X
 01.05.2017 Живот

Македонци во Дубаи: „Овде се вреднува трудот, секој живее како сака, но ги почитува правилата“

Професионализам, услуга, ред, различни култури се добрите страни на најголемиот град на Обединетите Емирати, додека високите температури, скапото школство, немањето право на државјанство го прават привремен избор на многумина Македонци, кои оттаму сонуваат за некоја нова дестинација



Дубаи е една од дестинациите што во последните години привлекува сѐ повеќе професионалци и од Македонија. Во последните десетина години, како Дубаи да стана новата ветена земја. Атрактивно место за млади и амбициозни луѓе. Неколку илјадници Македонци живеат и работат во најголемиот град на Обединетите Емирати. Поразговаравме со неколкумина кои сакаа да ни го споделат своето искуство од животот во една сосема различна средина од нашата.

Можноста за професионален напредок е нешто што сите наши соговорници го истакнаа и дека семејството и пријателите најмногу им недостасуваат. Меѓу нив е и докторот Иван Атанасов, кој живее во Дубаи од 2013 година. Вели дека го сака раскошот што го нуди Дубаи. На прашањето дали би се вратиле во Македонија, ни одговори:

-Веројатноста да отидам во друга земја е поголема, отколку да се вратам во Македонија. Откако ќе споредите како живее нормалниот свет и како се живее во Македонија, втората опција станува непривлечна – категоричен е Атанасов.

Неговата сопруга Даниела која работи како ИТ консултант во компанија која е еден од водечките партнери на „Мајкрософт“ во тој регион.

-Во Дубаи ми доминираат добрите страни. Ми се допаѓа тоа што е туристичко место и секогаш има позитивна енергија, оти секој е расположен и весел кога оди на одмор. Отсекогаш се восхитував на луѓето што живеат покрај море и мислев дека ќе бидам на плажа секој ден, сепак обврските не ми го дозволуваат тоа, па се трудам секој викенд да го искористам максимално за на плажа. Се чувствувам слободна да шетам во секое време од денот. На професионален план, Дубаи нуди многу можности за надградување – вели Атанасова.

Ниту таа не би се вратила во Македонија, вели: „не ми се допаѓа тоа што политиката е толку длабоко навлезена во секојдневието, што сѐ повеќе ги гуши луѓето.“



Петта година во Дубаи живее и радиоводителката Снешка Делимитова – Јанески. Музиката и во Дубаи е нејзин професионален избор. Настапувала во еден од најпознатите клубови во светски рамки „Армани Приве“, а сега работи како диџеј во лаунџ барови и на разни настани.

-Иако сум дипломиран правник, речиси 20 години работам во медиуми и музиката е главниот двигател. Дипломата овде не ми значи ништо, но затоа талентот е секаде талент и за среќа, некаде е вреднуван како што треба. Работам и на разни промоции, изложби и проекти. Мора да признаам дека ми фали радиото – вели Делимитова-Јаневски. Во однос на животот таму, Снешка издвојува што не ѝ се допаѓа.



-Не го сакам пеколното жешко лето и што за разлика од Европа и Америка, немаш право на државјанство и на пензија. Дубаи е еден од најкосмополитските градови во светот. Живеат луѓе од сите страни на земјината топка, разни култури, кујни, обичаи, религии...Таа шареноликот многу ми се допаѓа. Секој живее како сака, но ги почитува правилата. Овде постои ред и закон и без разлика од каде доаѓаш, мора да ги почитуваш. Тоа е она што доколку би се вратила во Македонија, ќе ми фали, односно ќе ми смета. Овде се пази многу на услугата, на хигиената, на професионализмот и навистина, после Дубаи стандардите се многу високи. Од друга страна, пак, понекогаш ми фали таа наша балканска лежерност кон животот и времето, но и тоа можеш да си го дозволиш ако се потрудиш. Ми фалат дружбите со драги луѓе, медиумите и планините. Овде нема планини, а јас сум љубител на природа, ама затоа пак, морето ми компензира – вели Делимитова-Јаневски. Школувањето во Дубаи е многу скапо. Само за градинка за три месеца се плаќа по 2.500 долари.

-Реално за сумата што би ја потрошила да го школувам детето, би можела да го образувам во престижни училишта во Европа. Овде има швајцарски, англиски, американски школи кои важат за едни од најквалитетните системи за образование. Во Дубаи живеат различни народи, така што една од најголемите вредности што децата ја научуваат е почитувањето на секого, без разлика од каде е и на која вера ѝ припаѓа.

Некои одлучуваат и да се вратат во Македонија. После три и пол години поминати во Дубаи заедно со своето семејство, во Скопје се врати Маринела Ѓоршева, каде работела како логистички координатор за понуди и тендери во компанија за транспорт, логистика и преселби.



-Ја прифатив понудата за работа без многу двоумење сакајќи да стекнам нови искуства на професионален и личен план. Првиот впечаток за Дубаи ми беше позитивен. Тоа е град на луксузот и бизнис-центар каде што се спојуваат Истокот и Западот. Ми беше доста предизвикувачки да живеам и работам во поинаква околина со луѓе од различни култури Ми се допаѓаше што беше доста безбедно и лесно прилагодливо на новата средина и подобриот стандард на живеење. Таму се скоро сите од некаде дојдени и лесно е да се спријателиш со нови луѓе. Прилично брзо се прилагодив сѐ уште ми недостигаат некои од удобностите што ги нудеше градот. Како и секој град и таму некогаш се има чувството дека нешто фали. Некои од работите што не ми се допаѓаа беа летото и превисоките температури. Ми фалеше природата. Во Дубаи има места со паркови и зеленило, но не доволно, сепак самата околина е пустина и движењето е малку потешко. Повеќето улици се за возење, не и за пешаци. Колку и да беше лесно да запознаеш нови луѓе, чувството дека тоа е можеби ‘привремено’ висеше понекогаш помеѓу сите нас. Многумина имаа мислење дека пријателствата се таму ‘вештачки’ и привремени, дека е ‘вештачки’ и површен град. Сепак, јас имав можност да запознаам прекрасни луѓе кои сѐ уште ми се пријатели и со кои верувам дека ќе останам во контакт уште долго време. Исто така, не ми се допаѓаше поделеноста на луѓето врз основа на националноста, каде што секој заработува врз основа на своето потекло. Па така, за истата позиција, некој од Англија, на пример, би бил подобро платен од некој како јас од Источна Европа. Исто како што јас би била подобро платена од оние што доаѓаат од источните земји како Индија, Филипини итн – објаснува Ѓоршева.

Поради работни обврски одлучиле да се вратат пред една година.

- Ние не го гледавме Дубаи како долгорочно решение за живот и градење на фамилија. Тоа е наше искуство и гледиште, верувам дека секој на свој начин се пронаоѓа или ќе се пронајде во таа приказна. Можеби во иднина ако има некоја друга прилика, не само за Дубаи и за други земји би била расположена за градење на нови искуства – вели Ѓоршева.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот