X
 23.05.2017 Култура

Умберто Еко: „Како да се потроши времето.“


Умберто Еко
(Фото: Wikimedia Commons)

Кога ќе се јавам кај забарот и тој ќе ми каже дека нема слободен термин цела следна недела, јас му верувам. А кога од мене барааат да присуствувам на некој состанок или тркалезна маса, да напишам есеј или да бидам член на некое жири, ако кажам дека немам време, мене не ми веруваат.

„Aма, ајде професоре“,  ми велат, „некој како Вас секогаш може да најде малку време“. Очигледно е дека нам, хуманистите, не нè сметаат за сериозни стручњаци, ние сме „денгуби“.

Направив пресметка. Ќе ги повикам колегите кои се занимаваат со сродни професии и тие да го сторат истото и да ми кажат дали сум во право. Една година која не е престапна има 8.760 часови. Осум часа сон, еден час за будење, пола час за преслекување и ставање на минерална вода на ноќното орманче, и не повеќе од  два часа за оброци, чинат вкупно 730 часа.

Заедно со три часови неделно од по два часа и едно попладне за прием на студенти, факултетот ми одзема, за дваесеттина недели колку што траат предавањата, 220 часови за предавања, 24 часа за испити, 12 на разговори за тезите, 78 за седници и разни совети. Земајќи предвид и пет дипломски трудови годишно од по 350 страници (во просек три минути за секоја), прочитани најмалку по двапати, пред и после прегледот, доаѓаме до 175 часа. За писмените трудови, со оглед дека многу од нив ги прегледуваат моите соработници, нема да сметам на повеќе од 4 часа по испитен рок, триесет страници за час, пет минути по страница, што за читање што за дискусија, и ете уште дополнителни 60 часови. Не сметајќи ги истражувањата, стигнавме до 1.465 часови вкупно.

Уредувам и едно списание за семиотика кое излегува трипати годишно на вкупно 300 страници. Не сметајќи ги прочитаните и отфрлени ракописи, посветувајќи по десет минути на секоја страница (проценка, преглед, коректура), доаѓаме до 50 саати. Уредувам и две едиции поврзани со моите стручни интереси и ако одвојам само по десет минути за секоја, тоа се уште дополнителни 300 часа. Моите преведени текстови, есеи, книги, статии, настапи по конгреси, притоа сметајќи само на јазиците кои можам да ги контролирам, чинат во просек  1.500 страници годишно; на секоја ѝ посветувам 20 минути (читање, контрола, разговор со преведувачот лично, по телефон или писмено) и така доаѓаме до нови 500 саати. А тука се и оригиналните ракописи. Дури и ако не пишувам книга, со есеите, рефератите од конгресите, извештаите, белешките за предавањата и слично, еве нови 300 страници. Ако ги пресметаме размислувањата, белешките, типкањето и поправките одземаат барем по еден час на страница, тоа се тие 300 часови работа. Кога станува збор за „сештариите“ на Минерва, за барање теми, правење забелешки, консултирање на некои други книги, пишување, сведување во саканиот формат, праќање или диктирање ми требаат, во најдобар случај, три часа; кога тоа ќе го помножиме со 52 недели, еве нови 156 часови (не ги сметам другите статии, непланираните). И на крај поштата, која не успевајќи целата да ја прочитам, ѝ посветувам три попладниња седмично, и која ми одзема дополнителни 624 саати.

Направив пресметка за 1987: прифаќајќи само десет отсто понуди и ограничувајќи се само на строго дисциплинарни собири, на промоции на проекти со кои сам управував или моите соработници, неодложните присуства (академски церемонии, состаноци во организација на ресорните министерства) доаѓам до 372 часа ефективно присуство (не сметајќи го „мртвото“ време). Земајќи ги предвид  моите обврски поврзани со странство, додадов уште 323 часови кои ги поминувам во патувања. Оваа пресметка покажува дека само делницата Милано – Рим трае четири часови, вклучително и таксито до аеродромот, чекањето, летот, таксито во Рим, сместувањето во хотел и одењето до местото на состанокот. Патот до Њујорк трае 12 часа.

Крајниот збир изнесува 8.094 часови. Кога таа сума се одземе од 8.760, колку што има часови во една година, ми остануваат 666, односно еден час и 49 минути дневно за секс, гледање со пријателите  и семејството, погреби, лекувања, шопинг, спорт и театар. Како што се гледа, не го пресметав времето за читање на испечатениот материјал (книги, статии, стрипови). Признавам дека тоа го правев за време на патувањата, во 323-те часови, пет минути по страница, (само читање и забелешки), што значи дека сум можел да причитам вкупно 3.876 – еквивалент само за 12,92 книги од по 300 страници. А пушењето?

На шеесет цигари дневно, кои треба да се запалат и изгаснат, отпаѓаат 182 часа. Така не може понатаму. Ќе мора да се откажам од пушењето.


Умберто Еко (1988)
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура