X
 13.06.2017 Образование

Дефицитарни кадри, а нема интерес за упис: Скопје годинава доби само тројца нови водоводџии

Скопје и скопскиот регион годинава ќе добијат само тројца нови водоводџии. Во средното училиште „8-ми Септември“ само тројца матуранти завршиле на насоката водоинсталатер. Состојбата не е ништо подбра и со браварите, заварувачите, машинските техничари. Ако ништо не се смени во догледно време и интересот за упис на младите на овие насоки не се зголеми, во земјава ќе нема кој да ги работи овие професии. Кога ќе ви затреба професионален плочкар, заварувач, водоводџија, ѕидар или столар ќе мора сами да си ја завршите работата. Да биде иронијата уште поголема, токму за овие професии има работа и таа станува сè поплатена. Професорката по македонски јазик во СУГС „8-ми Септември“, Јадранка Ангеловска-Дута вели дека многу компании се јавуваат во училиштето да побараат кадар за вработување.



- Многу познати компании нудат работа за сите насоки, од бравари, заварувачи, машински техничари, до водоводџии. Ние им даваме податоци од матурираните, но за жал тие се бројат на прсти. Неодамна еден матурант се вработи за плата од 30.000 денари. Не само што се барани, овие професии се и добро платени. Многу ми е тешко кога на компаниите ќе им кажеме дека нема кадар. Тие едноставно не може да најдат работници - вели таа.

Инаку, во ова училиште има повеќе насоки, но се запишуваат само по пет- шест ученици. Најпопуларна насока е техничар за компјутерско управување каде на албански наставен јазик има 30, а на македонски 15 ученици. Учениците од сите други насоки се спојуваат во една паралелка за да може да се држи настава.

- Главниот проблем сметам дека е во општиот став дека ова се професии кои не се ценети во општетсвото, не носат некој општествен статус. Тоа е сосема погрешно мислење. Затоа родителите треба да влијаат кај децата, да ги учиме дека ова се ценети професии кои ќе им понудат добра заработувачка и постојана работа. За жал гимназиите се преполни, сите се запишуваат таму и најголемата вина ја гледам кај родителите и начинот на кој се воспитуваат младите - вели Ангеловска - Дута.
Таа смета дека и институциите, пред сè Град Скопје треба да посвети повеќе внимание на афирмација на средните стручни училишта и овие професии и децата за нив и за нивното значење да се едуцираат во основните училишта. Потребна е државна стратегија за афирмирање на дефицитарните професии.

- Нашето училиште располага со одлични услови за настава, имаме современи кабинети за практична настава. Тие што ќе излезат оттука веднаш може самостојно да работат и веднаш да се вработат. Исто така овие професии нудат можности и за самостојна работа и отварање на сопствен бизнис. Затоа апелирам до родителите добро да размислат пред да влијаат на било каков начин при одлуката на своето дете за упис во средно училиште - објаснува Ангеловска - Дута.


За кои професии има работа?

Според Агенцијата за вработување на Македонија ова професиите со завршено средно образование за кои има слободните работни места: шивач, продавач, шивач на текстил, оператор на полуавтоматска машина, градежен работник, возач на камион (на автобус, товарно возило, такси, лесни доставни возила), келнер, обезбедувач(заштита на имот и лица), бравар, кројач, заварувач, готвач, шанкер, пекар, помошник готвач, кондитори, бармен,  ракувач со градежни машини, ѕидар, столар, електричар за одржување, монтер на градежни елементи, автомеханичар, електромонтер, армирач, фасадер, електроинсталатер, водоинсталатер.
      
Подготвил: М.Ф

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование