X
 01.05.2017 Култура

Актерската екипа од легендарниот „Кум“ повторно се сретна по 45 години


Марлон Брандо во „Кум“
(Фото: Flickr)

Режисерот Френсис Форд Копола и актерската екипа од легендарниот филм „Кум“ се собраа по 45 години од снимањето во Њујорк, каде се потсетија на овој серијал филмови за мафијата, закитен и со неколку „Оскари“.

Копола, Ал Пачино, Роберт де Ниро, Дајан Китон, Џејмс Кан, Талија Шаер и Роберт Дувал на средбата  ги изгледаа проекциите на „Кум“ (1972) и „Кум 2“ (1974) заедно со уште 6.000 посетители на завршната ноќ од „Трибека филмскиот фестивал“.

„Не сум ги гледал овие филмови со години и ова за мене беше многу емотивно. Сум заборавил многу нешта за правењето на овие филмови и самата сторија“, изјави Копола.

Овие два филмски класици имаат освоено вкупно девет „Оскари“ за приказната за едно сираче од Сицилија кое емигрирало во САД  каде подоцна  го основало мафијашкото семејство Корлеоне.

Она што помалку се знае околу снимањето се неповолните првични услови при настанувањето: прво бил замислен како „евтин и брз“ филм,  а Копола неколку пати бил пред отпуштање заради отпорот во филмот да ги ангажира Марлон Брандо и Ал Пачино.

„Од студиото особено го мразеа Брандо. Сметаа дека тој „мумла“ и дека е многу мрачен во филмот“, истакна Копола за Марлон Брандо, кој токму за оваа изведба освои „Оскар“ за најдобра машка улога.

Новајлијата Пачино морал неколку пати да работи пробни снимања за улогата на Мајкл Корлеоне, образованиот син во семејството, кој подоцна го презема семејниот бизнис – казината, коцкањето и рекетот.

Челниците на студиото сметале дека Пачино е пренизок за улогата и наместо него ги форсирале Рајан О’Нил и Роберт Редфорд.

Сепак, Копола инсистирал Пачино да ја добие улогата. „Секогаш кога го препрочитував сценариото, секогаш неговото лице ми доаѓаше пред очи, особено во сцените од Сицилија“, се потсети режисерот.

Пачино вели дека првично ја сакал улогата на „вжештената глава“ на синот Сони и сметал дека Копола „бил навистина луд“ при инсистирањето токму тој да ја одигра улогата на Мајкл Корлеоне.

„Помислив, или ова е сон или шега... и тогаш почна цела сага дека некои не ме сакаат мене, за разлика од  Копола“, истакна Ал Пачино, кој серијалот филмови „Кум“ го лансираше во орбитата меѓу најценетите актери од својата генерација.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура