X
 18.05.2017 Кариера

Почна третиот циклус на саеми за вработување, невработените не губат надеж, веруваат дека ќе најдат работа

Повеќето од невработените кои го посетија третиот циклус на саеми за вработување велат дека со години не можат да најдат работа. Дел од присутните кои како што рекоа имаат завршено средно образование, задоволни би биле да најдат работа. Ги посетиле штандовите  на кои фирмите имаат потреба од  хигеничари, мајстори, продавачи. Оставиле своја биографија и очекуваат да бидат повикани на интервју и да почнат со работа. Тешко е да се живее со три илјади денари месечно раскажува Али Рамадани кој има 47 години,  а 20 години не е работно ангажиран.



-Кога има саеми за вработување доаѓам со надеж,  да најдам работа. Потоа чекам некоја од компаниите  да ме повика, но досега никој не ми се јавил. Немам работа 20 години, тешко е, сакам да си обезбедам поквалитетен живот, рече Али Рамадани од скопското село Буковиќ.

Оние со високо образование сакаат да работат по струка, таков  е примерот со триесет и две годишниот Илија Ангеловски кој дипломирал за историчар, архивар.
-По завршувањето работев само шест месеци, девет години немам работен ангажман.  Барам да се вработам по струка, ама имам впечаток дека за општествени науки компаниите немаат потреба од кадар, вели Илија Ангеловски.
На третиот циклус саеми за вработување кој почна денеска, а ќе трае до 15 Јуни учествуваат 60 –те компании. На штандови им ги презентираа на невработените, услугите, дејностите, висината на платата. Имаат потреба од работници во машинската индустрија, прехранбената, банкарскиот сектор, програмери ама и занаетчии. Од  кариерните центри нудат и обуки да можат да граѓаните да се доквалификуваат. Новопримените работници ги обучуваме бидејќи на пазарот недостигаат кадри кои имаат познавања од занаетчиските струки.

-Станува збор за автомеханичар, бравар.  Ги повикуваме да ја посетат нашата веб страна каде ќе можат да достават CV вели Виктор Ружиновски, менаџер за човекови ресурси во „Ванхул”
-Како најлесно да се обучат и врз основа на тоа да најдат вработување, преку кариерниот центар  ги повикуваме сите оние кои сакаат да бидат дел од обуките, на сите лица кои се во потрага по прво вработување, промена на работното место, преквалификации кои сакаат да ги направат вели Анче Јовановска, менаџер за човекови ресурси од „СЕМОС”
Намалување на невработеноста и зголемување на можностите за вработување на невработените граѓани се очекувањата на надлежните од саемот.

- Овој настан ќе ни овозможи сознанија за занимањата кои се барани од страна на работодавачите, со што младите луѓе ќе можат да се насочат во вистинска насока за нивно полесно вработување по завршување на образовниот процес. Работодавачите имаат можност да ја презентираат својата дејност, производи, услуги и сите други аспекти од нивното работење, како и да остварат контакти со голем број невработени лица. Од друга страна, посетителите на саемот имаат можност да се запознаат со условите што ги нудат работодавачите за вработување, како и за нивно вклучување во програмите за практикантство и обука, изјави Ибрахим Ибрахими, министер за труд и социјална политика.

Директорот на Агенцијата за вработување  рече дека ваквите настани се многу корисни за младите да можат да се информирани кој видови на занимања се побарувани и така да го насочат своето образование. Карванот ќе ги опфати и градовите: Штип, Кавадарци, Битола, Тетово и Струмица. Досега 2500 граѓани успале да се вработат, аплицирале во компании на претходните саеми за вработување. Министерот за труд и социјална политика потсети дека според податоците на државниот завод за статистика има континуирано намалување на стапката на невработеност во земјава од 36 проценти во 2006 година, на 23.7 проценти.
Подготвил: В.М.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Кариера