Владимир Георгиевски, еден од најистакнатите современи македонски сликари и професор на Архитектонскиот факултет, почина денеска во Скопје по тешко боледување.
Во целокупното творештво на Владимир Георгиевски, човекот и неговата судбина се постојана тема, естетска провокација и креативна преокупација.
Георгиевски има поминато низ неколку фази на уметничко изразување, но секогаш успешно сочувувајќи ја нагласената оригиналност.
Роден е на 1.06.1942 во Скопје. По завршувањето на средното уметничко училиште се запишува на Академијата за ликовни уметности во Белград. Диполoмира во 1958 година. Постдипломските студии ги завршува на истата Академија во класата на професор Младен Србиновиќ.
Работел и како професор на Архитектонскиот факултет и Факултетот за драмски уметности во Скопје од раните осумдесетти години до почетокот на новиот милениум.
Во неговите слики, цртежи, рељефи, скулптури, театарски костимографии и сценографии се редат актери од сите слоеви на цивилизацијата: шпанскиот благородник Дон Кихот, Достоевски, Бах, Бетовен. Адам и Ева се исто така живи во опусот на Георгиевски, како и светото тројоство, драмата на распнувањето и оплакувањето.
Мотивите на старите чевли, лебот, камењата, сувите лисја потсетуваат на трагите на човековото постоење. Владимир Георгиевски исто така создал сценографски и костимографски решенија за преку 30 театарски претстави во Македонија и во земјите на поранешна Југославија.
Самостојни излагања имал во Скопје, Белград, Истанбул, Виена, Рим, Киев, Софија и Санкт Петерсбург.