Филмот „Малиот гангстер“ од денеска, па во текот на целата наредна недела ќе се прикажува во 22 града во земјава. Урнебесна детска комедија синхронизирана на македонски и на албански јазик ќе можат да проследат неколку илјади основци од земјава. Филмот е дел од поголем меѓународен проект што се случува во Македонија, Албанија и во Хрватска и покажува нови форми на кинодистрибуција.
Во Скопје филмот може да се проследи во кината „Синеплекс“ и во „Милениум“ до 28 април.
Детскиот холандски филм „Малиот гангстер“ е еден од најдобрите холандски семејни филмови во последните години. Победник на најголемите филмски фестивали за деца во светот – „Синекид“, „Џифони“, „Оулу“, фален од жирито и од публиката. Комедија со шмек на американските гангстерски филмови - духовита ода за училишните згоди и незгоди. Филм наменет за најмладата публика од 8 до 14 години и сите што сакаат одлична комедија.
Како дел од промоцијата на филмот е и старо „фолксфаген“ комбе брендирано со креативни материјали од филмот. Комбето шета низ Скопје, а ќе биде и во неколку града во земјава.
Проектот во кој филмот „Малиот гангстер“ е синхронизиран на три јазика е финансиран од МЕДИА програмата „Креативна Европа“. Иницијатор на проектот „Катавеј онлајн и офлајн: Нови дигитални форми за филмска дистрибуција на Балканот“ е Дејан Трајкоски од дистрибутерската куќа „Катавеј“ од Скопје. Со помош, пак, на онлајн-платформата „Cinesquare.net“ која ќе почне со работа денеска, филмот „Малиот гангстер“ ќе биде достапен во трите земји.