X
 08.04.2017 Образование

Ваши реакции од анкетата за „Кембриџ“: Децата - преоптоварени, материјалот - конфузен, преводот - катастрофален!

Бидејќи станува збор за проблем кој засега најголем дел од граѓаните, а дури 85,5 отсто од учесниците на анкетата категорично одговорија дека не се задоволни од програмата, решивме да ги објавиме нивните ставови, размислувања и аргументи за осетливата тема, од која директно зависи иднината на нашите деца. На прашањата одговориле 240 наставници (од вкупно 1.453 учесници) и 180 ученици. Нагласуваме дека анкетата беше анонимна, без никакви политички влијанија.



Образовна програма несоодветна за возраста на децата, неприлагодена на нашето поднебје, училишта кои немаат средства, ниту можности да ја спроведат, предвидени истражувачки активности кои е невозможно да се изведат... Ова се само дел од реакциите на нашите читатели кои одговорија на анкетата за образовните реформи од програмата „Кембриџ“, која веќе три години се спроведува во нашите основни училишта, а од септември ќе почне да се имплементира и во училиштата за средно образование. Бидејќи станува збор за проблем кој засега најголем дел од граѓаните, а дури 85,5 отсто од учесниците на анкетата категорично одговорија дека не се задоволни од програмата, решивме да ги објавиме нивните ставови, размислувања и аргументи за осетливата тема, од која директно зависи иднината на нашите деца. На прашањата одговориле 240 наставници (од вкупно 1.453 учесници) и 180 ученици. Нагласуваме дека анкетата беше анонимна, без никакви политички влијанија.

Учиштата немаат соодветни помагала

Најчестите забелешки се однесуваат на катастрофалниот превод на материјалот, површно обработените теми, од првачињата се бара да читаат, а тие не ги осознале буквите од азбуката.

- Во учебниците по природните науки има многу експерименти, а многу малку теорија која учениците не можат да ја разберат – вели читател.

Друга забелешка се однесува на недоследност и некоординација во материјалите во повисоките одделенија:

- Прелесен материјал, се работи со мали цифри, на пример, во трето се учи до 1.000, а примерите се даваат до 100. Во седмо исто, се работи со многу мали цифри, па дури примери со едноцифрени броеви – објаснува друг читател.

Една од целите на програмата Кембриџ е практична настава преку која учениците треба полесно да го совладаат материјалот. Преку практична настава, со многу примери, материјалот да биде разбирлив за секое ниво на ученици.

- Наставата по одредени предмети треба да се реализира преку примери, но исклучиво ако се ангажира наставникот и донесе половина куќа за реализација, зашто во училиштето нема соодветни помагала – пишува читател.

Еве уште еден став:

- Не можам да издвојам нешто позитивно, освен што сметам дека треба да се ревидираат од корен и да бидат адекватни за нашето општество и приликите во кои живееме. Сепак сметам дека во старт треба повеќе да се обрне внимание на теоријата, која ќе биде проследена со праксата во училиште, а не да им се дава истата да се изработува дома - каде што ги работат родителите или повозрасните.

Наставниците не се доволно обучени

„Целата програма е несоодветна. Децата се преоптоварени, материјалот е конфузен, преводот - катастрофален!“, е ставот на друг читател.

Следува коментар од наставник:

- Условите кои ги имаме не се соодветни за поголем дел од содржините.

Најголемиот дел од забелешките кои очигледно ги напишале наставници се дека од нив се бараат многу нешта, за кои не се обучени.

- Наставниците во своето студирање изучуваат методика по предметите кои ги предаваат, а тука не спаѓаат методика по физика, по биологија, методика по хемија, за овие предмети се компетентни предметните наставници. Зборувам за предметот „Природни науки“ во кои се ставени содржини од физика, хемија и биологија кои исто така не соодветствуваат на возраста на децата – вели наставник.

И други учесници имаат сличен став:

- Наставниците кои не се обучени доволно за имплементирање на Кембриџ програмата и учебниците кои не се прилагодени со соодветна содржина наместо да создаваат кај децата мотивација, тие најчесто им создаваат конфузија.

- Неприлагоденоста на новините кои се внесуваат во најчувствителниот сегмент во општеството, без темелна анализа, дебата и мислење од стручни лица директно вклучени во наставниот процес, притоа не мислам на кадри кои се вработени по партиски клуч, без никакви критериуми за способност, стручност и искуство.

Реакции на „Фејсбук“

Реакции имаше и на социјалните мрежи. На социјалната мрежа „Фејсбук“ наставничката В.Г. напиша:

- Денес кај нас во гимназијата најавија Кембриџ програма од оваа есен, по природните науки, а обука за професорите во летниот период. Уште една зафрканција со нашето образование си прави некој, свесно уништување на детските умови, свесно затапување на нашите ученици. Што и треба на оваа Македонија – идни граѓани со ум, интелигенција, знаење или идни граѓани идиоти кои ќе им бидат послушници на други неписмени идиоти. Срамота, и сите си молчиме, самар на грбот на граѓаните да ни стават, нема да се побуниме. Затоа и обој хаос се случува во наша Македонија. И децата се жртви на тој хаос, а родителите и ние од образованието си молчиме и трпиме некои белосветски и наши идиоти да си играат со образованието на нашите деца.

Коментар имаше и од Весна Хорватовиќ, директорка на Бирото за развој на образованието која ја оцени анкетата како исполитизирана и од „занемарлив процент од популацијата“. Таа напиша:

- Жално е и страшно е што политизирате сѐ , па дури и она што треба да биде бенефит за децата ви! Ако некој барем малку е упатен во методологија на истражување ќе сфати дека наводново „истражување“ е само една обична анкета од занемарлив процент на популацијата... Ама не се важни извештаите на евалуаторите, не се бројат релевантните истражувања на стручните институции, не, никако! Сѐ што е ново треба да се отфрли и „исплука“ , бидејќи ова старово си беше проверено најдобро?!! А да, ќе заборавев. Ќе влезат една седмица тие што ги воведоа наставните програми „Кембриџ“, со задоволство! Нека повели дотичната наставничка нека нѐ повика. П.С. Кога зборуваме со аргументи, не се плашиме да се претставиме! Доста е веќе со неодредени заменки „една наставничка“, „некои луѓе“ и сл. Аман веќе...“.

Подготвил: В.Ф

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование