јазици беа ограничени: телевизијата не беше толку многу развиена - најчесто имавме само една програма, втората беше луксуз, во тоа време за интернет не можеше ни да стане збор, училиштата за странски јазици беа реткост, а на самото изучување на странските јазици не му се придаваше истата важност како денес. Вистински активното изучување на странските јазици го започнав во петто одделение во основното училиште каде што две години формално бев принуден да го учам српско-хрватскиот јазик, исто како и англискиот, кој подоцна го изучував и во средното училиште. Сите други јазици ги изучував сосема самостојно. Германскиот го учев постепено во еден подолг период, претежно од книги и од германските туристи со кои имав чести средби. Подоцна, по завршувањето на средното училиште, сосема самостојно во домашни услови само со книги самиот си организирав забрзани курсеви по италијански, шпански и по француски. Тоа траеше помалку од две години, прво го совладав италијанскиот, потоа шпанскиот и на крај - францускиот јазик. Овие јазици ми се видоа најлесни: од иста јазична група, според тоа и со многу меѓусебни сличности, нивната звучност е посебно привлечна. На 20-годишна возраст течно зборував српски, англиски, италијански, германски, шпански и француски. Бугарскиот го совладав малку подоцна и спонтано преку контакти со многубројните бугарски туристи и, многу важно, преку читањето разновидна литература. Посебно доживување, како во однос на изучувањето на јазикот така и воопшто како животно искуство, ми донесе холандскиот јазик. Исто како и другите, и него го запознав уште од најраните детски години, но вистински за течна употреба го совладав за време на мојот двегодишен престој во Холандија. Холандскиот јазик е единствениот што го учев во земјата на неговото потекло. Во секој случај, големата и честопати нескротлива желба за патување низ светот, исто колку и потребата од непречена комуникација со луѓе од сите меридијани, беше водечката сила при изучувањето на сите јазици.

Преведувате од холандски јазик. „Македонци, А. ден Долард и други Холанѓани“ излезе лани. Посветени сте на делото на овој голем вљубеник во Охрид и во Македонија и нивен промотор. Кажете ни повеќе за посветеноста кон овој интересен лик?
-Дружејќи се со Холанѓани, имав можност често да го слушам името на А. ден Долард, писател и новинар кој долго време работел на промовирањето на Македонија во неговата земја. Со секое споменување на неговото име кај мене се будеше љубопитство кон неговиот интерес за мојата татковина. Сакав да продрам кон другата страна на маглената завеса на непознатото и да ја откријам неговата улога, неговите вистински побуди, неговото вистинско значење за холандско-македонските односи кои посебен белег добија во туризмот со сето она што тој го носи со себе. Сето тоа се случуваше спонтано, во различни периоди, со различен ритам. Мојот интерес кон проучувањето на холандскиот пријател и најголем промотор на Македонија во Холандија се претвори во мое промовирање на истиот тој Холанѓанец. Во Охрид, во 2011 година, ја отворив постојаната изложба - еден вид музеј, за животот и делото на А. ден Долард, а потоа ги објавив книгите „Нашиот холандски пријател А. ден Долард“ во 2012 година, покрај на македонски објавена уште на англиски и на холандски, и „Македонци, А. ден Долард и други Холанѓани“ во 2016 година, објавена на македонски и на холандски јазик. А. ден Долард зазема посебно место во холандската книжевност. Зад себе оставил педесетина дела од кои некои се посветени на Македонија. Посебно тука би ја истакнал книгата „Свадбата на седумте Цигани“, романот што го прославил Охрид во Холандија уште за време на Втората светска војна. Авторот над 60 години за занимавал со пишување, како писател и новинар, при што често пишувал и за Македонија. Сето тоа беше поттик за мене да му се посветам на неговото приближување до македонската јавност.


Кој јазик Ви е најмногу при срце? Кој јазик најтешко го научивте?
- Ако зборуваме за некоја посебна приврзаност кон одреден јазик, тука мислам дека тешко би можел да се даде вистинит одговор; барем јас не можам да направам таква поделба. Пред сѐ зашто интересот кон еден или друг јазик е побуден од некој посебен момент за кој ние не секогаш сме свесни. Тоа се моменти, доживувања, пак од нашето најрано детство, кои заискриле во нашата потсвест. За секој јазик имам различна и неспоредлива приврзаност. Ете, мојот интерес за италијанскиот јазик, ако веќе бараме примери, го поттикна писателот за деца Ванчо Николески преку книгата „Волшебното самарче“. Таму во дијалозите тој употребува неколку германски и италијански зборови, па тие беа првите што ги научив од овие јазици уште на осумгодишна возраст. Така и секој друг јазик ми носи посебна радост. Како што секоја планина има своја тежина, така секој јазик носи различни тешкотии. Лично за мене најголем предизвик беше запознавањето со англискиот јазик, кој ми беше првиот странски јазик што морав да го совладувам. Тешкотии многубројни и во голема мера оправдани: тежок изговор, посебна граматика, огромни разлики помеѓу изговорот и пишувањето. Но, неговото совладување ми беше отскочната штица кон другите јазици.

Посетувате ли некакви собири на полиглоти?
- Интересот кон изучувањето на јазиците не ме напушти. Сепак, наспроти желбите за изучување на други јазици и усовршувањето на овие што веќе ги знам, временското ограничување и другите околности не ми оставаат многу време за оваа област. Во последно време многу повеќе сум посветен на творештвото, пред сѐ фотографирањето и пишувањето, исто како и кон издаваштвото на моите, но и на дела од други автори.

Вљубеник сте и во фотографијата. Посебно сте посветени на фотографирање на природата. Подготвувате нова изложба?
- Фотографијата е начин за запишување и искажување во оние моменти кога помалку ни се зборува или пишува. Таа дава можност со „една слика да се искажат илјада збора“, но тие „илјада збора“ треба пак убаво да се соберат, изберат и претстават пред јавноста. Моите фотографии со одредени паузи се постојано изложени во просториите на културно-информативниот центар „Култура 365“, а таму навраќаат посетители од сите континенти. Тоа се, пред сѐ, странските туристи. Така моите фотографии без да патуваат добиваат можност да го обиколат целиот свет. Сепак, во моментов работам на подготовка на неколку изложби во различни земји, но сѐ уште е рано да се зборува конкретно каде и кога тоа ќе се случи. Можеби е подобро прво да се случи, па потоа да зборуваме за резултатите.

Го основавте културниот центар „Култура 365“ кој брзо стана свртувалиште на уметниците.
-„Култура 365“ постои од јуни 2011 година и ќе постои сѐ додека постојат неопходните услови за неговата работа. А дека постои потреба од вакво место, тоа е повеќе од сигурно. Целта на неговото основање беше да се пополнат празнините во културното живеење на Охрид, да се направи нешто што другите не го прават или во време кога во градот немаме културни настани. Беа организирани изложби и предавања, промоции на книги и гостувања на уметници од различен вид. Гостуваа разни културни дејци од Македонија, но и од Италија, Холандија, Албанија, Романија, Црна Гора...
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование