X
 09.06.2017 Образование

Што вети новата Влада за образование? Ревизија на учебниците, намалување на предметите и враќање на автономијата на универзитетите

Владата во својата програма најавува и воведување на задолжително едногодишно предучилишно образование, како интеграциска мерка и подготовка на децата за влез во 9-годишното основно образование.



Развивање на интегриран систем на образование кој ќе влијае врз зголемување на економскиот раст и продуктивноста на трудот и ќе ги зголемува шансите на младите за квалитетни работни места, задолжително едногодишно предучилишно образование, ревизија на сите учебници, намалување на предметите во средно и основно, како и на просечниот број на ученици во паралелка...  Ова се само дел од ветувањата на новата Влада за подобрување на состојбите во образованието.

Растеретување на наставните содржини


Дека се потребни итни и сеопфатни реформи на образованието покажуваат и последните резултати од ПИСА тестирањето на учениците во земјава . Токму поради ваквите резултати, Владата на премиерот Зоран Заев ветува широка јавна расправа во која ќе учествуваат сите субјекти во образованието, граѓанските организации и професионалните здруженија, а  концептот што ќе произлезе од таа сеопфатна анализа ќе започне со имплементација во 2018 година. Планот е користејќи ги туѓите продуктивни искуства и добри практики, да се изгради сопствен концепт на образование, соодветен на нашите потреби и можности, почитувајќи ги европските стандарди.
Растеретување на наставните содржини и намалување на оптовареноста на учениците во основното и во средното образование е уште едно од ветувањата кое треба да ги оствари новата Влада . Во фокус ќе бидат математичките и јазичните вештини и предмети, важни за развивање на клучните компетенции кај децата. Просечниот број на ученици по паралелка ќе изнесува 25 ученици.

Со оглед на тоа што екстерното тестирање е веќе укинато, планот е да се воведе евалуација и тестирања на учениците, но без дополнително внесување на оценки во нивните свидетелства и без казни за наставниците. Вреднувањето на стекнатото знаење ќе се спроведува континуирано. На оние училишта што ќе покажат послаби резултати, ќе им биде дадена помош и поддршка за унапредување на наставата.  Владата во својата програма најавува и воведување на задолжително едногодишно предучилишно образование, како интеграциска мерка и подготовка на децата за влез во 9-годишното основно образование.
Владата ќе понуди средно образование кое трае две, три или четири години. Ќе се задржи класичното гимназиско образование и четиригодишното стручно образование, но ќе се воведе и можност за завршување после втора и трета година кај стручното образование.  
- Промената ќе биде во тоа што на пазарот на трудот првите кадри ќе се вклучат по две или три години средно стручно образование, на 17-годишна возраст. Имено, оние кои сакаат да се вклучат на пазарот на трудот не треба непотребно да ги задржуваме во образовниот систем, често со послаби остварени резултати во погорните нивоа на образование. На тие млади луѓе ќе им овозможиме брз влез во стопанството и време за созревање и планирање на сопствената деловна кариера, со можности за подоцнежно дошколување - пишува во програмата.
Наместо политика на казни, Владата ќе промовира политика на награди и стимулации. Вработените во најдобрите 5 проценти  основни и 10 проценти средни училишта, како и наставници чии ученици ќе освојат награда на градски и државни натпревари, ќе добиваат 20 проценти поголема плата во текот на наредните 12 месеци.
Во рок од една година, државни комисии составени од универзитетски професори и поддржани од Министерството за образование и наука, ќе ги евалуираат сите учебници за основно и за средно образование и ќе постават јасни правила кои  мора да се почитуваат. Ќе се повлечат од употреба учебниците кои имаат суштински грешки во материјата и кои се несоодветни за возраста на учениците. Истовремено, ќе спроведеме ослободување на наставните предмети од непотребни и штетни содржини, особено од оние што поттикнуваат агресивност, нетолеранција, омраза и дискриминација. Најголем дел од учебниците и другите помагала ќе бидат достапни во електронска форма.

Нов начин на финансирање и управување со универзитетите


Владата ветува и враќање на автономијата на универзитетот и достоинството на професорите, при што државните универзитети ќе бидат целосно одговорни за функционирање на високото образование според уставните и законските одредби. Владата ќе предложи нов начин на управување со универзитетот, што ќе доведе до поефикасен и потранспарентен универзитет.
Владата ќе формира државен фонд за истражување и развој со кој досегашното буџетско финансирање кое е минимално (0,2% од БДП – петнаесет пати помалку од препораките на стратегијата Европа 2020) и ќе го зголеми за 50 отсто во првиот буџет, со цел на крајот на мандатот Македонија да издвојува помеѓу 1  и 1,5% од БДП за истражување и развој.
Со изготвување на Национална рамка на квалификации, во план е овозможување и поврзување на студиските програми што ги нудат високообразовните институции со стопанството и со пазарот на труд.

Владата ќе предложи нов начин на финансирање и на управување со универзитетите. Законот за високо образование ќе претрпи целосна ревизија, со можност за носење сосема нов закон за високо образование, низ широка дебата. Ќе се укинат драконските казнени одредби, што сега според нив се користат за заплашување на универзитетскиот кадар и за ограничување на универзитетската автономија.

Обезбедувањето квалитет на високото образование ќе биде врвен приоритет.
- Во партнерство со академската заедница, ќе се ревидира системот за универзитетска акредитација и евалуација, согласно европските стандарди и насоки за обезбедување квалитет, со особено внимание на регулираните професии и на професионалното високо образование. Низ призмата на овие стандарди, ќе се преиспита квалитетот на дисперзираните студии и на приватните универзитети, како и нивната општествено-економска оправданост и потреба - пишува во програмата.
Ќе се преиспитаат и овластувањата на ректорите, деканите и директорите, а не како сега да се концентрирани и извршни.
На најдобрите дипломирани студенти ќе им се даде можност, под менторство на поискусните наставници, да волонтираат како наставен кадар во основното и во средното образование, во период од 1-2 години.
Владата ветува и изградба на студентски град во Скопје, со комплетно нови модерни архитектонски и хортикултурни решенија, како и функционални содржини: спортски сали, читални, библиотеки, ресторани, кино-сали  и фитнес-центри.


Бирото за развој ќе прерасне во Институт


Бирото за развој на образованието ќе се преструктуира и ќе прерасне во Институт за развој на образованието.
- Ова ќе биде државен образовен „тинк-тенк“ во чии рамки ќе работат повеќе сектори кои постојано ќе дизајнираат истражувања во сферата на образованието, со цел подобрување на квалитетот на образовниот процес - се вели во програмата.
Подготвил: М.Ф

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование