X
 27.06.2017 Образование

ДПИ одлучи: Ректорот незаконито и неправилно постапил со неизборот на проф. Ивановски за декан на Стоматолошкиот факултет

Државниот просветен инспекторат утврдил низа незаконитости и неправилности во работата на ректорот на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј”, проф. д-р Никола Јанкуловски за неизборот на проф. д-р Ќиро Ивановски за декан на Стоматолошкиот факултет во Скопје како и за поставувањето на в.д. декан на овој факултет.



Мнозинството членови на Наставно-научниот совет на Стоматолошкиот факултет на 4.5.2017 година доставија барање до инспекторатот за преиспитување на Решението на ректорот Јанкуловски за поставување на в.д. декан на факултетот, со оглед дека уште во декември минатата година, тие го утврдија проф. д-р Ќиро Ивановски за декан на Стоматолошкиот факултет.

Постапувајќи по нивната претставка, инспекторатот  утврдил дека ректорот не се изјаснил за кандидатот кој што го утврдил Стоматолошкиот факултет и спротивно на Законот и Статутот именувал в.д. декан на нивниот факултет.

Упатените велат дека согласно Законот за просветната инспекција ректорот Јанкуловски има должност во рок од 8 дена од приемот на  Решението на инспекторатот да постапи по истото и да ги отстрани сторените незаконитости и неправилности. Имено, должен е да донесе одлука за избор на проф. д-р Ќиро Ивановски за декан на факултетот и истата да ја достави до Универзитетскиот сенат за потврдување. Во спротивно Сенатот е должен да поведе постапка против ректорот за негово разрешување и да иницираат постапка за утврдување на кривична одговорност за нестручно и несовесно работење.

Во изминатиот период, професорите, асистентите, научните соработници, студентите и специјализантите на Стоматолошкиот факултет со отворени писма се обратија до Ректорот да го почитува принципот на универзитетска автономија и предупредија на непочитувањето на Законот за високото образование и Статутот на Универзитетот. Дел од професорите упатија и писмо до ректорот за мирно решавање на настанатиот спор, но ректорот не одговори на нивните апели. Иако и дел од медиумите се обидоа да побараат негов став за случајот, Ректорот одлучи да молчи.

ПРИЛОГ: Известување од ДПИ

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование