X
 08.04.2017 Живот

Млади и успешни... Драгана и Иван, сопственици на брендот ДИАС: „Веруваме дека кога се има добра идеја и кога се бориш за нејзина реализација успехот е неминовен“

Ако имате добра идеја за бизнис и храброст да ја остварите, успехот е неминовен. Ваква е приказната на Драгана Ангелоски и Иван Станојевиќ, сопственици на модниот бренд ДИАС кој изработува чанти и чевли по нарачка. Оваа стартап компанија која постои еден месец веќе со голем успех почнува да се пробива на македонскиот пазар. И двајцата велат дека почетокот бил тежок бидејќи собирале еден куп информации за пазарот на труд, за тоа каде би набавувале материјали и учеле за тоа како се изработуваат чанти и чевли. Но, убедени дека нивната идеја е добра, ништо не можело да ги спречи.



- Веднаш увидовме дека на пазарот во Македонија му треба нешто вакво и дека го нема. Но, акцентот не е е само на тоа дека е прво, ново и единствено, туку тоа дека сите некогаш се судруваме со моментот дека не можеме да најдеме соодветен производ. А ние токму тоа им го нудиме. Тоа што ќе го замислат во главата тоа и да го купат - вели Драгана.

Иако студира на правниот факултет „Јустинијан Први“, на Драгана голема љубов и е модата, посебно чанти и чевли кои ги смета за најубави модни додатоци.



- Модата секогаш ми била поле на интерес, еден период сакав и тоа да студирам, но се одлучив за право. Следев ревии, модни списанија од мала, знаев секогаш што се случува во светот на модата па некако ми стана и хоби. Чевлите и чантите се најубавите модни додатоци според мене. Сè друго може да најдеш и да го купиш, ама да ги споиш совршените чевли со совршената чанта е навистина тешко - вели Драгана.

Иван пак додава дека прво нешто што сите ние го забележуваме кај некој човек се чевлите.



- Подоцна може да ве забележат и по чантата или облеката, но чевлите прво паѓаат во очи. Се издвојуваат од сè друго. Добра чанта и чевли се оние кои нè отсликуваат нас, кои го доловуваат нашиот стил. Некој сака класика, некој посилни бои и слично, но битно е да се следи и сопствениот стил. Тоа ние им го овозможуваме на клиентите, да си нарачаат сè што ќе посакаат - вели тој.

Драгана во ДИАС е задолжена за дизајнот на производите, а Иван повеќе води сметка за бизнисот и набавката на материјалите. Драгана ни објасни дека секој клиент што ќе дојде треба прво да им објасни каков производ сака да добие. Кога се во прашање чантите, тука нема ограничувања.



- Почнуваме да ја дизајнираме чантата заедно, тука изборот е неограничен, може буквално с` да се направи, од боја, материјал, конец, додатоци за чантата, димензии. Може да се избере целосно да е кожна или внатре да биде со постава, дали сака две лица и сл. Јас ги цртам чантите, потоа се прави техничка скица. Откако производот е скициран оди на изработка во Скопје и Куманово. Чантата е готова за најмногу до 15 дена - вели Драгана.

Кога се во прашање чевлите, во моментов повеќе се фокусирани на дизајни за мажи, но имаат и женски чевли.

- Изработката на чевлите е специфична, има многу составни делови. На пример за еден чевел има од 50 до 90 составни делови. Додека не почнавме не ни знаевме за ова. Дизајнот исто така го прави Драгана по желбите на клиентот - вели Иван. Драгана пак додава дека чантата најважно е да е квалитетна.



- Секако тука е и дизајнот, но ако за три месеци се скинат рачките или се излити на некои места, џабе што дизајнот е добар.

Ова е стартап компанија, но засега само тие се инвеститори. Како и сите млади што почнале свој бизнис се соочуваат со тешкотии при фунционирањето, но ништо не ги преколебало и ги реализираат нештата што ги замислиле.



- Ова е скап бизнис, репроматеријалите се скапи, но кога нешто сакаш имаш добар план и идеја да се оствари и упорност, сè е можно. Сега има можости за младите, можеби не во доволна мера, но ако имаш идеја, имаш и можности да се реализира. Без пари ншто не се прави, мора да имаш почетен капитал, но идејата е најважна. Младите треба да се охрабрат да ги реализираат своите планови, да се опуштат. Ако не го реализираш денеска, секој следен ден е потежок, треба да се ризикува - вели Иван.

И двајцата сакаат да изградат препознатлив бренд, што ќе биде ценет како наш македонски производ.

- Треба да почнеме да го цениме нашиот произод бидејќи имаме многу креативни и иновативни млади луѓе кои смислуваат добри производи. Треба сите да почнеме да го цениме многу повеќе нашето производство, а со тоа да се цениме и себе си - велат тие.

Подготвил: М.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот