X
 27.05.2017 Здравје

Голем исчекор во медицината: еден лек против сите типови малигни болести


Колаж од неколку фотографии од доктори и пациенти
(Фото: Profimedia)

Сонот за лекување на ракот со „аспирин“, односно со еден единствен лек сè уште е далеку од реалноста, но нова надеж за таква можност деновиве поттикна Американската агенција за храна и лекови (ФДА) која за првпат одобри лекување на малигни зболувања со лекот Keytrud (пембролизумаб), без оглед на органот каде се појавил туморот ако истиот има одредени генетски особености, односно доколку  со биомаркерите се докаже туморска микро-нестабилност или голем број мутации.

Имено, правило при лекувањето на ракот е да се применува терапија која има докажана успешност во лекување на определен заболен орган.

Сега за првпат, еден лек против рак би можел да се користи за лекување на поголем број органи под услов да постојат мутации, односно биомаркери кои се нарекуваат микросателитски нестабилни (МСИ-Х) или имаат таканаречен недостаток на поправка на неусогласеноста (дММР), односно голем број мутации.

„Ова е важен прв чекор во обидот за еднообразно лекување на ракот “, истакна Ричард Падзур, извршниот директор на Канцеларијата за хематологија и онкологија  во Центарот за проценка и оценување на лекови при ФДА. Тој додава дека ФДА досега одобрувала лекови за лекување на одредени органи за кои студиите им ја докажале ефикасноста, а сегашното одобрение се темели на докази добиени со туморски  биомаркери без оглед  на кој орган се наоѓа туморот.

Инаку, имунолошкиот лек пембролизумаб дејствува на  начин што се насочува кон клеточниот пат  кој во медицината е познат како ПД-1/ПД-Л1, кој се појавува во некои клетки во органите, но и во туморските клетки. Лекот го блокира тој пат и му помага на имунолошкиот систем на пациентот во борбата против малигните клетки.

Од ФДА соопштија дека следните шест месеци ќе ја следат сигурноста и ефикасноста на лекувањето со Keytrud со новото упатство за примена, со цел дополнително да се утврди ефикасноста на лекот при широка примена, за да се потврди одобрението.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје