X
 17.06.2017 Култура

Ќе се паметат сите ваши хирови и лични интереси - порачаа прилепските актери!

Овој фестивал е поголем од сите нас. Во историјата ќе останат сите ваши одлуки, но исто така кај публиката и целата театарска фела ќе останат во меморијата сите ваши хирови и лични интереси. Оваа публика заслужува многу повеќе. Со надеж дека нештата во македонскиот театар ќе тргнат на подобро, се поклонуваме на нашата публика која останува единствен наш меродавен оценувач – одекна пораката што актерот Владимир Ѓоргијоски, во името на ансамблот на прилепскиот театар, ја пренесе на затворањето на 52.фестивал „Војдан Чернодрински“. Публиката во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, со аплаузи ја поздрави пораката на актерите што ја добија наградата за колективна игра и за најдобра сценографија, со претставата „Figurae Veneris Historiae“ („Љубовни пози на историјата“) во режија на Наташа Поплавска.


Фото: Тера 

Жирито во состав: Митко Маџунков, Братислав Димитров, Слободан Деспотовски.

За најдобра претстава беше прогласена „Трудна приказна“ на Театар Комедија до Скопје. Оваа претсава доби уште четири награди: за најдобра женска улога за Јелена Жугиќ, за најдобра машка и женска епизодна улога за Жарко Димоски и Ева Скендеровска, а драмскиот автор Благица Секуловска за најдобар текст.

Наградата за режија ја доби Љупчо Ѓорѓиевски за претставата „Лазаревото писмо“ што ја изведе штипскиот театар. Најдобар актер е Јовица Михајловски за улогата на Шајлок во претставата „Венецијанскиот трговец“ на Драмскиот театар. Наградата за млад актер „Трајко Чоревски“ ја доби Стефан Вујисиќ за улогата на Порција во претставата „Венецијанскиот трговец“ на Драмски театар, а најдобра млада актерка и е доделена на Сања Русеска за улогата на Мира во претставата „Хај-фај“ во изведба на кумановскиот театар.

Награди за најдобри костими и за најдобар рекламен материјал доби „Ана Комнена“ на велешкиот театар. Наградата за најдобра музика доби Марјан Неќак за претставата „Лазаревото писмо“, а Турскиот театар со претставата „Отело“ ја понесе наградата за кореографија и сценски движења.

Уметнички директор на фестивалот од 2007 година е актерот Петар Темелковски.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Култура