X
 02.06.2017 Култура

Морфов е добитник на наградата на МНТ-Фест за исклучителни естетски достигнувања во областа на театарот

Бугарскиот режисер со светско реноме, Александар Морфов е добитник на наградата на МНТ-Фест за исклучителни естетски достигнувања во областа на театарот. Ќе му биде врачена на отворањето на меѓународниот фестивал, на 3 јуни, во 20 часот, со премиерата на неговата „Ничија земја“, работена според сценариото на Данис Тановиќ.



Александар Морфов е режисер кого критиката го оценува како визионер на новото театарско време и автор којшто во секоја своја претстава ги истражува и открива новите методи и изразни средства на актерската игра. Неговата сценска естетика е оригинална и во својата основа ја има епската форма. За неговите врвни достигнувања сведочат и големиот број награди и признанија за неговата работа.

Александар Морфов (56) дипломирал на отсекот за Театарска и куклена режија и на отсекот за Филмска режија. Од 1994 до 2000 год. работел како главен режисер во Народниот театар „Иван Вазов“ во Бугарија. Први претстави на Морфов во Народниот театар „Иван Вазов“ биле неговата оригинална верзија на „Дон Кихот“ според делото на Сервантес и преработената верзија на Бура. Тие го означиле почетокот на еден цел нов процес на привлекување млада и современа публика во театарот. Со следната продукција „Сон на летната ноќ“ од Шекспир, Александар Морфов станал еден од најпопуларните театарски режисери во Бугарија.

Неколку негови претстави се паметат и во Русија. Морфов е и филмски режисер и сценарист.

Добитник е на наградите „Аскеер“ и „Икар“ за режија. Има добиено повеќе од 20 меѓународни и најпрестижни руски театарски награди („Златна маска“, „Златен суфит“,„Златна муза“, „Галеб“, „Кристален Турандот“ и др.). Во МНТ лани ја режираше „Животот е прекрасен“, една од најбараните претсави во последната сезона во театарот.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура