X
 22.04.2017 Образование

Девојчињата, но и децата со попреченост стануваат храбри ликови на современите приказни

Низ примери од светската литература, професорката Весна Мојсова-Чепишевска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ни посочува како се менуваат карактерите, посебно на женските ликови



Девојките во приказните најчесто се прикажувани како кревки, нежни и како им треба некој принц за да ги спаси од некакво зло. Во последните неколку години светот сними и приказни во кои девојките се храбри, се борат со стереотипи и принцот не е најважната работа што ја бараат.

Елса, Мерида, Моана – се ликови од популарните анимирани филмови кои девојките ги прикажуваат и во малку поинакво светло – како борбени, со одредена цел, а не само со желба да го најдат принцот што ќе ги бакне и ќе живеат засекогаш среќни.

Разлика во приказните се забележува низ епохите, се согласува и Весна Мојсова-Чепишевска, професорката на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје, која, меѓу другото, предава и книжевност за деца.

Доминацијата на кревкиот женски лик, како што е Црвенкапа, Снежана или Пепелашка, кој, сепак, на крај успева да го измине патот на иницијацијата многу успешно и притоа да порасне и да созрее, е онаа што ја одбележува повеќе народната (усната) сказна. А, пак, сказната се раѓа во прегратките на митот, кој пак од своја страна минува и низ една своја трансформација од приказни кои во основата го манифестираат матријархатот кон приказни кои се почитувачи на патријархатот, истакнува професорката.

- Треба да се истакне постапката на раскажување на старогрчките митови од страна на германскиот поет Густав Бењамин Шваб (1792-1850), која се издвојува како мошне важна за целокупната европска култура. Таа, според вредноста, може да се спореди со собирачкото творештво на Шарл Перо, на браќата Вилхелм Грим и Јакоб Грим и на Ханс Кристијан Андерсен. Имено, идејата на Шваб да ги (пре)раскаже античките митови е необично важна зашто во литературата, музиката, сликарството на Европа на различни начини се внесени ликови и настани од античката митологија. Шваб ја сметал за своја должност светот на класичната митологија што повеќе да му го доближи на детето. Оваа страст ја раѓа кај него идејата во 1835 година да ја објави антологијата „Поетите на стара Грција преработени за женската младина“, значи првенствено за девојчињата и девојките, кои за разлика од момчињата, сè уште немале рамноправен статус во однос на изборот и потребата од образование, поточно од одење на училиште. Во периодот 1838-1840 година од многубројни грчки и латински извори Шваб ги избира најзначајните и највпечатливите приказни, истите ги преведува и мајсторски ги поврзува. Некои делови ги прераскажува, некои ги скратува, а најсуровите и оние доволно еротските, заради педагошки цели, ги ублажува. Оттогаш неговата збирка „Најубавите приказни од класичната старина“ станува еден од најважните посредници меѓу античката литература и религиозната традиција за германското говорно подрачје, па и пошироко. А да не заборавиме, пред него, и Шарл Перо со издавањето на зборникот „Приказни од дамнината или приказни од Мајката Гуска“ во 1697 година, првенствено мисли на приказни кои ќе им помогнат на девојчињата за стекнување добри манири, иако оваа книга ќе се покаже како пресудна по однос на влијанието што ќе го изврши врз подоцнежниот развој и живот на сказните во Европа – вели Мојсова-Чепишевска. Времето се менува, а со него и приказните. Денес девојчињата добиваат вистински глас преку новите книжевни женски ликови.



- Би сакала да ја споменам книгата „Тори и принцот-змија“ од канадската писателка К. В. Јохансен во која извртувајќи ги родовите улоги, главната улога не му се доделува на момчето, туку на девојчето, и тоа девојчето кое има искривено стапало, т.е. девојче со мала телесна попреченост да тргне во авантура за спасување на принцот. Хероината на оваа книга, меѓутоа и другите ликови, не ја гледа физичката попреченост како проблем, туку само како уште еден аспект на личноста – посочува Мојсова-Чепишевска.

Таа се потсетува и на книгата „Петар Пан во црвено“ (еден вид продолжение на популарната книга „Петар Пан“) од англиската авторка Џералдин Мекоркран, која го зема како појдовна точка оригиналот на Џемс Бери. - Книгата прави една тотална пермутација во која изгубените момчиња не се повеќе само момчиња, зашто меѓу нив има и девојче, поточно едно од изгубените момчиња се враќа во Недојдија како девојче, вилите можат да бидат и машки, а мајките добиваат помалку важна улога (сега и татковците ги бараат своите деца), а Венди не е само домаќинка, туку и активна учесничка во авантурите – вели професорката.

Интересен пример за нови главни ликови во современите детски приказни е и книгата „Чудна случка во ноќта“ од британскиот автор Марк Хадон, во која се раскажува од позиција на 15-годишното момче Кристофер Францис Бон кое има аутизам.

- Приказната им овозможува и на малите и на возрасните читатели да навлезат, без никаква сентименталност, во светот на аутистичното момче, кое како и хероината на „Тори и принцот-змија“ е активен учесник во заплетот. Всушност, добрата литература за деца става акцент токму на чувствителното и карактерното растење и созревање. Таа, незабележително, лесно, го пренесува читателот од брегот на детството до брегот на возрасните. Во тоа лежи и нејзината порака – да му се помогне на малиот човек, и на момчето и на девојчето, во сложениот процес на себеспознавањето и да му покаже дека во тој процес тој не е сам, порака која се чита и во споменатите книги за деца – објаснува Мојсова-Чепишевска.

Интересен пример од поновата литература за деца е и романот „Белиот кловн“ од Дамир Милош, илустриран од Ловро Артуковиќ и тоа црно-бело, зашто момчето од овој роман не разликува бои.

- Како и секоја добра книга за деца, и оваа е воедно книга и за возрасни. Тоа е приказна за еден подлабок далтонизам на секојдневието, за конформизмот на мислењето, површноста на нашите реакции. Треба да се спомене дека оваа приказна на Милош настанува како резултат на неговата работа со деца со оштетен слух, со чија помош авторот доаѓа до сознание дека учењето говор е слично со учењето бои и дека создава еден посебен вид препознавање, сфаќање и емоционално доживување на целокупниот свет. Со тоа Милош допира до еден проблем од антропологијата на јазикот познат како синестезија на чувствата која малиот јунак ќе ја доживее со помош на старец кој вака го подучува: „Слушај дете, јас боите не ги гледам со очи. Јас можам да ги намирисам, да ги допрам, или да ги чујам.“
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование