X
 24.04.2017 Образование

На базар во училиштето „Нова“ се собраа средства за помош на децата без родители

Стотици граѓани вчера (сабота, 22 април) го посетија хуманитарниот семеен базар кој се одржа во меѓународното училиште „Нова“. На настанот се собираа средства од кои дел ќе бидат донирани на Домот за деца без родители „11 Октомври“. Станува збор за 11. издание на манифестацијата која годинава се одржува под мотото „Од децата за децата“. Посетителите уживаа во традиционални специјалитети од повеќе држави, во саем на книга, базар на ракотворби од различни делови на Македонија како и во повеќе настапи на учениците од оваа образовна институција. Гости беа децата од „11 Октомври“, а воедно присуствуваа и претставници на дипломатскиот кор и личности од бизнис-заедницата од кои дел беа задолжени и за подготовка и продажба на храна од земјата каде потекнуваат.



Настанот е во организација на Здружението на родители и наставници во училиштето „Нова“ и секоја година најголем дел од собраните средства од продажбата се наменети за некоја хумана цел.

- Во духот на почитта и негување на човечките вредности базарот е со хуманитарен карактер. Дел од средствата собрани од овој настан ќе се донираат на Домот за деца без родители „11 Октомври“, а дел ќе се искористат за поддршка на иницијативата на „Нова“ за обезбедување на чист воздух. Сепак материјалната помош не е единствената цел туку и моментот на подигнување на свеста на целата заедница за потребата да си помогнеме едни на други – посочуваат членовите на Здружението на родители и наставници во меѓународното училиште.



Досега средствата собрани на овој традиционален базар биле наменети и за Заводот за ментално здравје на деца и младинци „Младост“, за Домот на доенчиња од Битола и за голем број други институции. Годинава фокусот е насочен кон Домот за деца без родители „11 Октомври“.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование