X
 21.04.2017 Образование

УКИМ се обврза да стави крај на дискриминаторските содржини во учебниците

По поднесени претставки до Народниот правобранител од страна на Коалицијата СЗПМЗ, Омбудсманот побара, а ректоратот на УКИМ прифати во Правилникот за организирање на издавачка дејност да биде внесена одредба со која се предвидува забрана за употреба на учебници доколку истите не се издадени во согласност со Уставот на РМ, законите и меѓународните договори и доколку истите содржат делови кои би можеле да предизвикаат повреда на еднаквоста и правата на сите граѓани врз сите основи.



Од Коалицијата СЗПМЗ велат дека поднеле претставки до Народниот правобранител кои се однесуваат на дискриминаторски и вознемирувачки содржини кон ЛГБТ лицата, лицата кои употребуваат дроги  и лицата кои живеат со ХИВ, во учебниците: „Социјална патологија“ од авторите Зоран Сулејманов и Нелко Стојановски; „Психологија на детството и адолесценцијата - развојна психологија 1“; „Психологија на возрасните и стареењето - развојна психологија 2“ и „Психологија на родот: родовиот идентитет и родовите улоги“ на авторката Олга Мурџева-Шкариќ.

-  Народниот правобранител утврди дека спорните текстови не се во склад и несоодветствуваат на сегашната домашна и меѓународна регулатива, односно дека истите се застарени, полни со предрасуди и стереотипи кои се неприфатливи за едно модерно и демократско општество. Прифаќањето на оваа одредба во Правилникот воедно значи и обврска за УКИМ да ги повлече од употреба сите учебници кои содржат дискриминација на која било основа, вклучително и сексуална ориентација, родов идентитет и здравствен статус, но и обврска понатаму да не се издаваат учебици со ваква содржина - велат од Коалицијата.
Од Коалицијата ни испратија и неколку примери од учебниците кои ги сметаат за несоодветни и дискриминаторски, поради кои и реагирале со претставки до Народниот правобранител.

Еве дел од нив:
Во делот „Детство” на неколку места се среќава содржина која е дискриминаторска и навредлива кон ЛГБТИ лицата, неточна и спротивна од модерните научни сознанија во областа на психологијата. Дел од овие содржини се:
„Во текот на адолесценцијата најголем број од младите прават премин од тесните пријателски врски со лица од истиот пол кон пријателски или љубовни врски со лица од другиот пол.”(стр.273)„...Нив (хомосексуалците) ги сметаат за најчести преносители на сида.”„...Хомосексуалноста е избор, а не судбина. Тоа што хомосексуалноста не е веќе на листата на ментални нарушувања, сепак, не го намалува проблемот на сексуалната ориентација. Факт е дека денес се повеќе токму хомосексуалците ја наметнуваат хомосексуалноста како да е она што би требало да биде. Во одмерувањето дали хетеросексуалните или хомосексуалните врски овозможуваат повисок квалитет на човековиот развој, како единки и како род, нека се послужиме се фактот дека не е случајно што човековиот род се состои од машки и од женски единки на полов план.”(стр.276)

„Повеќето истополни довојки имаат истополно сексуално искуство, но не и романтична истополна врска“. (стр.292)
Во однос на дискриминаторските содржини кон ЛГБТИ луѓето, учебникот содржи цело поглавје насловено „Хомосексуалност“.

Во учебникот хомосексуалноста е дефинирана на следниов начин:
 “Ако како девијантно го определивме она однесување кое во значителна мерка отстапува од општествените норми и вредности, на кои реагира општествената заедница, а кое се менува во времето и просторот, тогаш хомосексуалното однесување може да се третира како посебен вид девијантно однесување. Но бидејќи ја спомнавме и општествената реакција, тогаш сметаме дека ставот кон оваа појава денеска во голема мера е ублажен, односно зголемена е толерантноста. Но сепак во цивилизираните средини на современиот свет воопштено кажано хомосексуалноста се оценува негативно, како абнормална, девијантна појава во човечкото однесување.“ (стр. 350)
Подготвил: М.Ф

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование