X
 03.04.2017 Образование

Еден од најдобрите математичари на светот вели: Да, можеш да бидеш најдобар, а да не ја знаеш таблицата множење


Седрик Вилани, најдобриот математичар на светот
(Фото: Wikimedia commons)

Седрик Вилани (43) не е обичен математичар. Ни по изгледот ни по работата. Делумно неговиот ангажман е строго академски. Пред седум години го доби Филдсовиот медал – математичкиот Нобел – за работа поврзана со Болцмановата равенка и Ландауовото придушување, член е на Француската академија на науки од 2013 година, управител на математичкиот институт „Анри Поенкаре“ во рамки на париската Сорбона и носител е на одликувањето Легија на честа.

Негово професионално поле е математичката физика, посебно примена на математичката анализа во статистичката физика и теоријата на оптималниот транспорт. Другиот дел на ангажманот се однесува на популаризација на образованието и науката, особено математиката, а подразбира чести средби и разговори со младите.

Според него, луѓето имаат различни нивоа на разбирање на математиката. Причината за тоа, вели тој, треба да ја бараат во организацијата на мозокот, па така, едноставно некои никогаш нема да можат да ја разберат математиката, исто како што други никогаш нема да можат флуентно да читаат. Меѓутоа, многумина кои веруваат дека не знаат математика, сепак би можеле подобро да ја разберат, бидејќи дури и на оние на кои добро им оди математика, не им е секогаш едноставна. Вежбањето и предадениот ангажман се клучни за совладување на математиката.

Седрик Вилани  на 7 април во Македонската академијана науките и уметностите во Скопје ќе одржи предавање под наслов „Уметноста и математиката“. Предавањето е од отворен карактер, закажано во 16 часот, а ќе биде со симултан превод.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование