X
 01.06.2017 Образование

Реакции од читатели: Со „Кембриџ“ децата не добиваат трајни знаења... учат само за оценка!

Истражувањето на Педагошки факултет во Скопје во кое учествувале 137 наставници покажало дека 83, 94 отсто од наставниците покажуваат големо незадоволство од „Кембриџ“ програмата, а само 16,06 отсто ја прифаќаат како добра. Нашата анкета, пак покажа дека 87,4 отсто од учесниците сметаат дека од учењето од учење според Кебриџ нема да добиеме квалитетно образовани деца. Само 3,5 отсто сметаат спротивно од нив, додека 9,1 отсто одговорија дека немаат изградено мислење за проблемот


Фото: Pixabay

„Секоја чест за текстот. Браво! Почит за професорката што го напиша ова“. Ова се само дел од реакциите на нашите читатели на писмото „Десетте апсурди на ,Кембриџ’ програмата“ кое неодамна во нашата редакција го испрати проф. д-р Розалина Попова-Коскарова, професор на Педагошки факултет во Скопје. Писмото, пак, беше една од најсилните реакции на анонимната анкета на Факултети.мк во која запрашавме колку нашите граѓани се задоволни од реформите во образованието „Кембриџ“ кои Министерството за образование и наука почна да ги спроведува пред три години.

Проф. д-р Попова-Коскарова изложи десет аргументи низ кои објаснува и најодговорно тврди дека „Кембриџ“ програмата „е сѐ, само не квалитет во образованието“.

Интересно е што во деветата точка таа ги изложува резултатите од нивното истражување, од кои очигледно е дека наставниците покажуваат големо незадоволство од „Кембриџ“ програмите. Нивните резултати скоро да се поклопуваат со резултатите кои ги покажа анкетата на Факултети.мк.

Проф. д-р Попова-Коскарова вели:
- Нашето истражување на 137 наставници покажа дека 83, 94 отсто од наставниците покажуваат големо незадоволство од „Кембриџ“ програмата, а само 16,06 отсто ја прифаќаат како добра.

На нашата анкета одговорија вкупно 1.461 читател, од кои 87,4 отсто (односно 1.259 учесници) сметаат дека од учењето од учење според Кебриџ нема да добиеме квалитетно образовани деца. Само 3,5 отсто сметаат спротивно од нив, додека 9,1 отсто (131 читател) одговорија дека немаат изградено мислење за проблемот.

Реакциите на читателите беа причина и да објавиме интервју со актуелната директорка на нашето Биро за развој на образованието, Весна Хорватовиќ, во кое таа, пак, ја бранеше реформата.

Во продолжение пренесуваме неколку ставови на нашите читатели кои го поздравија јавно искажаниот и аргументиран став на проф. д-р Розалина Попова-Коскарова.

Читателка, која очигледно е директно вклучена во образовниот систем вели:
- Целата програма е пропаст, ама на кого да му се докаже. Еден пример: учиме за магнет-компас без да ги учиме страните на светот. Учиме вулкани и карпи, а не она што им е блиско на децата. Математиката е посебна приказна. Ако сакаш да уништиш еден народ, уништи му го образованието.

Друга читателка вели:
- Ние си имавме прекрасен систем во образованието... можеше само да се надгради, не да се преземе во буквална смисла се што е од „Кембриџ“... Не сме ние таму, не се ни тие ваму за да имаме исто гледиште и ист систем на образование.

Читател од малцинските заедници во земјава вели:
- Професорката потенцира за многуте грешки во преведувањето од англиски на македонски јазик. Добро што реагира. И треба да се преведуват од стручњаци. Но, треба да знаете, и книгите што се на македонски јазик кога се преведуват на други етнички јазици во Македонија имаат многу грешки.

Некои од читателите се осврнуваат на долгорочните последици. Така еден од нив вели:
- Целта е мисловниот процес да се замени со просто помнење на небитни податоци и од децата да се направат програмирани единки кои слепо ќе го одржуваат системот. Ништо не е случајно...

Во коментарите, една читателка вели:
- „Кембриџ“ програмата е најголемото промашување во образованието досега, почнувајќи од учебници, работни тетратки, превод и најважно - не е прилагодена за возраста на децата. Имам впечаток дека децата не добиваат трајни знаења... учат само за оценка, што е најстрашно...
Подготвил: В.Ф.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование