X
 06.04.2017 Живот

Над 80% од производството оди во извоз, а компанијата бележи континуирани инвестиции и развој

Македонската кондиторска компанија Макпрогрес Виница организираше отворен ден за медиуми. Целта е да се покаже транспарентност и општествена одговорност, Новинари од повеќе македонски медиумски редакции имаа можност да поразговараат со дел од менаџерскиот тим, да се запознаат подетално со брендовите и активностите на оваа наша успешна компанијата, идните планови и стратегии за развој, и да ги посетат неколкуте производни погони каде се произведуваат слатките производи од линијата на Винчини. Имаа можност одблиску да се уверат во софистицираниот и автоматизиран процес на производство, каде се е беспрекорно чисто, и каде се имплементирани највисоките безбедносни стандарди за производство на храна.



Во управната зграда медиумите беа информирани дека во првиот квартал на 2017 година Макпрогрес од Виница оствари пораст на вкупните продажби за 6,3% во однос на првиот квартал во 2016 година, што навестува дека и во 2017 година Макпрогрес има основ да очекува нов рекорд во работењето. Ова се должи на пораст на продажбите на извозните пазари и тоа за 9,5 %. Беше истакнато дека производите најмногу се извезуваат во соседните земји. Во Словенија најприфатени се Винчини Вафлите и Наполитанките, а во Романија најмногу се конзумираат ролатите на Винчини и тоа фамилијарните пакувања. Исто така се информираше дека на домашниот пазар е остварен пад во продажбите за 2,8% и тоа во месец март кога се почувствува и намалување на побарувачката. Компанијата работи со 80% искористеност на производните капацитети.

Според Глигор Цветанов Извршен Директор во Макпрогрес Виница, и останатите домашни компании имаат пад во продажбата на домашен пазар што наведува на заклучок дека актуелната политичка нестабилност влијае и врз целокупната потрошувачка во Република Македонија. Според него плановите на компанијата се да продолжи агресивно да се развива на извозните пазари но и да стави поголем фокус на домашниот пазар со поголема маркетиншка присутност и со подобрена комерцијална структура.



2016 година е најуспешната година во 26 годишното постоење на компанијата Макпрогрес од Виница во поглед на остварените продажби особено на странските пазари. Годината је карактеризираше и висока ликвидност и стабилност но поради зголемени трошоци помалку профитабилно работење во однос на 2015 година. Главен пораст на трошоците се должи на зголемените цени на сировините, а посебно шеќерот како и растот на платите и другите давачки за вработените.

Со своите 550 вработени, компанијата оствари производство од 14.500 тони на различни производи, од кои 80% наменети за странство, остварувајќи 6% раст на извозот во однос на 2015 година. Трендот на раст се должи на континуираните инвестиции во нови производни капацитети, зголемување на асортиманот на производи како и на континуираните подобрувања во сите сегменти од работењето. 2016 година ја одбележаа и зголемување на бројот на вработени, и лансирање на неколку нови производи меѓу кои Триофино, Твингерс, Наполитан коцки и Тортина плус со нов вкус на портокал.

Макпрогрес е успешна семејна компанија која во своето 26 годишно постоење преку континуирани инвестиции и висока стапка на раст стана една од најголемите прехранбени индустрии во Република Македонија. Во производното портфолио има преку 300 најразновидни прехранбени производи кои се пласираат под 5 главни брендови (Vincinni,Vincinni Finest, Armonia, Сончева Долина и Natura) како и педесетина суб-брендови.



Со сите остварени инвестициски зафати особено последниве неколку години Макпрогрес се повеќе ја добива посакуваната физиономија на модерна, брзорастечка индустрија, пример за успешност и професионалност не само во Македонија туку и во светски рамки.

Макпрогрес е силно извозно ориентирана компанија со редовно присуство на пазарите во над 55 држави ширум светот. Брендот Винчини е своевиден пионер - Амбасадор на кондиторската индустрија кој прв отворено се осмели да излезе на странските пазари и преку организиран и системски пристап да креира перцепција на Македонската кондиторска индустрија како квалитетен и конкурентен играч во регионални и светски рамки.

Минатата година беа освоени и нови пазари како: Кина, Хонг Конг, Либан, Јемен, Малдиви, истовремено одржувајќи стабилен раст кај сите топ 15 земји меѓу кои особено кај оние од Балканските земји каде Макпрогрес е најмногу застапен а производите се препознатливи.

Стратешка определба е во блиска иднина да се освојат повеќе западно европски земји со фокус на Португалија, Шпанија, Германија, Шведска, Данска, Норвешка, Англија како и на прекуокеанските земји.

Компанијата минатата година се претстави и на најголемиот светски саем за кондиторски производи - SIAL во Париз што овозможи да се добијат нови клиенти во веќе постоечките држави како и пласман на нови пазари како Јемен и Мароко.

Компанијата и понатаму како своја стратегиска определба ќе ги следи сите светски иновативните искуства и знаења за трендовите во производството на храна, ќе ги анализира потребите на потрошувачите, со цел воведување на нови производи и подобрување на квалитетот на постоечките.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот