X
 20.06.2017 Образование

Разговор со Филип и Алекс, студенти на Харвард: Универзитетот нѐ подготвува за кариера каде било во светот

-Ако има некој македонски средношколец кој мисли дека не може да студира во Америка поради финансии, ве охрабрувам да прочитате за „Need Blind” колеџите во Америка, нудат големи стипендии базирани на примањата на вашите родители – вели дваесет и едногодишниот Филип Бујароски кој студира компјутерски науки со секундарна економија, на престижниот универзитет „Харвард”. На студии во Америка е веќе три години, а е сместен во еден од 12-те големи студентски интернати на универзитетот – „Mather House”. Вели по завршувањето на средно образование, решил да студира надвор од државава најмногу поради перцепцијата дека образованието во странство ќе му овозможи повеќе прилики за личен и професионален развој. Сакал да студира на некој светски универзитет кој ќе го подготви за живот и кариера било каде во светот. Таквото образование смета дека го добива на „Харвад”.



-Мислам дека во Македонија нема можност да добијам флексибилно и либерално образование како што нудат некои од американските универзитети. На пример, јас во моментов студирам компјутерски науки, меѓутоа паралелно на тоа како секундарна диплома добивам и диплома по економија. Колеџот ми дозволува да земам предмети на сите факултети, со тоа што, кредитите од нив важат подеднакво за дипломирањето. На пример, голем дел од предметите по компјутерски науки имаат испити кои студентите ги полагаат на компјутер, каде што можат да користат било какви белешки и интернет за време на испитот. Иако е така испитите се доволно тешки за студентите – не е лесно да се завршат, дури и во такви услови.

Филип, ни раскажа дека речиси сите професори имаат консултации два часа неделно. Оние пак, кои немаат закажани термини за консултации, достапни се за средба доколку студентот се најави. На катедрата за компјутерски науки е полесно да се добие пракса, бидејќи е поле кое се шири, со тоа се повеќе компании бараат практиканти. Тој веќе неколку пати бил практикант.

-Летниот период, после прва и втора година работев како практикант во инженерскиот тим во „Doubledutch” во Сан Франциско, Калифорнија. Ова лето ќе работам 10 недели во „Bridgewater Associates”, една од најголемите финансиски институции во светот. Со оваа пракса се надевам дека ќе можам да ги поврзам интересите во компјутерски науки и економија и ќе работам на компјутерска систематизација за правење на инвестициони одлуки. Стипендиите на „Харвард” се базираат исклучиво на финансиите кои се достапни на родителите и на ученикот. Ова значи дека кога се аплицира на „Харвард” се кажува “Моите родители заработуваат толку и јас можам да платам само мал дел од цената”. Харвард” потоа ја разгледува апликацијата и кажува „Во ред, ние мислиме дека ти можеш да платиш одредена сума, а ние ќе го покриеме останатото”. Како студент кој доаѓа од Македонија, ова најчесто значи дека „Харвард” ќе го покрие најголемиот дел од трошоците за факултет. Без стипендија, факултетот чини околу седумдесет илјади американски долари годишно. Меѓутоа, околу 70% од студентите на „Харвард” добиваат финансиска помош од факултетот. Доколку има некој македонски средношколец кој мисли дека не може да студира во Америка поради финансии, ве охрабрувам да прочитате за „Need Blind” колеџите во Америка, нудат големи стипендии базирани на примањата на вашите родители – вели тој.

За стипендијата Филип раскажува дека покрива голем дел од трошоците како за часови, сместување. Меѓутоа за кои намени ќе се потрошат патите од стипендијата одлучува студентот.После дипломирањето Филип нема план да продолжи веднаш со студии, но и да донесе таква одлука би се дообразувал во странство. За неколку години вели дека би размислил да оди на „Business School”. За студентскиот живот на „Харвад”, во Америка вели дека му се допаѓа, оди на забавите каде има потивка музика во која ужива, а повеќето од студентите времето го минуваат на собиранки во интернатот, гледаат филмови, се забавуваат. Таму запознал многу млади меѓу кои и Алекс Кауфман, кој потекнува од северниот дел на Њујорк, Чапакуа. Се сретнале на универитетот првата недела од почетокот на школувањето. Уште тогаш знаеле дека ќе станат пријатели. Минатиот месец Алек дојде во Македонија на гости кај Филип, во неговото родно место Скопје. За една недела колку престојувал во земјава Алекс вели дека со Филип го посетиле Водно, а биле и на Охридското Езеро, Матка, Кокино.



- Филип беше исклучителен туристички водич и претставник од Македонија. Покажа неверојатна топлина и гостопримство. Бев длабоко почестен да поминам извесно време со него и неговите блиски и во тоа што ми ја прикажаа својата убава земја. Многу интересно беше да се запозне македонскиот народ и неговата голема култура – вели Алекс. Од патувањето во Македонија со себе во Њујорк, Алекс ги однесе убавите сеќавања, разговори и смеа споделена со пријателите и семејството на Филип. Имено тој само што заврши трета година на насоката молекуларна и клеточна биологија и економија на универзитетот „Харвард”. Универзитетот според него е институција на либерални вештини, каде акцентот се става на методи со кои студентите се запознаваат со спротивставени мислења од своите колеги и како да извршат серија на задачи што ќе треба да ги користат професионално. Искуствата ќе ни помогнат да се сочиме со реалниот свет и проблеми. Тој раскажува дека е задоволен од оценките и успехот, но уште поважно му е тоа што извршувајќи ја својата академска и професионална едукација стекнал пријателства за кои верува дека ќе траат.

-На „Харвард” сосема е лесно да пристапите до вашите професори. Преку испраќање порака е-мејл, одење во нивната канцеларија во работното време или да излезете на јадење. Среќен сум дека создадов некои лични врски со професори,на кои јас им се восхитувам и убеден сум дека овие контакти ќе траат многу години.Харвард, има традиција како семестрална факултетска вечера, каде што студентите можат да поканат професори од факултет на вечера во своите куќи. Лесно е и да се сретнеш со добитници на Нобелова награда, високи претставници на Белата куќа и познати автори.

Приоритет му е да стекне работно искуство, за како што вели да му почне професионалната кариера. Својата иднина понатаму ја гледа на доедукација, а најверојатно тоа било на МБА или магистерски степен по молекуларна биологија. Филип и Алекс наскоро повторно ќе се сретнат на универзитетот на кој од Македонија во моментов како што вели Филип се двајца студенти на додипломски студии во сите четири години. Од Балканот веројатно има околу триесетина во сите четири години.
Подготвил: В.М.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование