X
 19.04.2017 Култура

Излегуваат жешките досиеја на ОН за холокаустот


Евреи во логор
(Фото: AFP)

Оваа недела пред јавноста ќе бидат претставени досега необјавени документи на ОН за почетоците на холокаустот, а станува збор за десетина илјади досиеја кои по завршувањето на војната биле прошверцувани од државите од Источна Европа. Тие записи датираат од 1943 година, а ги отвора Книжарницата Wiener, организација која ги следи нацистичките и антисемитските злосторства веќе осумдесетина години.

Освен што содржат детални информации за почетоците на холокаустот, документите укажуваат и на некои важни работи што биле занемарувани досега. На пример, иако е општоприфатен фактот дека САД и Велика Британија први поднеле барање за судење за воените злосторства, документите докажуваат дека всушност таквите барања иницијално почнале од Полска и Кина.

САД сакале да го намалат придонесот на другите земји


За време на дејствувањето на американскиот сенатор Џозеф Мекарти, кој во 50-тите години од минатиот век „ловел“ комунисти низ САД и им судел за велепредавство, демократските држави се обидувале да го потценат придонесот на комунистичките нации во Втората светска војна. Целта им била да се прикажат водечките западни демократии како најголемите победници во војната, но и како држави со политички систем кој единствено вреди.

Обелоденувањето на документите се совпаѓа со објавувањето на новата книга на Даниел Плеш, „Човековите права по Хитлер: Изгубената историја за судењето на Оската на злото“, а која се базира на информации од наведените документи. Плеш со децении работи на истражување на холокаустот, а последните десет години интензивно работел на собирање и обработка на овие ретки записи, кои се наоѓаат во сопственост на Комисијата за воени злосторства при Обединетите Нации.

Едно од најинтересните сознанија базирано на доказите од досега необјавените документи од ОН кое Плеш го нотира во својата книга се доказите кои потврдуваат дека сојузниците знаеле за холокаустот две и пол години пред да се открие првиот концентрационен логор во Европа. Американците и Советите знаеле дека се убиени барем два милиони Евреи и дека се загрозени животите на уште пет милиони лица. Адолф Хитлер бил обвинет за воени злосторства дури пред крајот на војната, во 1944 година.


Докази за масовни силувања и проституција


Уште еден помалку познат факт кој е јасно наваден во документите се судењата за сексуални злосторства и насилство во војната. Иако денес се смета дека ваквите обвиненија за првпат се воведени на Хашкиот трибунал, спорните документи бележат дека таквите злосторства се казнувале во многу држави уште за време на војната, на пример од Полска преку  Грција, до Филипините. Записите говорат за масовни силувања во концентрационите логори Треблинка и Аушвиц. Тие информации ги собрала полската влада во егзил за време на војната.

Документите сега се дел од каталогот на Комисијата при ОН, а целата збирка е огромна и брои преку 900 гигабајти архивски материјал и 2.000 страници во ПДФ формат и е достапна online на службениот сајт на организацијата.

Ден Плеш е директор на Центарот за меѓународни студии и дипломатија при Лондонскиот универзитет, а за истражување на овие материјали морал да добие посебна дозвола од Комисијата во ОН. Увид во овие документи за холокаустот им се дозволува само на истражувачи кои имаат дозвола од владата во својата матична земја, но и одобрување од секретарот на ОН.

Најдеталната збирка записи за холокаустот досега

„Ова што сега го имаме е одлична алатка за борба против оние кои го одрекуваа постоењето на холокаустот“, вели Плеш, појаснувајќи дека дури ни германските власти немале увид во овие документи, кои биле достапни само за сојузничките држави. Сега и Германија ќе може полесно да ги документира и осуди своите злосторства од Втората светска војна.

Книжарницата Wiener уште од 1934 година ги следи нацистичките активности, а моментално е сместена во Лондон.

При крајот на 40-тите, САД и Велика Британија го намалиле интензитетот на прогонување и осудување на нацистите и го пренасочиле фокусот кон новиот непријател: „Приоритет за Труман беше анти-комунизмот, а не судењето на нацистите“, изјави Плеш. Токму заради тоа, според него, многу воени злосторства поврзани со холокаустот останале незабележани, а сега за првпат ќе станат достапни за цела јавност.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура