X
 10.05.2017 Култура

На најбескорисниот аеродром на светот слета првиот авион


Авион и чуден предел
(Фото: AFP)

Аеродромот кој е познат како „најбескорисниот аеродром на светот“ конечно го поздрави првото слетување на еден комерцијален авион, по повеќе од десет години откако почнала изградбата  и речиси цела година откако е пуштен во употреба. Шеесет патници минатата недела слетаа на аеродромот на островот Света Елена, мала британска прекуморска колонија која е лоцирана сред Атлантикот.

Ова место е оддалечено 1.930 километри до најблиското копно и 1.303 километри до најблискиот остров. До Света Елена обично се стига со брод по петдневна пловидба.

Британската влада за првпат во 2005 година ги објави плановите за изградба на аеродром на овој остров, а најголемиот проблем бил да се најде соодветна градежна компанија  која би прифатила работа на ваква оддалеченост. Потоа се соочиле со извесни финансиски проблеми предизвикани од рецесијата, па договорот бил потпишан дури во 2011 година.

Аеродромот официјално е отворен од 2016 година, но се утврдило дека големите авиони не можат да слетуваат заради силните и опасни ветришта на островот.  Од јуни минатата година, овој аеродром го користат само мали приватни авиони, пренесува telegraph.co.uk.

Заради сето ова, заедно со фактот што на островот живеат вкупно 4.534 жители, аеродромот е прогласен за „најбескорисен на светот“.

Слетувањето на првиот комерцијален авион на 3 мај со 60 патници, сепак не значи и крај за сите овие неповолни околности за аеродромот. Имено, овој лет со два часа задоцнување, беше организиран само заради фактот што двата бродови кои редовно пловат до островот беа откажани.

Инаку, Света Елена е вистинско место за вљубениците во природата, дивите животни но и на историјата. Климата е блага во текот на цела година, а температурата се движи меѓу 20 и 27 Целзиусови степени. Англискиот е главен јазик на островот, а храната се развива под влијание на малајската и кинеската кујна.

Овој остров е единствената прекуморска британска територија после Бермудите. Го откриле Португалците во 1502 година, а Британците го колонизирале во 1658 година. Наполеон починал тука во 1821 година, шест години откако бил испратен во егзил.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура