X
 17.05.2017 Образование

Д-р Весна Хорватовиќ, директорка на Биро за развој на образованието: „Кембриџ“ ќе обезбеди поквалитетно образование во Македонија

Реформите во образованието направени според моделот на Cambridge International Examinations ќе овозможат поквалитетно образование на учениците базирано на меѓународно споредливи стандарди, вели д-р Весна Хорватовиќ, директорка на Биро за развој на образованието во Република Македонија. Повод за интервјуто е анкетата која Факултети.мк ја спроведе во минатиот месец, чии неофицијални резултати покажаа дека многу читатели се незадоволни од реформите. Хорватовиќ објаснува зошто има спротивно мислење.

 

Факултети.мк: Анкетата која ја спроведовме на нашиот портал, а се однесуваше на тоа колку граѓаните се задоволни од образовните реформи спроведени според „Кембриџ“, на која анонимно учествуваа околу 1.500 читатели, покажаа дека дури 87,4 отсто сметаат дека нашите деца не добиваат квалитетно образование. Според Вас, на што се должи овој негативен став?


- Образовните реформи со кои се воведоа адаптираните наставни програми од Cambridge International Examinations по предметите математика, природни науки, биологија, хемија и физика во основното образование, а кои ќе продолжат и во средното образование, нудат можност за поквалитетно образование на учениците, кое се темели на меѓународно споредливи стандарди и кое нуди можност нашите ученици да усвојуваат знаења како и останатите ученици во развиените европски земји, а и пошироко. Резултатите од спроведените анализи кои произлегуваат од континураниот мониторинг на наставата што Бирото за развој на образованието во соработка со Cambridge International Examinations го спроведува изминативе три години низ основните училишта во Република Македонија покажуваат позитивни промени во педагогијата на поучувањето, во пристапот на учење кај учениците и позитивни промени во постигнувањата на учениците по наставните предмети опфатени со оваа реформа. Фактите говорат дека позитивни промени се случуваат, а ставот на испитаници во анкетата може да се должи на произволни видувања, недоволна упатеност и слично.

Факултети.мк: Реформите почнаа да се спроведуваат пред три години. Какви се досегашните резултати?

- Бирото за развој на образованието во соработка со Cambridge International Examinations секоја учебна година спроведува мониторинг на наставата по математика, природни науки, биологија, хемија и физика во основните училишта во Република Македонија. Целта на овој мониторинг е да се направи анализа на состојбите пред и по воведувањето на новите наставни програми, но и да се следат промените во наставата и учењето на учениците и придобивките од оваа реформа. Резултатите покажуваат подобрувања во поучувањето, учењето и постигањата на учениците што говори дека оваа реформа го подобрува образованието по математика и групата на природни предмети во нашите училишта.

Факултети.мк: Може ли да посочиме кои се главните придобивки кои треба да ги донесе „Кембриџ“ во македонското образование?

- Поквалитетно образование на учениците базирано на меѓународно споредливи стандарди. Квалитетот на образованието очекуваме да се подигнува бидејќи со овие наставни програми се фаворизира примена на современи методи и техники во наставата и активно учење преку истражувачки ученички активности што пак од своја страна ја подобрува педагогијата на поучувањето и пристапот на учење кај учениците. Тоа пак, крајно треба да резултира со усвојување поквалитетни знаења, а со тоа и подобрување на постигањата на учениците. Како уште една значајна придобивка е зголемувањето на интересот и љубовта на учениците за изучување математика и природни науки што понатаму очекуваме да резултира со зголемен интерес на нашите млади генерации да се определуваат за професии од овие области на науката.

Факултети.мк: Кога се донесуваше одлуката за реформите, дали беа консултирани високообразовните институции, последната образовна инстанца каде завршува официјалното образование на еден ученик. Каков е нивниот став за „Кембриџ“?


- Одлуката за отпочнување со имплементација на наставните програми од Кембриџ се базира на перманентното следење на постигнувањата на учениците во нашата држава по математика и предметите од природните науки во основното и средното образование и од резултатите на меѓународните тестирања. Значаен фактор беше и сè  понагласената тенденција за намалување на бројот и кавлитетот на студенти на природно-математичките и техничките факултети и тенденцијата за намалување на бројот на матуранти коишто го избираа предметот математика за полагање на државната матура.

Факултети.мк: Сметате ли дека образовните работници во Република Македонија беа солидно подготвени да почнат да ги спроведуваат новите начини на предавање на предметните материи?

- Наставничката професија е динамична и бара постојана едукација, прифаќање и примена на современи методи и техники на работа со учениците. Квалитетна настава подразбира пред сè, квалитетен наставник. Во таа наскоа сите наставници од основните училишта во Република Македонија кои предаваат во одделенска настава и сите наставници од основните училишта кои предаваат математика, природни науки, биологија, хемија, односно физика во предметна настава во изминатите три години следеа обуки за имплементирање на новите наставни програми по соодветниот предмет. Обуките беа реализирани од страна на компетентни советници од Бирото за развој на образованието пред почетокот на учебната година во периодот јуни-август, и тоа: во 2014 година за наставните програми од прво до трето одделение, во 2015 година за наставните програми од четврто до шесто одделение и во 2016 година за оние од седмо до деветто одделение. Обуките беа реализирани со поддршка на експерти од Cambridge International Examinations. Значајно е да напоменеме дека советниците од Бирото за развој на образованието претходно следеа мастер обуки кои беа организирани и реализирани од страна на експерти од Cambridge International Examinations.



Факултети.мк: Една од забелешките е дека според реформите, наставниците мора да спроведуваат практична настава, без никакви нагледни средства. Која е главната причина за оваа некоординација и како да се надмине проблемот?


- Нагледните средства се многу важни за успешно имплементирање на наставните програми. Сведоци сме дека во некои училишта се набавени потребните ресурси за работа, но во некои делумно или недостасуваат. Овој проблем мора да се надмине пред сè со заедничко залагање на училиштата, локалната самоуправа и другите чинители релевантни по овие прашања. Недозволиво е и треба да се критикува доколку училиштето бара „нагледните средства“ што се потребни за наставата да ги обезбедуваат родителите. Напоменувам дека не станува збор за „нагледни средства“ коишто претставуваат голем финансиски издаток за секое училиште.

Факултети.мк: Има и многу забелешки на преводот на учебниците, дека е буквален и несоодветен за нашите општествени услови. Се согласувате ли со нив?


- Преводот и адаптацијата на учебниците не е во надлежност на Бирото за развој на образованието и не би можела да го коментирам овој аспект.

Факултети.мк: Дали некоја од земјите од регионот го применува образовниот систем според „Кембриџ“ и какви се нивните искуства?


- Во низа училишта низ европските земји, а и пошироко се имплементираат наставни програми изготвени од страна на Cambridge International Examinations. Овие наставни програми се базираат на меѓународно споредливи стандарди. Уште повеќе, на многу престижни универзитети ширум светот се валоризираат резултатите на учениците што се запишуваат постигнати според наставните програми и испитите што ги спроведува Cambridge International Examinations.

Факултети.мк: Многумина од читателите кои учествуваа анкетата коментираа: Со „Кембриџ“ децата ќе ни останат неписмени. Каков е Вашиот одговор?

- Спротивен. Оваа реформа цели кон поквалитетно образование на учениците, кон европски перспективи за учениците и кон формирање квалитетно едуцирани генерации.

Факултети.мк: Од септември реформите според „Кембриџ“ ќе почнат да се спроведуваат во средното образование. На кој начин, по кои предмети ќе бидат спроведени во првата година?

- Од септември 2017 година ќе почнат да се имплементираат новите наставни програми по предметите математика, биологија, хемија и физика за прва година средно образование. Во средното образование оваа реформа понатаму ќе продолжи сукцесивно. Бирото за развој на образованието оваа учебна година спроведува мониторинг и анализа на моменталната состојба на наставата по овие предмети преку посета на часови, а тоа ќе продолжи и со воведувањето на новите наставни програми со поддршка на Cambridge International Examinations. Исто така, во периодот јуни-август 2017 година, сите наставници од средните училишта кои предаваат математика, биологија, хемија, односно физика ќе следат обука за имплементација на соодветната наставна програма за прва година според Cambridge International Examinations. Со обуката ќе бидат опфатени сите наставници без разлика во која година од средното образование ќе предаваат во учебната 2017/18 година. Обуката ќе биде спроведена од страна на компетентни советници од Бирото за развој на образованието кои претходно следеа мастер обука реализирана од страна на експерти од Cambridge Interantional Examinations.
Подготвил: В.Ф

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование