X
 02.06.2017 Здравје

Што вети новата Влада за здравството: Повисоки плати за лекарите, укинување на болничка партиципација, повеќе лекови на државен трошок, висококвалитетни вакцини...

Достапен, квалитетен и долгорочно-финансиски одржлив здравствен систем, а граѓаните негов приоритет, како и зајакнато чувство и одговорност на поединецот за сопственото здравје и здравјето на другите, ветува новата Влада во својата програма, која ја достави до Собранието. Меѓу најавените мерки се намалување на преобемната административна работа на здравствените работници и укинување на партиципацијата за болничко лекување, повеќе лекови на државен трошок...



За да се спречи одливот на медицинскиот кадар од јавното здравство Владата, стои во програмата, ќе обезбедат нормални услови за работење и повисоки плати.

Владата планира и широка експертска дебата за потребите и придобивките од вакцинацијата, заедно со набавка на висококвалитетни вакцини.

Новите министри се заложиле да работат на јакнење на капацитетите на стоматолошката здравствена заштита во системот, реално, а не само на хартија, како што се вели, спроведување на програмите за рано откривање на малигните заболувања, а цел ќе им биде и обезбедување матичен гинеколог за секоја жена во Македонија. Во програмата се планира и формирање Фонд за финансирање на лекувањето во странство на деца до 18 години кој ќе мора итно да ги носи неопходните одлуки, ослободен од политички и министерски притисоци.

- Основните плати на сите здравствени работници ќе бидат двојно зголемени до крајот на мандатот. До 2020 година платите на докторите специјалисти во терциерното здравство скалесто ќе се зголемуваат и ќе изнесуваат минимум 100.000 денари, односно 1.600 евра – се вели во програмата.

„Мој термин“, пак, треба да се замени со систем кој ќе гарантира брза и квалитетна здравствена заштита на секое ниво, со точно утврдени рокови и обврски.

Нов, современ и функционален Универзитетски клинички центар во Скопје кој ќе гарантира високо квалитетни здравствени услуги на населението во целата држава и ќе го врати концептот на единствен Универзитетски клинички центар во кој клиниките ќе бидат функционално поврзани, меѓу другото, е исто така една од целите на новата Влада.

- Во тесна соработка со здруженијата на родители за деца со ретки болести и по- себни потреби Владата ќе предложи нови законски регулативи со кои ќе се овозможи грижата за оваа чувствителна категорија да биде посеопфатна, и посигурна – стои во програмата.

Во неа се планира и да се надмине состојбата со немање на лекови на рецепт после 15-ти во месецот, оневозможување на злоупотреба на пропишаните рецепти и фиктивно трошење на месечните квоти за набавка на лекови, навремената набавка на инсулин за болните од дијабетес, како и годишна ревизија на листата на лекови кои паѓаат на товар на Фонд за здравствено осигурување, со внесување на нови лекови во неа и гарантирана застапеност на сите оние од есенцијалната листа. Ќе се залага и барем еден вид на орална контрацепција да биде ставен на позитивната листа.

- Владата итно ќе подготви Акциски план за финансиска консолидација на јавните здравствени установи и предлог за користење на ресурсите на приватните болници, за услуги кои во моментов ги нема во јавното здравство, преку склучување на дого- вори- стои во програмата.

Новиот министер за здравство, Арбен Таравари, кој доаѓа од редовите на Алијансата за Албанците и е невролог на Клиниката за неврологија изјави дека ќе биде укинат и системот за плаќање по успешност на лекарите, а ќе се изнајде нов начин за да се вреднува нивната работа.
Подготвил: Н.Ф.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје