X
 07.06.2017 Образование

Децата во Србија на екскурзии одат од две годишна возраст, нашите првпат сами во шесто одделение

Дали би го пуштиле своето две -три годишно дете само на неколку дневно патување со групата од градинка? Во соседна Србија децата имаат по неколку вакви патувања во текот на годината и може да се пријават и деца на две годишна возраст. Ние како земја не сме многу либерални околу ова прашање. Нашите деца, за првпат одат самостојно неколку дневно патување дури во шесто одделение, на 11 годишна возраст. Градинките воопшто не нудат вакви аранжмани, освен еднодневните излети во Зоолошка градина, излет во природа или некоја детска претстава.



Елена П. Македонка која живее во Белград ни објасни дека не само што нејзиниот две и пол годишен син одел сам и по неколку дена на патување со децата од градинка, постои можност и еден викенд во неделата да преспие во установата.

- Во приватната градинка во која оди мојот син програмата е прилагодена на Монтесори моделот. Акцентот е на поттикнување на индивидуалноста на децата и осамостојување од мали нозе. Покрај вообичаените зимување и летување, се практикува патување и во есен и пролет кога децата одат на неколкудневна посета на некоја фарма, планински домови, салаши и сл. Интересно е што во таквите активности може да се вклучат деца и од две години, па дури и помали. Настрана од ова децата еднаш неделно одат на организирани посети на музеи, јавни установи, Зоолошка градина, кино, театар - вели Елена.

Ноќевање во градинката за време на викенд е уште една поволност која ја имаат српските градинки. Така родителите ќе имаат време за себе, а децата се учат на самостојност. Ова особено е корисно за брачните парови кои немаат каде да го остават детето на чување,како што е примерот со Елена и нејзиното семејство. Таа ни објасни дека во Србија немаат баби или дедовци кои може да им помогнат со чување дете преку викенд.

- Еднаш во месецот има викенд ноќевања со тематска забава како на пример цветен карневал, палачинкијада, раскажување бајки, маскембал, изработка на украси, народни песни и ора, костимирани забави, театарски претстави, музички концерти. Сето ова , плус дополнителните спортски активности нудат богата програма која може да се адаптира на интересните и омилените места на секое дете - вели таа.

Ваква практика во Србија постоела отсекогаш. Четириесет годишниот Бранимир Ѓокиќ кој има четири и пол годишен син и две годишна ќерка вели дека синот само што се вратил од седумдневен одмор на планината Тара. Децата биле сместени во детско одморалиште, а тој навистина се вчудоневиди кога слушна дека ваква практика нема во Македонија.

- Дури и јас сум одел на вакви патувања од градинка. Мене моите ме пуштиле првпат на две и пол години. Инаку, децата патуваат во лето и на пролет, а се плаќа на рати и е доста поволно. Децата уживаат, дишат чист воздух, си играат, добро е за стекнување самодоверба и за осамостојување - вели Ѓокиќ.

Нашите деца, за разлика од оние во Србија, првпат на организирано неколку дневно патување одат во шесто одделение. Наставничката Татијана Блажевска вели дека некои родители и на таа возраст не ги пуштаат децата сами. - Не верувам дека кај нас некој би пуштил дете само на организирано патување на претшколска возраст. Верувајте, има многу деца што ниту во основно училиште не ги пуштаат родителите на екскурзиите, па првпат одат сами во средно. Инаку, секако дека е добра практика, но треба многу посериозна организација, повеќе кадар да оди со нив на патувањето. Наставничките во градинка едвај се справуваат со децата бидејќи една е на 20. Треба убаво да се разработи како концепт, да се видат практиките во другите земји - вели Блажевска.
Подготвил: М.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование